Рекордни 1.900 осудени лица се сместени во моментов во најстариот затвор на Балканот "Идризово", иако неговиот капацитет е 700 затвореници. За пренатрупаноста подолго време предупредуваат Народниот правобранител Иџет Мемети и Комитетот против тортура на ОН. На мака е и раководството на затворот, како и Управата за извршување санкции. Тие го чекаат реновирањето и изградбата на новите објекти во рамки на градежните зафати во "Идризово", кои не одат со посакуваната динамика.
Директорот на Казнено-поправниот дом "Идризово" Живко Пејковски, потврдувајќи ја за "Вест" рекордната бројка на осудени лица во историјата на објектот, вели дека затворениците мора да останат тука, бидејќи и останатите затвори во Македонија се веќе натрупани. За среќа, вели, затворениците ова лето на горештините биле мирни, бидејќи, нема веќе проблеми со водата за туширање и одржувањето на личната хигиена.
"Ги обновуваме пумпите за вода, кои се стари пола век", објаснува Пејковски.
Во текот на летните месеци, многу често осудените лица во најголемиот затвор во Македонија беа незадоволни, а некогаш и се бунтуваа. Нивното незадоволство беше, главно, од неможноста да се тушираат почесто во текот на неделата во жешките денови.
Народниот правобранител на секој настап во јавноста апелира да се реагира што побрзо за пренатрупаноста во "Идризово". Секоја година ги известува и Обединетите нации дека условите во затворите во Македонија, особено во најголемиот затвор, се нехумани.
"Сместувачките услови во казнено-поправните установи се под пропишаните стандарди, но и понатаму најголем проблем е пренатрупаноста, како и несоодветната здравствена заштита. Иако и претходно од надлежните институции беше најавувано преземање соодветни мерки за намалување на пренатрупаноста во затворите и подобрување на сместувачките капацитети, од посетите во овие установи и поплаките на осудените и притворените лица, неспорно произлегува заклучокот дека условите не само што не се подобрени, напротив тие се полоши од година во година", наведе Омбудсманот во извештајот за 2014 година, осврнувајќи се посебно на пренатрупаноста во "Идризово".
Проблемот со пренатрупаноста, предупреди тој, предизвикува и други негативни појави во затворите, во смисла на несоодветни сместувачки услови, лоша хигиена, неквалитетна храна, лоши услови во санитарните простории и слично.
"Во основа, надлежните институции ги прифаќаа укажувањата на
Народниот правобранител, но оценка е дека се вршат времени и незначителни подобрувања, а во суштина, проблемите останаа исти: во казнено-поправните установи
не функционираат посебни одделенија и во нив се сместуваат различни групи осудени лица, што не е препорачливо и влијае на ширењето на криминогената инфекција. Во Казнено-поправниот дом 'Идризово', во приемното одделение осудените лица немаат кревети, а во поголем дел од просториите се сместуваат и повеќе од 40 лица. Сместувањето во несоодветни услови, без обезбедени средства за ноќевање и над дозволениот број во една просторија претставува нехумано и понижувачко постапување, утврдено со праксата на Европскиот суд за човекови права. Исто така, во приемните одделенија се сместуваат лица подолго од три
месеци, а со уредна класификација, што наедно е спротивно на Законот за извршување на санкциите и меѓународните стандарди за сместување", наведува Народниот правобранител во извештајот.
Почна да се гради урнатиот ѕид
Надворешниот ѕид на затворот "Идризово", во должина од 140 метри, кој ноќта на 18 април годинава се урна од старост и, за среќа, никој од затворениците и стражарите не беше повреден, од завчера почна да се гради.
Директорот Живко Пејковски за "Вест" изјави дека се очекува за еден месец ѕидот да се изгради. Ни одговори дека за овие четири месеци додека траела тендерската постапка и подготовките на изведувачот, немало ниеден обид за бегство низ големата дупка, односно урнатина. Цело време неа ја обезбедувале припадници на МВР и на затворската единица за јавен ред и мир.
"Оваа ограда ќе се спои со делот од готовата ограда од 343 метри, која беше претходно изградена. Иако по закон мораше да се распише друг тендер и друг изведувач ќе го гради урнатиот дел, сепак, таа по изглед и структура ќе биде иста со готовата, која е дел од големиот проект за изградба на нов затвор", објаснува Пејковски.
http://vest.mk/default.asp?ItemID=DFAB434E36A0D14B99511FE82BEF9665