Пораснаа инвестициите, чекаме повеќе
Странските инвестиции, заклучно со ноември 2011 година, се искачија до 287 милиони евра
Се подобрува македонската инвестициска слика, но се' уште сме далеку од „бум“. Странските инвестиции во минатата година се искачија до 287 милиони евра, заклучно со ноември. Тоа е за околу 150 милиони евра повеќе во споредба со единаесетте месеци од претходната година.
Последните податоци што ги објави вчера Народна банка на Македонија покажуваат дека над 300 милиони евра лани влегле како акционерски капитал и реинвестирана добивка, но странските компании имаат и побарувања од 24,4 милиони евра и обврски од 10 милиони евра кон своите матични компании. Тоа значи дека дале кредити кон своите мајки-фирми од 24,4 милиони евра, но зеле заеми од 10 милиони евра, со што се доаѓа до вкупниот износ на инвестиции од 287 милиони евра за единаесет месеци во 2011 година.
Може да се заклучи дека, сепак, минатогодишната слика е далеку подобра од претходните две, кога малку пари имаше во графата за инвестиран свеж странски капитал, бидејќи повеќето од средствата влегуваа во делот на побарувања и обврски на странските компании кон своите мајки-фирми. Всушност, 2009 и 2010 година беа меѓу најслабите години по влез на странски капитал, од 145, односно 159 милиони евра.
Иако минатата година е подобра од претходните две, се' уште не може да зборуваме за некој инвестициски бум кој толку долго го чекаме.
Со странски директни инвестиции од околу 287 милиони евра излегува дека Македонија лани успеала да привлече само мал дел од странските инвестиции во светот, кои според Обединетите нации изнесувале 1,509 милијарди долари.
Прогнозите, пак, за 2012 година на глобално ниво се дека инвестициите ќе растат. Такви се и владините најави. Неодамна од Владата беше соопштено дека десет странски компании би можеле да инвестираат во земјава до средината на годинава. Една од најголемите и најзвучните инвестиции што ги чекаме е онаа на компанијата чие име се' уште не се открива, но се знае дека ќе произведува електрични инсталации и кабли за автомобилите на „Мерцедес“ во Германија. Оваа компанија треба да отвори 4.000 работни места во наредните три години. Годинава ја чекаме и белгиската компанија „Ван Хол“ за производство на автобуси. Таа се очекува да инвестира 20 милиони евра и да обезбеди 400 вработувања. Освен веќе активните „Џонсон контролс“ и „Џонсон Мети“, во „Бунарџик“ годинава ги чекаме да проработат и американската „Кемет електроникс“, потоа италијанската „Технокозе“, како и руската „Продис“ и индиската, „Мадерсан груп“. „Џонсон контролс“, пак, од октомври лани ја почна работата со втората фабрика во слободната економска зона во Штип. Од март годинава таа треба да почне со редовно производство на навлаки за автомобилски седишта. Моментално се ангажирани околу 70 работници, а нивниот број до лето треба да се зголеми на 300, а веќе следната година да достигне и до 1.400.
http://utrinski.com.mk/?ItemID=1E2FE5500382694C943CEA9101E7E57C