ЃОРГЕ ИВАНОВ, КАНДИДАТ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДРЖАВАТА
Лагите и интригите не заслужуваат одговори Можен е компромис за името само тогаш кога нема да биде на штета на интересите на државата, на идентитетот и на македонскиот јазик
Бик во хороскоп, вљубеник во рокот од 60-тите, во џезот од 70-тите и во звукот доведен до совршенство. Упорен е и трпелив. Кога сака нешто да купи, а нема пари, тогаш самиот го прави. Како надежен, млад политичар, прерано се „закачи“ со македонската политичка елита, токму кога во Источна Европа се уриваше комунизмот. Етикетите „Словенец“ и „анархолиберал“ нема да бидат претешки за младите плеќи, но ќе станат решавачки за вртење нова страница во животот и основна причина, наместо во политичките води, да продолжи со сопствена едукација како најдобра животна инвестиција.
Ова е приближно најкраткиот бекграунд на универзитетскиот професор и кандидат на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, Ѓорге Иванов, чија номинација за многумина на домашната политичка сцена беше вистинско изненадување.На партиската конвенција својата кандидатура ја посвети на генерацијата на синот Иван. Симболично, и тој и Македонија годинава слават полнолетство.
- Тоа е генерација на слободни Македонци, луѓе родени во слободна Македонија. Секојпат кога сакам тоа да им го објаснам на студентите ја користам метафората со Мојсеј, кој ги спасил Евреите од ропство. За мисловна гимнастика ги прашувам колку треба со автомобил да стигнете од Египет до Израел. Неколку часа. Со велосипед, неколку дена, а пеш, неколку недели. Мојсеј ги носел Евреите 40 години. Зошто? Зашто сфатил дека само луѓето родени во слобода знаат да ја чуваат и да бранат. Луѓе родени како робови никогаш не ја знаат вредноста на слободата и тие целиот живот се робови, и ментално. Ние денес, иако живееме во слобода, се' уште имаме луѓе ментални робови или луѓе кои се склони на доброволно ропство и на покорување на идеи што некој им ги нуди како апсолутни вистини.
НАМЕСТО ВРАБОТУВАЊЕ - НА УЛИЦА
Професор Иванов е роден во Валандово во 1960 година. По завршувањето на основното и средното образование доаѓа во Скопје, каде што со татко си и со братот сами градат куќа. Завршил Правен факултет, а првото вработување му било во Валандово - референт. Активен е и во општествено-политичкиот живот. Токму тој ангажман ќе биде решавачки да се соочи со идеите што тогаш доминираа во Источна Европа - либерализација, слободен пазар, политички плурализам, цивилно општество, европеизација, пад на Берлинскиот ѕид, уништување на едноумието. Но во тогашна Це-Ка доминира дебатата за прогон на граѓанската десница. Максималната ангажираност во „Млад борец“ и во „Студентски збор“ му се враќа како бумеранг.
Подоцна дознава дека за неговото име биле залепени етикетите „Словенец“ и „анархолиберал“, па наместо вработување во една од институциите, останува на улица. Непосакуван за Це-Ка и за Социјалистичкиот сојуз. Ја остава политиката и решава да инвестира во себе. Од 2001 година е раководител на политичките студии на Правниот факултет, а од лани претседател на Одборот за акредитација на високото образование на Македонија. Со синот Иван и сопругата Маја, вработена во Агенцијата за цивилна воздушна пловидба, живеат во трисобен стан во Скопје.
Со годините се менуваат и политичките идоли. Како млад, тоа му биле револуционери, луѓе полни со енергија, со ентузијазам. Подоцна приматот го преземаат луѓе што зрачат со цврстина и оставаат силни пораки. Оттука и предизвикот да ги проучува биографиите на американските претседатели - личности што оставиле трага создавајќи го тој систем. Ги истакнува Кенеди, Рузвелт, Линколн, Вашингтон. Од европските политичари, на пиедесталот го става Черчил, човек што создал антифашистичката коалиција и знаел што значи да се бориш за сопствената држава, она што денес го викаат националист. Го издвојува и Вацлав Хавел, кој со ум, знаење и со искуството знаел да ги сплоти интелектуалците и да ја изведе „кадифената“ револуција.
АНАЛИЗИ НА ДЛАНКА
Работниот ден Иванов го почнува рано. Утрото му е посветено прво за читање на сите анализи посветени на Македонија, што редовно ги добива од своите многубројни пријатели низ светот. Потоа следуваат подготовките и наставата на факултетот. Кога ќе остане слободно време, се посветува на своето хоби - музиката. Семејно ужива во квалитетот на звукот, слушајќи рок и џез.
Не одбегнува да ги потенцира своите особености - позитивна, афирмативна, конструктивна личност подготвена да наоѓа конкретни решенија во секоја ситуација. Во тој контекст, вели дека никогаш не бил член на ниту една партија, па ни на СДСМ, етикета што и ден-денес го следи. Но им помагал на сите и, преку германските фондации, учествувал во нивното едуцирање. Со „Фридрих Еберет“ бил основач на школата за политички менаџмент во која се едуцирале сите нови, млади пратеници на СДСМ, како и сите пратеници на ДУИ во 2002 година. Преку „Фридрих Нојман“, пак, истото го правел и со либералните партии, а со „Конрад Аденауер“ и политичката академија и со ВМРО-ДПМНЕ.
- Етикетата од СДСМ веројатно се должи на тоа што тие се' уште имаат свест дека се' што е креативно им припаѓа ним, дека имаат право на сопственост на се' што е успешно во државата. Ги избркаа сите интелектуалци, слушнав дека на времето ги имале 500, и поради нивниот начин на водење на политиката и на државата останаа и станаа тоа што се. Така што, нив треба да ги прашате зошто ги оттргнале од себе луѓето што им помагале и им биле од корист - вели Иванов.
Неговите противкандидати во досегашниот тек од кампањата се фокусираат на два момента. Првиот, дека е партиски и послушник на премиерот Груевски и вториот, на немање искуство и капацитет да ја врши претседателската функција. Тврди дека ваквите обвинувања не го засегаат. На нив гледа како на офанзива на очајот, како на изјави на очајници, на луѓе-губитници, кои не сакаат да го признаат својот пораз и однапред бараат оправдување за нечиј успех. Не гледа дека треба да реплицира на лаги, инсинуации и интриги, зашто тие што ги пласираат се научени секогаш да иритираат и токму врз реакциите да ги градат ставовите и својата политика.
- Не им го овозможувам тоа и не сакам да влегувам во нивните игри и сплетки. Народот знае кој е кој, кој што направил и што постигнал и изборите се момент кога тој ја носи својата одлука. Народот се засити од лаги, клевети и веќе е доволно зрел за да оцени што е вистина, а што е лага - нагласува професор Иванов.
Опозицијата, за името на Иванов ја врза антиквизацијата. Тој настапува со темелно образложение и тргнува од фактот дека Македонија е членка на УНЕСКО и има обврска да го чува и негува историското наследство на своите простори на кои се родиле дури 16 византиски императори. Прашува дали ние сме виновни што тука со родила мајката на Филип, кој како долг спрема неа ја изградил Хераклеја, и дали сето тоа богатство треба да се закопа или да се остави некој да го краде и изнесува од државата. Посочува на заеднички подготвените книги со професор Светомир Шкариќ во кои се сместени политичките теории низ антиката и пак прашува: зарем повторно да веруваме на книгите што ни ги пишуваа во Белград за да ни отстранат дел од нашето верување и сеќавање и да не' направат луѓе со плиток корен за полесно да не' манипулираат. Се прашува зошто никој не го обвинува за тоа што го прави во врска со Византија и со Отоманската империја, дали тоа значи дека прави византизација или отоманизација!?
ДВОЈНА ФОРМУЛА ЗА ИМЕТО
- Антиквизацијата не е почната сега, како што велат. Фрчкоски како министер и за внатрешни и за надворешни работи, во министерствата внесуваше антички симболи. Земете ги копчињата на униформите на полицијата со сонцето од Вергина, земете ја листата на коњите што ги купи и прашајте кој е кумот на коњот што се вика Букефал. Или, чиј симбол е симболот на МНР кога рајските птици пијат од изворот на бесмртноста - повторно антички симбол. Прашајте кој ја донесе идејата за Хунзите во Македонија. Тоа е идејата на Ралев и на Фрчкоски. Тој го спои Ралев со Марина Дојчиновска да оди во Пакистан за да ја сними емисијата и токму тој на вечерата им држеше здравица на Хунзите. Букефализацијата и антиквизацијата се негов изум и не гледам причина зошто да се срами од тоа. Напротив, треба да продолжи, а не откажувајќи се од тоа што го правел да покажува дека е човек без карактер - вели Иванов.
За суштинското прашање врзано за името и решавање на спорот со Грција, визијата на Иванов се совпаѓа со партиските ставови и со употребата на двојната формула. Но, тој е категоричен дека неговиот став сите изминати години останува непроменет и гласи - можен е компромис само тогаш кога нема да биде на штета на интересите на државата, на идентитетот и на македонскиот јазик. Ја споменува и американската иницијатива од 2004 година, кога врз основа на ирската формула или двојната формула, беше понудена можност за решавање на спорот. Грците први ја одбија, а сега од неа се откажуваат и дел од нашите политичари. Иванов е дециден дека грчкото одбивање не значи оти ние не смееме да опстојуваме на неа. Смета дека тоа решение се покажало успешно во случајот со Ирците и Британците.
Убеден е дека кога се говори за решение на спорот за името работите мора да се гледаат од сите аспекти, со сите нови елементи. Не смее да се занемари дека многу универзитети во Европа и во САД работат на студија за целиот случај, дека Меѓународната кризна група за релативно кратко време излезе во два наврата со свои извештаи. По Букурешт има политички размислувања за менување на принципот за прием во членството во НАТО: наместо консензус, минус еден или минус два гласа. Ја споменува и последната изјава на поранешниот генерален секретар на алијансата, Џорџ Робертсон, кој смета дека е срамно што Македонија не доби покана за членство и дека тоа се должи на една срамна, заткулисна политика на Грција.
- Се бара начин како со тој проблем да продолжиме да живееме, како полека, чекор по чекор, да се најдат решенија што ќе доведат до одреден компромис -вели Иванов.
Тој е убеден дека на Македонија и' недостига државна стратегија во однос на името. Зашто, според него, веќе е евидентно дека не е само тоа проблем, туку дека ние треба да го менуваме и нашиот идентитет и јазик, Уставот и пасошот. Тезите за распад, според него, се стравови што опозицијата, односно СДСМ секогаш ги користи за да дојде на власт. Сите тие, според него, се пишувани кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите од тајните ју-служби.
- Доста со тие стравови. Тоа беше политика на една власт на која и' беше потребно Македонија да биде постојано со Србија, да нема пријателство со Бугарија, со Грција, со Албанија, па сега и со Косово. Фрчкоски е добро упатен во тоа, бидејќи како министер за внатрешни тој го имаше досието „Опера“ и знае што пишува во него. Да престане да не' заплашува со такви сценарија, зашто некој можеби ќе се посомнева дека и тој е дел од таа операција - вели Иванов.
Градењето единство и заедништво се основен елемент во неговата програма. Во општество максимално поделено по сите шевови, смета дека тоа може да го постигне со личниот пример. Досега успеал да сплоти, да им даде знаење и да убеди во тоа што е суштина на политиката 15 генерации студенти, различни и по религија и по етничка припадност. Долгогодишниот стаж во невладиниот сектор, промовирањето на идејата за мултиетничност, па и напишаното во предговорот на Охридскиот договор се доволни аргументи дека човек треба да се посвети на заедништвото. Смета дека сето тоа кажува кој е рецептот за иднината на Македонија. Претседателот е еден за сите, како што гласи неговиот изборен слоган. Мора да се соработува, да се комуницира, секогаш да се изнаоѓа време и начин за да се поттикнуваат позитивните примери, а негативните да се амортизираат.
ИНФО-Страв без пријателство
Доста со стравови. Тоа беше политика на една власт на која и' беше потребно Македонија да нема пријателство со Бугарија, со Грција, со Албанија, па сега и со Косово.Се наоѓа начин како со проблемот со името да продолжиме да живееме, да бараме компромис.Земете ја листата на коњите што ги купи Фрчкоски и прашајте кој е кумот на коњот што се вика Букефал.
Предраг Димитровски
извор