Што претставува Тициус - Бодеовиот закон?
Во осумнаесеттиот, деветнаесеттиот, па и дваесеттиот век, астрономијата како наука сé уште не била во целост Њутновска. Меѓу астрономите и филозофите сé уште владеело мислењето дека Сончевиот систем ги содржи само оние шест планети, познати уште од античко време: Меркур, Венера, Земја, Марс, Јупитер и Сатурн. Меѓутоа, кога во 1781 год. Вилијам Хершел (William Herschel) ја открил седмата планета - Уран, скоро сите биле убедени дека мора да постојат уште такви слични тела.
Додатен стимул пристигнал кога се сетиле дека девет години порано бил објавен еден математички куриозитет, познат како Тициус-Бодеов закон.
Имено, уште во 1766 год. еден пруски астроном, Јохан Тициус (Johann Titius), објавил еден “закон” кој говорел за оддалеченоста на планетите од Сонцето. Поради тоа што тој “закон” бил објавен само како кратка фуснота во една книга за општа наука, веројатно никогаш немало да стане општо познат, ако во 1772 год. еден друг германски научник, Јохан Боде (Johann Bode), не го дополнил и објавил.
Јохан БодеТој емпириски математички израз може едноставно да се опише вака:
Ги земаме броевите:
0, 3, 6, 12, 24, 48, 96, 192, 384
т.е. секој следен е двапати поголем од претходниот. Потоа на секој од нив му додаваме 4. Добиваме:
4, 7, 10, 16, 28, 52, 100, 196, 388.
Ако сега секој од добиените броеви го поделиме со 10 ќе добиеме:
0,4 0,7 1,0 1,6 2,8 5,2 10,0 19,6 38,8
при што секој број ја претставува просечната оддалеченост на планетите од Сонцето, изразено во астрономски единици (а.е.). Кога ќе се земе сé предвид, вредностите се зачудувачки прецизни. Вистинските просечни вредности се:
Меркур..........0,39
Венера..........0,72
Земја.............1,00
Марс..............1,52
Јупитер...........5,2
Сатурн..........9,54
Уран............19,19
Нептун..........30.0
Плутон........39,48
Целата работа која Боде ја предлагал, заедно со неговиот закон, не била сериозно прифатена во научните кругови, сé додека Хершел не објавил дека новооткриениот Уран се наоѓа во орбита оддалечена околу 19,2 а.е. - точно на местото кое било предвидено со Тициус-Бодеовиот закон!
Меѓутоа, се воочува една работа - Марс е на оддалеченост од 1,6, а Јупитер на точно 5,2 а.е. Тогаш што претставува вредноста 2,8 која се наоѓа помеѓу? Дали е тоа местото на орбитата на изгубената, хипотетичка планета Фетон? Астрономите организирале “ѕвездена полиција” со цел да ја откријат планетата за која се верувало дека е на тоа место. Повеќе од една година, небото било набљудувано од најмоќните телескопи во тоа време, но без резултат.
И тогаш, на 1 јануари 1801 год., сицилијанскиот астроном Џузепе Пјаци (Giuseppe Piazzi, кој и не учествувал во потрагата, туку ги средувал своите каталози на ѕвезди), ја открива првата мала планета (планетоид), наречена Церес, на оддалеченост од 2,767 а.е. на Тициус-Бодеовата скала. Нејзината големина била околу 960 km, а периодот на орбитирање 4,6 години. Така, дефинитивно било пополнето и последното празно место во Бодеовата низа. Подоцна, на тоа место се пронајдени огромен број на помали објекти, кои го сочинуваат познатиот астероиден појас, помеѓу Марс и Јупитер. По тоа откритие, до крајот на 1807 год., откриени се уште три помали објекти - Палас (1802), Јуно (1804) и Веста (1807).
На чуден начин, законот е прекршен во случајот со планетата Нептун, а на нејзино место, на предвидената вредност од 38,8 лежи орбитата на Плутон, со вистинска вредност од 39,48 а.е.
Денес, кога се говори за Тициус-Бодеовиот закон, научниците се сложуваат дека се работи за чиста математичка коинциденција, но правилноста во структурата на Сончевиот систем, како онаа која ја предвидел и изразил Бодеовиот закон, и фактот што сите планети кружат околу Сонцето во ист правец, сугерира на можноста целиот систем во почетокот да бил создаден со едноставен механички процес.
http://www.astronomija.com.mk/vest.asp?id=387