Почитувани,
Во моментов сум комплетно разнежнет и релаксиран додека сум испружен на прекрасната ми фотеља, со очи едвај отворени, прсти расположени за танцување на мојот црн тастер подиум и уши отворени за изборот на музика на нашите драги Господин Исени и Ефенди Стојчевски. Им благодарам за тоа.
Некои работи во животот доаѓаат изненадно, мора да признаете. Обидете се да бидете дел од они луѓе кои знаат да го зграпчат моментот и не мислам на средните страници на “Вест“, туку на моментот кој ќе го препознаете како прекрасен, моментот на радост и на миговно совршенство кое најверојатно нема да трае вечно и до кајот на животот, но песимизмот оставете го за некои други емотивно дождливи денови, кога ќе се почувствувате како мене сега, идилично ко детска бајка која зборува за љубовта помеѓу мечето и зајчето... дозовлете му да на природниот оптимизам да завладее со вас, осетете се слободно како вистински кралеви на својот дворец, на вашиот мал прекрасен свет кој токму сега се случува во вашата глава, бидејќи колку и да сте добри или лоши луѓе, секој заслужува да се чувствува добро. Да бидам искрен, индиферентноста е таа која создава злоба и лоши дела, маката и среќата ги обединува луѓето. Затоа, со оглед на тоа дека тешки мигови сите ние имаме прилично често, овие кога се чувствувате како призор на кокиче во доцна зима кое вирее низ снегот и едвај црпи од ситните сончеви зраци што потсетуваат на прекрасната пролет, ценете ги и воздугнувајте ги на рамниште на кое заслужуваат. Бидете среќни со себе и опкружувањето... со ситуацијата, со сликата.
Во две илјади и втората ме прашаа дали мислам дека можам да развијам повторно чувства. Реков, нема шанси, се посветувам на обично вегетирање, јас сум одвнатре мртов. Но потоа малото човече ја здогледа водата, влезе и почна да вриска “се давам, се давам“ не сфаќајќи дека ги натопило само глуждовите. Третиот пат реков “Давење е кога ќе ги натопиш колениците“, и секако повторно згрешив.
Сега, повторно ме прашаа, дали можеш да развиш чувства?! Hun, реков, неколку пати се прелажав изјавувајќи дека емоциите биле и заминале и најверојатно нема да можам да ги изнајдам во мене повторно, но вистината е дека за да дојдеме до една точка каде повеќе нема да бидеме способни да сакаме треба многу, многу да поминеме во животот, дури би рекол... дури и со нозете да не го чувствуваме тлото ќе научиме инстинктивно да пливаме и ќе се одржиме на површината, бидејќи ние луѓето од животните се разликуваме по неколку работи, една од тие е користење на разумот и губење на истиот под прекрасните менгемски стеги на спротивниот пол. Ќе ми простат хомосексуалците за дискриминацијата, јас сакам девојка, колку и тоа да беше сомнително еден период.
Всушност, ако треба да се објаснувам што е како и зошто е, би рекол дека детерминизмот кој еднаш го пропагирав, проклето силно не држи сите нас под своите прсти и кој не се чувствува ко марионета тогаш нека ги преиспита своите дела последните неколку месеци да види дали времето, ѕвездите, автобусот кој не дојде, повикот во непријатно време, продавачката на ружи, подоцнежното нејзино јавување и пораното доаѓање на татко и` не направиле некаква сериозна промена во распоредот на нештата во нивниот живот. Да, вие сите сте моќни адвокати, прецизни економисти, доктори по науки и бубрези, но реално само тоа можете да продавате кога наречниците ќе ви откријат што ви напишале на третата вечер. Ќе мислите дека го контролирате својот живот, ќе мислите дека можете да се справите со сите детали и стиници кои ќе искочат на вашиот трнлив пат, но, соочете се, никогаш нема да можете да го смените фактот дека сите ваши евра потрошени во ексклузивни ресторани се безвредни во споредба со моќта на обичен отсјај на месечината од мирното море. Нешто кое не можете баш да го режирате, како што никогаш нема да можете да го режирате првото доаѓање во нејзиниот стан каде татко и` ќе дојде порано од работа па вашето запознавање ќе биде на “лизинг“ за кој вашата девојка во моментот ќе аплицира. Четириесет години подоцна, неговиот имот нема да може никако да припадне на момчето кое добиваше оралка од ќерка му на неговиот омилен двосед. Некои работи се бесценети, за се друго... ма знаете веќе.
Животот е навистина тежок, мачен и полн сопки. Но, кога конечно ќе успеете да се пронајдете себе си, ќе знаете што сакате од себе и кон што се стремите, пречките ќе ги прескокнувате како баричките пред Ристичева палата.