Дали на Македонија и треба Евровизија?!
"Дали на Македонија и треба Евровизија" е прашањето што по враќањето од Москва си го поставуваат одговорните луѓе во Македонската радиотелевизија, откако и годинава како и лани со една нога бевме во финале како десетти во полуфиналето, но не се пласирваме меѓу привилигираните 25 држави поради одлука на жирито.
"Во јули има генерална асамблеја на генерални директори на ЕБУ, каде ќе го изразам нашето незадоволство за начинот на гласање, како и незадоволството од користењето на референцата ФИРОМ. Ние сме рамноправа членка на ЕБУ и мора да разјасниме под кои услови во иднина ќе настапуваме на Евровизија. Втор пат се повторува истата приказна, испаѓаме поради жирито. Ќе побарам и поддршка и од другите национални куќи пријатели на МТВ", изјави на вчерашната прес-конференција, генералниот директор на МТВ, Ефтим Гаштев.
За евровизиското прашање и колку нам ни е потребен, тој музички натпевар МТВ планира да организира јавна дебата, да се чуе мислењето на сите релевантни фактори, за да се донесе конечна одлука дали следната година ќе не има на Евросонг во Норвешка или не.
Во МТВ сметаат дека Некст тајм и "Нешто што ќе остане на најдобар можен начин ја претставиле Македонија.
"Стефан и Мартин имаа фантастичен настап, беа сигурни во себе и во ниеден миг не ги издаде гласот и не ги совлада тремата. Каде и да се појавеја околу нив веднаш се собираа многу обожавателки, Стефан дури во интервју за грчката телевизија Стар ја натера новинарката со него да пее "Зајди, зајди". Цела делегација даде со од себе колку што ни беа можностите, Македонија во Москва да биде максимално испромовирана. Се случија работи кои не можевме да ги исконтролираме и не беа во наша моќ, бевме запоставени од жирито, но за неправдата што ни е нанесена дополнително ќе реагираме", вели Гаштев.
Мартин и Стефан им се заблогадарија на сите кои несебично ги поддржуваа и веруваа во нив, велејќи дека срцето го оставиле за Македонија во Москва.
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=CC65822997830D4D8CB8F181A207617A