Ќе си умрам од што ме спопадна, конечно расположение наречено - празнично.
Френк Синатра на плеј листа, мирис на костени и уклучени сијалички на елката.
Зјапам во неа, си цугам какао и не ми е јасно кога пораснав.
Зошто не ми е веќе толку растресено срцето како порано.
Зошто ми треба мирис на старо дрво, фотоалбуми и спалната на дедо и баба за да евоцирам радост.
Каде по ѓаволите, го изгубивме оној интуитивен меур полн среќа!?
Меѓу паричникот и картичките. Кредитите и болките. Луѓето што сме ги добиле и изгубиле, како на лотарија. Сините модринки што некогаш значеле кавга со другарчето, сега се душевни измами.
Ме цеди времето, Животот, но што друго останува.
Да собирам соништа, да собирам приказни, да ги ставам во редици, да играм домино со нив. Да се радувам на сонцето што грее, на мрчот за дневните политички срања, да живеам како што знам и умеам.
Оти овој ден нема да се врати.
Солзите за ново фустанче пред 13 години исто така, кога баба ми ја пукаше склероза, татко ми доби шеќер и листата на приоритети дома беше скроз далеку од мојот фустан, нови чевли или што друго да е, требаа лекови, памперс.
Празници, време на солзи и меланхолија, на новост и чистина.
На евоцирање спомени, сеќавања на оние што ги нема или ги има а исто како да ги нема.
Снегот ќе покрие се’, верувам.
Дури и овие зборови, некогаш.
М.