Силно се сомневам Србија да влезе во сојуз со Турција
од 2009 та година
Србија и Турција потпишаа економски договори
28/10/2009
И покрај различните ставови во врска со Косово, двете земји развија стратешко партнерство.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград -- 28/10/09
Турскиот претседател Абдула Ѓул (лево) и српскиот претседател Борис Тадиќ во Белград. [AФП]
Турскиот претседател Абдула Ѓул во вторникот (27-ми октомври) ја заврши дводневната посета на Србија, за време на која беа потпишани неколку економски договори. Ѓул истакна дека турските претпријатија се заинтересирани за инвестирање во Србија, особено во инфраструктурата, со оглед на идеалната локација на Србија на Балканот.
Билатералните врски се силни, го увери тој српскиот колега Борис Тадиќ. „Иако ние [Србија и Турција] не делиме заедничка граница, живееме како добри соседи“, рече Ѓул.
Таа врска има пошироки импликации, истакна тој. „Сé додека односите меѓу Србија и Турција се вака добри, никој не треба да се плаши за мирот во регионот“, рече Ѓул.
Tадиќ додаде дека двете земји делат стратешки цели. „Силно се поддржуваме меѓу себе во тој процес на европска интеграција и соработуваме во рамките на програмата Партнерство за мир. Веруваме дека Турција е еден од најважните глобални фактори“, рече Тадиќ.
Потврдувајќи дека Србија никогаш нема да ја прифати независноста на Косово, Тадиќ истакна дека дипломатските односи на Анкара со Приштина не смеат да влијаат на турско-српските односи.
Турската делегација во Србија вклучуваше голем број претставници на бизнис заедницата и експерти за патна инфраструктура, како и експерти за трансформирање на воените аеродроми во цивилни. Турската и српската делегација потпишаа договори за економска, инфраструктурна, техничка, социјална и финансиска соработка.
Претходно, двете земји потпишаа договор за слободна трговија, кој ќе влезе во сила до крајот на оваа година.
Делегацијата, која ја сочинуваа претежно муслимански Турци, го посети и југозападниот регион Санџак, каде што живеат најголем број Бошњаци во Србија. Делегацијата ја пренесе подготвеноста на Турција да инвестира во изградбата автопат кој ќе поминува преку Санџак. Градоначалникот на Нови Пазар Мехо Махмутовиќ објави дека турски претпријатија ќе инвестираат во инфраструктурата на градот, која е моментно во лоша состојба.
За време на посетата на Ѓул, српското Министерство за економија и турското претпријатие Турк потпишаа договор за инвестирање во претпријатието, во јужниот српски спа-центар Бујановачка бања.
Белград им беше домаќин на важни странски претставници -- американскиот заменик-претседател Џо Биден ја посети земјата во мај, а рускиот претседател Дмитри Медведев го посети главниот град претходно овој месец.
Српските претставници беа во Кина во август -- посета која резултираше со потпишување договор за стратешка соработка.
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2009/10/28/feature-02
--- надополнето ---
Турција на балкански шопинг
Турците инвестираат во стратегиски сектори да ги зголемат економското и политичкото влијание во регионот. Турските инвестиции на Балканот сепак не успеваат да ги надминат инвестициите од ЕУ
Уште од 2001 година, министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Давутоглу, напиша документ наречен Стратегиска длабочина, во кој се назначени глобалните амбиции на Анкара, така што турската геополитичка положба мора да се согледа како средство за постепено отворање кон светот и преобразба на регионалното и глобалното влијание на Турција како европска, азиска, балканска, кавкаска, средноисточна и медитеранска држава.
Анкара има значајна финансиска моќ, а според податоците на Светската банка, турската економија се наоѓа на 17 место во светот со бруто-домашен производ (БДП) од речиси 465,6 милијарди евра. Турција веќе инвестираше милиони евра на Балканот, а повеќето од овие инвестиции се однесуваат на телекомуникациите, транспортната инфраструктура и банкарскиот сектор.
За време на првата официјална посета на Приштина во ноември годинава, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган нагласи дека турските компании сé повеќе се вклучени во транспортните проекти и во телекомуникацискиот сектор на Косово, додавајќи дека Турција е подготвена да преземе понатамошни чекори за да се осигури стабилноста на Балканот.
- Турција е дефинитивно заинтересирана да инвестира во стратегиските сектори на Балканот, како што се на пример телекомуникациите и аеродромите. Ова е дел од нивната економска стратегија, за да доминираат со клучните економски сектори на Балканот - вели Фади Хакура, експерт за турската кандидатура за пристап кон ЕУ и член на лондонскиот институт Четам хаус.
Анкара веќе ги оствари клучните купопродажни активности во регионот. Турската фирма „Лимак“ доби договор за управување со меѓународниот аеродром во Приштина во период од 20 години, а турските компании сега сакаат да го откупат и клучниот удел во приватизацијата на двете најголеми јавни компании во Приштина, енергетската корпорација на Косово и „Пошти и телекомуникации“ на Косово.
СРБИЈА ПОСЛЕДНА НА ЛИСТАТА НА ЖЕЛБИ
Додека Македонија и Бугарија привлекоа значаен интерес на турските инвеститори пред 2000 година, веќе половина од турските инвестиции во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и во Србија се остварени по 2005 година.
Според Министерството за финансии на Турција, место за најбитните турски инвестиции на Балканот е и Босна и Херцеговина. Последна на листата на желби е Србија.
Без разлика на ниското ниво на инвестиции од Анкара, турските експерти сепак нагласуваат дека Србија е држава од клучна важност за Балканот. Суха Умар, кој до септември 2010 година беше турски амбасадор во Србија, објаснува дека Белград е клучот на сигурноста на целиот регион.
- Доколку сакаме мир и стабилност, до нив нема да дојдеме ако и Србија не го сака истото. Ако сакаме да создаваме проблеми, ќе ни биде многу тешко да ги направиме без Србија. Поради тоа е Србија клучна земја, а Турција го препозна тоа - вели тој.
Анкара и Белград потпишаа Договор за слободна трговија, кој стана правосилен во септември 2010 година, отворајќи ја Србија за турските инвестиции и расчистувајќи го патот за безвизно патување на државјаните на овие две земји.
Анкара избра да оствари значајни инвестиции во немирниот и мнозинско муслимански Санџак, каде што голем дел граѓани имаат роднини во Турција, бидејќи многумина емигрираа во Турција за време на балканските војни додека слабееше Отоманската Империја.
Тоа вознемири некои немуслимани во Србија. Професорот Дарко Танасковиќ, експерт во областа на ориенталните студии на Универзитетот во Белград, а своевремено и амбасадор на Србија во Анкара, вели дека турските интереси во Србија се несомнено промуслимански.
- Србија не е партнер на Турција во овој регион. Таа позиција е резервирана за БиХ и Албанија, како и за муслиманската заедница во другите држави на Балканот, кои претставуваат постојана база и извор на регионалното турско влијание - вели тој.
Илир Деда, поранешен извршен директор на Косовскиот институт за стратегиски истражувања и развој КИПРЕД, гледа многу проблеми во повторното поставување на Турција во улога на клучен играч на Косово.
- Француските и германските компании ја напуштаат земјата, а основните средства на Косово им се даваат на Турците. Првото прашање што се наметнува од наведените околности е во која насока ќе тргне Косово. Дали ќе оди право во Азија, или, пак, во Европа - вели Деда.
Абдула Хамити, шеф на отсекот за ориентални студии на Универзитетот во Приштина, не се согласува со Деда, тврдејќи дека слободниот пазар не познава идеологија или, пак, политика. Тој мисли дека на зближувањето со Турција не би требало да се гледа како на чекор подалеку од Европа, затоа што една од клучните цели на Анкара е исто така зачленување во ЕУ. Тој исто така предупредува дека сé додека Турција има огромна економска моќ, Косово не би требало да се плаши од големото ниво на инвестиции од турските компании.
НАЈИНТЕРЕСНИ РОМАНИЈА И БУГАРИЈА
Хакура, од институтот Четам хаус, верува дека и покрај високото ниво на инвестиции, па и верските и културолошките врски со БиХ, Албанија и Косово, Турција е повеќе заинтересирана за поширокиот пазар, како што се на пример Романија и Бугарија.
- Романија е најголемиот трговски партнер на Турција на Балканот. БиХ и Косово се многу, премногу мали пазари за турските извозници - објаснува тој, додавајќи дека главните турски инвестиции се фокусирани на Средниот Исток.
Тој нагласува и дека севкупната трговија со Средниот Исток изнесува 23, 4 милијарди евра, што е многу повеќе отколку со сите балкански земји. Хакура се согласува дека Турција сака да биде голем играч на Балканот, но нагласува и дека ЕУ е и ќе остане најголемиот економски играч во регионот.
- Процесот на интеграција во ЕУ сé уште е најголемиот приоритет за Балканот. Ова се некои политички и економски ограничувања што ќе ја оневозможат Турција да стане водечки инвеститор во регионот - вели Хакура.
Турција го поднесе своето прво барање за прием во ЕУ во 1987 година. Обидите на Анкара да и се придружи на Унијата постојано ги одбиваше некоја од државите-членки на ЕУ, наведувајќи различни причини, а процесот во моментов е во состојба на мирување.
Продлабочување на постојните врски
Додека едни тврдат дека интересите на Турција на Балканот и во другите подрачја се одраз на настојувањата на Анкара да создаде алтернатива на членството во ЕУ, други веруваат дека Турција едноставно ги продлабочува постојните врски во регионот.
Лумир Абдихику, извршен директор на Институтот за развојно истражување, верува дека Анкара ги поддржува своите постојни интереси во регионот. Тој нагласува дека турските компании извезуваат значајни количества стоки во регионот, најмногу поради тоа што се добро упатени во локалната економска ситуација.
Абдихику нагласува дека поевтините турски производи се достапни на Балканот веќе подолго време, па и дека се многу популарни кај локалните купувачи поради тоа што можат да си ги дозволат. Балканските држави претставуваат пазар што нуди многу можности, а Турција во моментов е во добра ситуација да го искористи тоа.
Тој вели дека падот на грчките инвестиции во регионот и овозможи на Турција да влезе на пазарот, додека Атина се бори да ги плати долговите по глобалниот економски пад.
Додека турското економско и политичко влијание несомнено расте на Балканот, членството во ЕУ претставува централна цел за сите. Извештајот, кој во ноември 2010 го објави Европската иницијатива за стабилност, независен и непрофитен институт за истражување, односите помеѓу Турција и ЕУ ги споредува со католички брак. Тоа значи дека развод не доаѓа во предвид.
Авторите на тој извештај предвидуваат дури и дека ако Турција не се приклучи кон ЕУ во наредните 10 години, процесот ќе се продолжи понатаму. Единственото отворено прашање е дали оваа двојка ќе биде среќна или не.
Додека балканските држави се приспособуваат или се подготвуваат за членство во ЕУ, истото прашање би можело да се постави за обновените односи помеѓу Турција и нејзините бивши отомански територии.
Турскиот извоз на Балканот
Според податоците од Турското биро за статистика, вкупниот обем на извоз од Турција во земјите на Балканот, вклучувајќи ги Грција, Романија, Бугарија, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, во 2008 година изнесувал 8,17 милијарди евра. По глобалната економска криза, вкупниот увоз во наведените земји лани паднал на 5,22 милијарди евра. Во првата половина на 2010 година, Турција во земјите на Балканот увезла производи во вредност од 2,57 милијарди евра.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=12911119167&id=23&setIzdanie=22197