Да ти кажам дека пишав пост, и ми исчезна ради едно немарно back...
А беше полн, како срцево мое. И одењето пеш низ градов убав, што плаче за Љубов, не само како графит, ами и како референца од човек до човек. Кога ќе се потчукнеш со некого во автобус, на пешачки, да се засмееш, да речеш извини, пардон...
Нема. Драги мој, знаеш ли колку е мрачно кога одиш накај МКЦ по лична карта, и околу тебе има само магла и музика низ светилките? Дали сум себична што се плашам за мене и тебе? Како ние, како еден пар чорапи, испрани во различна машина за перење. Го мирисам градов, од некаде ми надојде Пино Силвестре, низ сиот тој смог. Осумдесетите на Скопје. Што не ги памтам, ама како да ги носам во кодот наречен друг живот. И пешки низ светот, молскавично, ко на поема од Коле Неделковски. Сите поети ми се појавија денес. Не можам, морам да разговарам со некого. И ете, сите трауми ќе ги испоречам по виртуелни ќошиња, по страници што можеби не допираат никого, или само некого. Кога тргнав накај Беко, жената што ги хранеше мачките личеше на некоја кукла од цртан филм. А мачките, уште посмешни. Јадев чоколатце, Најлепше Жељице, оние новине, со ѕвездичка, можда ќе ти се свиѓаат.
И свиреше Just Like Heaven од The Cure на слушалки. Јас, нежна и единствена, ти изгубен и осамен. И се претопивме, тогаш те видов, те почувствував, иако си тоооолку далеку. Па си ронам солзи ко што ронам трошки леб на прозорец за џивџаниве да не умрат од глад.
Мене нема кој да ми рони солзи. А животов се рони, и тоа не во трошки, ами во денови, недели, месеци.
Јас, вечно сум во чекалната на животот.
Секогаш чекам некого.
Секогаш сум асоцијација на Дом, на огниште, на црвено во очи, што од плач, тоа и од среќа. Зошто. Без прашалник. Зошто.
Зошто, о зошто, животе, ми создаде срце патувач - номад, а тело на една обична ќофтеста Скопјанка?
Немам одговори, за ништо. А зошто и би.
Просто, недостиг. Најголемо присуство на отсуство.
Би пишувала до утре, ама не можам.
Некако, што знам. Зар е важно.
М.