Ама леле.
Слободен ден, а јас во 8 кукурек. Зошто?
Скопје, на големо свршава, белузлави, застудува, замекнува срце, прави метании на срцето за да го гушнеш како наквасено маче и да му дадеш инекција против депресија.
Какао, Френк Синатра и поглед низ џам.
Луѓе, колку е убав снегот, онака, најклишеизирано!
Слободен ден. Доволно е.
Њоки од вчера, Хемингвеј на книголистание, скајп со љубовта, пак какао, редици тези и прераскажувања, црвен капут со копчиња од плексиглас, виолини во срце, на душа, мирис на дрвени лампиони и Љубов.
Ех...
Писанија. Убаво ми рече еднаш Ориѓански - Ана, ние сме шарлатани. Ништо не ни е сериозно, животот го сфаќаме како игра, песна, нота. Збор.
Иди биди неврохирург и спаси живот, пример.
Многу тешки мисли за толку лесен снег, верувам.
Но... Едноставно е. Во нежните нешта, се топат и најтешките зборови.
Ќе гледам некое филмче и пак ќе си се замотам во ќебе.
До мигот на соочување со надвор, цапањето со чизма и ракавици три броја поголеми.
Скопје.
Ах, сврши многу брзо.
М.