Македонија Од атентатот се офајдија Црвенковски, Фрчкоски и Грција
Автор: Мирка Велиновска
Оцената на Стојан Андов дека македонската политика е подземна активност има посебна вредност зашто доаѓа од инсајдер што во изминативе децении е во врвот или блиску до центарот на таквите подземни активности. Ова сведоштво нема да ни помогне многу при определувањето на овие избори, ама може да ни расветли многу настани, одлуки и постапки на политичките елити од минатото што имаат тешки реперкусии за државата до денешен ден. На пример, што е она што толку цврсто ги сврза лутите противници Петковски и Андов со Црвенковски и Фрчкоски, за првите двајца да ја напуштат удобната коалициска фотелја на два месеци пред самитот на НАТО во Букурешт и да прејдат во опозиција, по цена на јавна компромитација. Или, зошто Црвенковски реши да го кандидира за свој „наследник“ човекот кого го именуваше како напуштена љубовница? Одговорите на вакви прашања секогаш се во минатото. Во случајов, клучни настани (а особено дати) за демистификација на оваа „непринципиелна коалиција“ се периодот на подготовка и потпишување на Привремената спогодба, а особено нејзината ратификација во Собранието и атентатот врз претседателот Киро Глигоров.
По овие собитија, македонската политичка сцена драматично се прекомпонира. Атентатите не се случуваат туку така и секогаш имаат конкретни политички мотиви. Во случајов со Глигоров изгледа се поклопија и грчкиот интерес (да ги оствари своите стратегиски цели во поглед на Македонија) и интересот на една група амбициозни индивидуи во СДСМ што беа спремни тие грчки интереси да ги остварат, а за себе да обезбедат неограничена политичка моќ преку процесот на приватизацијата. Во обата процеси, очигледно Киро Глигоров стана вишок (и проблем) што требаше да биде отстранет (што се повтори и со смртта на Борис Трајковски во сомнителна авионска несреќа, а откако беа изведени уставните промени во 2001 година и следуваше законот за територијална поделба, кој Трајковски се закануваше дека нема да го потпише). Заеднички именител на обата настани со далекосежни последици е што СДСМ е на власт, а државните органи се необјасниво незаинтересирани за расветлување на инцидентите. За нив никој не понесува лична политичка одговорност. Напротив, истите ликови по секој ваков чин необјасниво напредуваат или ја зацврстуваат својата политичка позиција, односно, имаат евидентна политичка и материјална корист. Дополнителна небулоза е нивното необјасниво амнестирање од страна на т.н. невладин и медиумски сектор, но и од интересот на Обвинителството и МВР.
Така, Фрчкоски, по три месеци, при првата реконструкција на Владата на СДСМ, станува министер за надворешни работи и главен менаџер на грчко-македонските преговори, а Црвенковски, по авионската несреќа на Трајковски, само преминува од премиерската во претседателската фотелја, без да понесе одговорност за кој било од двата настани.
Техничка ратификација на далекосежен документ
И тајмингот кога се случуваат настани што предизвикуваат шокова состојба кај нацијата се прецизно одбрани. На пример, Привремената спогодба беше потпишана на 13 септември 1995 година, по многу натегања, а требаше да биде ратификувана во Собранието во рок од еден месец. Така, една недела пред 10 октомври, за кога беше закажана седницата за ратификација, но и големите демонстрации во организација на вонпарламентарната опозиција (ДП и ВМРО-ДПМНЕ), на 3 октомври „случајно“ се случи атентатот врз Киро Глигоров. Нормално, за колективни шокови состојби, вниманието на јавноста беше пренасочено кон атентатот, а ратификацијата се изврши рутински, без никаква дебата. Иако имаше место за сериозно преиспитување на македонската политика во поглед на „деталите“ од Привремената спогодба, кои беа недостапни за јавноста, а носеа сериозни консеквенци за државата. Така, и до денешен ден не е објаснето како дошло до тоа македонскиот анонимен преговарачки тим да ги прифати трите дополнителни барања на Грција што биле доставени буквално на минута пред потпишувањето на спогодбата, а се однесуваат на обврската на Македонија да признае дека симболот од Вергина е грчки, дека државата Македонија ќе ги попречува сите чекори на Македонците, жртви на егзодусот, да си ги остварат своите имотни и граѓански права и, согласноста државата Македонија самата да се деноминира и на својата амбасада во Грција да запише дека ја претставува ФИРОМ. Нашата дилема денес, а во светло на непристојното и невообичаено агресивно однесување на шефот на државата и неговиот кандидат за претседател Фрчкоски по прашањето на името и идентитетот, е какви сè други обврски можеби презела македонската политичка елита што во она време водела крајно нетранспарентна политика? И, дали во ваквиот вид тајни шашми, треба да ја бараме вистинската причина за политичкиот судир со Никола Груевски, а кој ги надминува рамките во кои се одвива политичката борба помеѓу власт и опозиција. Значи, нема никаква антиквизација или букефализација на македонската политика, но можно е да постојат уште тајно преземени обврски од страна на главните транзициски ликови за кои ние ништо не знаеме и кои, во претстојниот судски процес пред Меѓународниот суд, може да станат јавно добро што ќе ги искомпромитира нивните патриотски костуми. Да не заборавиме дека грчките политичари постојано тврдат дека нивните македонски колеги им ветиле, а не испорачале!!!
Засега не ни е јасно по каква шема се случува радикалната промена на претходно резолутните ставови на Бранко Црвенковски за двојната формула, воведувањето на некаква нова реалност во старите преговори за разликите околу името, воведувањето на идентитетот во некаков голем преговарачки пакет кој од 2001 година ни го носи медијаторот Нимиц, барањето гаранции за идентитет од политички партнери и меѓународни организации, ама е реално да се сомневаме дека Црвенковски има лични мотиви зошто сака брзо да го прифатиме грчкиот ултиматум за наше самоукинување.
Симболични бонуси за Македонија
Од содржината на Спогодбата во сите шест поглавја и 23 члена се гледа дека Македонија е нагрбачена со серија рестрикции и обврски, а Грција само со признавањето на границите на државава и обврската да не го попречува приемот на Македонија во меѓународните и регионалните организации. Бонус од „преговорите“ што ги олеснуваа Ричард Холбрук и Џејмс Пердју (олеснувач и во епизодата Рамковен договор) ни е единственото македонско барање на кое „тврдоглаво“ инсистира македонскиот преговарачки тим - Грција да го симне своето економско ембарго пред потпишувањето на спогодбата. Што е апсурдно, зашто тоа ќе се случеше по основа на пресудата на Европскиот суд на која Грција беше дадена од страна на земјите-членки на ЕУ (тогаш ЕЕЗ) зашто ги нарушуваше законите за слободна трговија на Унијата. Интересно, по истата „формула“ беше испреговаран и рамковниот договор со кој на Македонија и се „гарантираше“ крај на војната и територијален интегритет, а за возврат таа се обврза од темел да го промени Уставот, односно самата да ги поништи асномските придобивки по Втората светска војна. Ако се сеќавате, при неговото донесување, парламентарниот спикер, Стојан Андов, тврдоглаво инсистираше на „бонусот“ да била разоружена ОНА пред да биде прогласен новиот устав.
Симптоматично е за Македонија дека во клучни моменти преговорите се водат толку аматерски и лузерски што не може да биде случајност дури и ако се согласиме дека имаме неталентирани или неписмени политичари кои избираат исто толку неасолни експерти. Попрво се работи за подземна активност на подземната политика, која има прецизно зацртани етапи во остварувањето на крајната цел. На пример, последниот сет грчки барања со кои се условувало потпишувањето на Привремената спогодба, македонските „преговарачи“ го прифатиле за само три минути. А ист беше случајот и со рамковниот договор за кој, интелектуални услуги даваше „експертот“ Фрчкоски по принципот - ќе ви начкрабам што сакате, а на вас е после да го избуткате.
Па сепак, и покрај овие факти кои не доведоа до „новата реалност“ на Црвенковски, двете резолуции на Советот за безбедност, 845 и 817, Повелбата на ООН и Хелсиншката повелба за човековите права и меѓународното право велат дека „преговорите за името се однесуваат само за разликите околу името, а не и за самото име“. Тоа значи дека „секоја страна си ја задржува својата позиција околу ова прашање, но тоа не ја попречува натамошната меѓусебна комуникација“. Членот 5 од Спогодбата, пак, појаснува дека „никој, па ни ООН не може да определи ново име за „втората страна“ исто како што никој не може да ја натера Грција тоа име да го прифати“. Што логично упатува на решавање на спорот преку т.н. Ирска формула. Освен ако една или двете страни самоиницијативно (а под притисок) во меѓувреме не се откажат од своите права.
Под претпоставка дека би било ептен транспарентно ако во Македонија се случи уште една „сообраќајка“ или атентат за да се елиминира и Никола Груевски како нов неадаптибилен „вишок“, се чини дека на овие избори носителите на подземната македонска политика со сите средства, методи и разработени техники ќе се борат да се одржат во живот. Имено, имаат многу што да кријат и тоа во временски распон од 1993 до 2003 година. И во тоа е суштината на нивната жестока кампања за деноминација на Македонија.