Според мене овие неколку области би можеле да доведат кон подобро обрзование.
Психологија
Треба да се воведе ако не во основно барем во средно. Да сфатиме колку толку, од каде ни доаѓаат емоциите? што со нив? дали не водат во рационални одлуки? што се рационални одлуки а што ирационални? Мислам дека треба да имаме претстава барем колку толку за тоа како функционираме како луѓе, верувам дека сега барем 90% од популацијата не знае воопшто, а не затоа што е којзнае што, туку никогаш никој "немал потреба" од тоа. Затоа имаме самоубиства на тинејџери од љубов, од ситуации кои не можат да ги контролираат, а зошто? Затоа што не знаат како функционираат, и како да го избегнат тоа, или да го решат. Во старт, предметот граѓанско образование, кои го има во повеќе средни училишта, па и во основно би го заменил со нешто вакво.
Решавање на проблеми / Problem-solving
Учење на децата уште од мали како да решат некаков проблем на интересен и возбудлив начин ќе има многу голема улога. Значи учењето на решавање генерални проблеми така што ќе се учи детето како да му пристапи на проблемот уште од мали нозе е нешто многу значајно. Не е работата само во решавање на некои равенки, собирање, множење и делење...Треба да се научат децата да размислуваат со отворен ум и да им пристапуваат на проблемите со сигурност, а и да се учи зошто тој проблем се решава на тој начин. Многу различни проблеми од различни области, користат иста техника, која што е модифицирана за таа област. Суштината е да се сфати зошто таа техника се употребува така во таа област. И како би можела да се модифицира или да се употреби во некоја трета.
Креативност
Креативноста има клучна улога на претходно спомнатата област. Да се размислува отворено и да се создааваат нови идеи од самите ученици/студенти. Да се турка повеќе правење на индивидуални и тимски проекти во самата настава и учењето низ проекти, односно практично нешто да се создава...
Тимска работа
Во текот на професионалната работа секоја индивидуа ќе се среќава со двете претходно спомнати области. Меѓутоа, ретко која работна позиција ќе бара индивидуално мислење, или индивидуален труд. Затоа ќе треба да знаеме да работиме во тим со други луѓе, и тоа на начин каде што искрено ќе се заложуваме да придонесеме некаква вредност во таа група. А не да се обидуваме ние да бидеме "најдобриот работник" или пак да гледаме со љубомора кон другите во нашиот тим за тоа што имаат постигнато. Треба да знаеме да учиме од нив и сите заедно да ја зголемуваме вредноста што ја создава нашата група. Да има ефикасна комуникација и соработка помеѓу сите во групата. А за ова мислам дека ќе има голема улога и психологијата, која што ја напоменав како прва област. Сето ова мислам дека треба од мали нозе да се почне да се практикува, да има многу тимски активности во училиштата каде што учениците ќе работат заедно, ќе создаваат, ќе комуницираат на пријателски и убав начин. А со тоа ќе се развие и големо пријателство и надвор од училиштето. Па со еден удар две муви како велат. Бидејќи сите сме сведоци, какво ривалство може да постои меѓу учениците, и сме биле дел од тоа, дали од една или од друга страна.
Критичко размислување
Ова е многу важен аспект за сите. Мора да се убедат луѓето дека имаат право на глас, и да си го кажат своето мислење. Дали е правилно или не секако ќе одлучи мнозинството. Ама не треба да се остане замолчен. Организирање на училишни дебати, поврзани за доброто на училиштето би било одличен начин за зголемување на храброста да го кажат своето мислење.
Секако има уште многу работи кои може да се кажат, но да не одам ептен длабоко, поентата е дека се движиме кон иднина во која овие работи што ги имам спомнато ќе бидат клучни способности на една индивидуа, а исто така и за целата популација. Овие работи според мене најмногу се учат од сопственото искуство, но проблемот е што искуството наместо да почнеме да го создаваме од мали нозе ние почнуваме да го стекнуваме после завршување на факултет или средно(кој каде ќе заврши). А тоа многу голем проблем бидејќи веќе влегуваме во нешто од каде што нема назад, и грешките што ги правиме може да бидат катастрофални и за индивидуата а и за целата популација. А тоа и се случува. Требаат радикални промени во начинот на кој се одвива образованието, и тоа секаде. Ама јас, чисто се сомневам, и имам надеж, дека кај нас нешто ќе се промени во блиска иднина, за жал. Се гледа и по ситуацијава во која се наоѓаме.