Предлог на турски пратеник аминуван од премиерот Ердоган
Основање на Балкански парламент!
30 ноември 2011
Во идниот парламент, покрај домаќинот Турција, би се нашле: БИХ, Србија, Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Грција, Бугарија и Романија
Пратеникот во турскиот Парламент Рифат Саит, од редовите на владејачката АК партија на Ердоган, покрена иницијатива за воспоставување Парламентарно собрание на балканските држави (БАЛПА) со седиште во Измир, пишува дописникот на "Дневен аваз" од Истанбул. Според него, оваа интересна иницијатива малку кој во регионот на Измир, каде што живеат најмногу Турци со потекло од Балканот, оставила рамнодушен и е прва од ваков вид во историјата на парламентарна Турција. Во идниот Балкански парламент, покрај домаќинот Турција, би се нашле: БИХ, Србија, Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Грција, Бугарија и Романија.
Предлогот веќе бил испратен на одобрување во Министерството за надворешни работи и во моментов се чека ставот на шефот на дипломатијата, Ахмет Давутоглу. Доколку иницијативата помине, за неа веднаш ќе бидат информирани парламентите на спомнатите држави кои ќе треба да се изјаснат за предлогот. Според идејата на Саит, кој исто така потекнува од Балканот, првите членови би биле: академици, невладини организации, политичари, новинари, писатели и претставници на приватниот сектор, кои на овој начин би можеле побрзо да ги вложуваат своите пари во развојот на Балканот. Во нововоспоставениот парламент посебно внимание би им се давало на жените, чија застапеност би била 30 отсто од вкупниот состав.
Инаку Саит бил близок со Ердоган и за оваа идеја неодамна разговарале цели пет часови. По средбата со премиерот во Измир, Саит на новинарите им кажал дека "најголема помош очекува токму од Ердоган и партијата чиј е пратеник и помошник за регионот на турскиот Егеј. Рифат Саит по занимање е новинар и сопственик на весникот "Балкан" кој излегува во Измир во тираж од 5.000 примероци и воглавно се распродава во утринските часови.
http://www.vecer.com.mk/?ItemID=C4A41956A5D64F429C11688F23F6D412