Секоја личност има уникатна натална карта која се состои од уникатна комбинација на планети, други астролошки тела, знаци (архетипови), куќи и аспекти, на сличен начин на кој секоја личност, како што има сличности со другите луѓе, така има и посебен склоп од разни личносни особини. Астрологијата е, едноставно кажано, симболизирана форма на личносни особини и функционира како јазик на потсвеста (јазикот на потсвеста се состои од симболи).
Дополнително, претпоставката не е дека планетите имаат ефект врз нас, туку дека постои одреден ред во универзумот, иако не го познаваме целосно. Условно кажано, не ја гледаме само планетата Земја како екосистем туку гледаме дека целиот универзум функционира хармонично, како еден голем екосистем. Она што се случува на макро ниво е паралелно со она што се случува на микро ниво. Како споредба: ако околината во која живеат луѓето е здрава, чиста, без загадување, здрава храна итн. тогаш и самите индивидуални организми ќе бидат здрави, паралелно на тоа и органите и клетките во организмот ќе бидат здрави; обратното исто така важи, здравите клетки значат здрави организми, здрави организми (психофизички, нели) значат здрава околина. Од тука, не е луда претпоставката дека од циклусите кои се случуваат на макро ниво, во вселената, можеме да дознаеме и нешто за она што се случува на микро ниво (исто како што можеме да дознаеме повеќе за квалитетот на живот во едно општество базирано на мал и статистички репрезентативен примерок граѓани).
Самото проучување на сите тие шеми и односи може да ни даде подлабоко разбирање за интеракциите во рамки на еден систем. А дури и да донесеме одлука да не тргаме од перспектива дека навистина се поврзани микро и макро системите, дури и да се преправаме дека ништо од ова нема врска со личноста за која ја гледаме наталната карта, астрологијата нуди прекрасна систематизација на архетипови и микс од нивни комбинации што можеме многу да учиме за психологијата на личноста, добивањето различни склопови на карактерни особини итн. Наведени сме да размислиме подлабоко и да ги земеме во предвид сите аспекти пред да донесеме суд за тоа каква е некоја личност.
Еве практично како би изледало тоа, рандом пример: ако имаме конфликт со некоја личност и таа личност е многу избувлива, може да се сетиме дека при некое проучување астрологија сме читале натална карта во која личноста имала некои аспекти на кои Марс (поврзано со агресивност, војна) и Месечината (поврзано со емоции) кои укажувале на можност да постојат некакви трауматични искуства од детство во кои се истакнала агресивноста како одбранбен механизам од чувствата на беспомошност. Ова би не навело да разбереме подобро од каде доаѓа таа личност и да ни даде ефикасна подлога за сочувство наместо осуда. Истото важи и за нас лично. Не значи дека мора да прифатиме натална карта како сосем точна за нас - едноставно, може да ја разгледаме и да се запрашаме разни нешта: како ова би можело да биде вистина за мене? Кој дел од мене се пронаоѓа во оваа шема или поставеност? Доколку не се пронаоѓам ова, како можам да си го надоградам личниот развој со негување на овие карактеристики? Дали ова е карактеристика која (не) ми се допаѓа кај други личности? Ако да, зошто? Да не редам, списокот со прашања е долг.