Ретко кога нешто ме терало да се испразнам, онака квалитетно... Паметам само неколку поста на оваа тема кои сум ги напишал и за чудо, ми олеснало после тоа. И мислам дека тие биле до негде искрени. Ако нешто повеќе мразам, тоа е искреноста на форум. Контрадикторност. Читам некој пост кој делува искрено и се прашувам зошто еден член успева да се отвори пред цел свет? Зарем нема да му се нафрлат и да го отворат како паштета, нема да го етикетираат како лигуш, педер, дебил, овчар, морон, глупак? Зарем не е тоа поентата на форумот? Да мразиш имиња, а не личности кои стојат позади тоа? Често се прашувам како ли изгледаат тие луѓе во реалниот живот.
Постојат членови, кои да бидам искрен, ги презирам, ама сигурен сум дека надвор од форумот повеќето од нив се прекрасни. Доволно ми е да го помислам тоа. Никогаш во оваа 2011 година не влегов во сериозна дискусија со некој член надвор од подфорумот Филм и Тв. Често отварам форум и уживам само да го читам. Го читам наутро, често го читам преку ден ако сум слободен, а најчесто го читам навечер. Затоа што во оваа година не се сеќавам кога последно спиев мирно. Ме гризе совеста. Стигнав до тој период од животот кога се ќе ти стежне во еден момент. Сите грижи и обвинувања се собираат постепено и доаѓаат во исто време.
Ме гризе совеста затоа што никогаш не бев доволно среќен се додека животот ми удри една воспитна... Беше 13 март денот кога го промени мојот живот засекогаш.
Недела. Имаше сонце кога се разбудив. Го имав наместено алармот да ѕвони во 12 часот затоа што во 12:30 играа Милан - Бари. Колку само проклето јасно се сеќавам на тој ден... Години поминуваат, денови и минути никогаш... Ни век не може да донесе тоа што може да му го донесе минутата на еден обичен човек како мене.
Велат дека не знаеш што си имал се додека не го изгубиш. Се слагам со тоа, ама луѓето погрешно ја интерпретираат смислата на поговорката. Често ја користат кога станува збор за дечко/девојка. Тоа е погрешно. Само прост човек може да изгуби личност за после да сфати колку му значи...
Она за кое сакам да кажам е дека само здравјето го цениш откако ќе го изгубиш. Баталете секаков вид на изгубена комуникација, завршено другарство, раскината врска. Ништо, ама баш ништо не може да се мери со болката која ја имаш откако ќе сфатиш дека не си го ценел здравјето, а си го имал.
Често се прашувам зошто луѓето размислуваат за сериозни работи само кога ќе им се случи нешто лошо во животот? Зошто, барем во еден момент не бев среќен кога можев да трчам, да играм фудбал, да пливам и да правам уште триста работи...? Никогаш никој не се обиде да ми каже carpe diem, со сета сила и енергија. Иако потајно во себе го знаев тоа, си велев себе си дека има време... Ако денес не направив ништо, утре ќе направам. Мадиња рендани. Не правев никогаш ништо заради сопствена среќа. Не ни се посветував себе си целосно затоа што тоа го сметав за луксуз. Затоа што се плашев дека ќе бидам етикетиран како тежок егоист.
И мака ми е што барем малку не бев себичен, ќе ме спасеше од многу неволји. Сега ги гледам луѓето околу мене и им се восхитувам на нивната себичност. Никогаш нема да имаат мака.
Сега, после скоро 10 месеци од тој баксузен датум, јас сум друг човек. Пред една недела за прв пат играв фудбал... После толку време... Дадов еден гол. Бев пресреќен. Издржав само 30 минути и после не можев да земам душа, ама бев премногу среќен што истрчав барем 30 минути. Кога можев да играм и по 2-3 сати бев рамнодушен спрема животот, ама сега за тие триесет минути дадов се. Си ветив себе си дека другиот пат наместо 30 ќе се 35, следниот ќе бидат 40, се додека можам... се додека ја стигнам просечноста и рамнодушноста, ќе се борам.
Често гледам како луѓето околу мене се нервираат за глупости. И колку само не уживаат во работите кои им се подарени. Имам еден другар, има се што ќе посака и пак не е среќен. Се обидувам да го научам нешто од тоа што го научив јас, ама сфатив дека се додека луѓето не ја почувствуваат болката на себе, нема да сфатат ништо. Убавината на животот ја дознава човек само кога ќе се подружи со грдотата на животот. Исто како што убавината на една жена ја дознава човек само откако ќе ја воочи одвратноста кај некоја друга.
Сега ми сметаат луѓе на кои им сметаат непотребни работи.
Еднаш ги прочитав сите теми на членот што ги отвори "Низ призмата на...." ти реков ми рече и си велам поооо еј колку само се депримирав... После истиот отвори тема "Сум се разбудил денес" и го опиша светот како одвратно место за живеење.
Сигурен сум дека на тој форумџија, ако барем еднаш го заболе заб, онака силно и стигне до дереџе живецот да му го ваѓаат, кур нема да го здоболи повеќе за гладните во Африка, за битолските кабадаји и загадениот воздух во Скопје.
Се возам со автобус од ЈСП во вторник со еден другар и ме праша дали ми сметала миризбата и старците што се возеле гага. Него го нервирало тоа. О брате, јас поминав низ пеколот и назад, три пати оваа година, видов се и сешто, зарем тоа ќе ме изнервира сега? Не... Треба да сум тежок дебил и неблагодарник ако стигнам уште еднаш да ме изнервираат толку безначајни работи. Додека јас сум добар и се чувствувам добро во своето тело, можам да бидам над се.
Друго што сакав да кажам е дека истите тие луѓе се занимаваат со просечноста и обичноста на Македонецот. Марјан "комичарот" им го испра мозокот на луѓето. Откако се појави на јутуб и го опиша обичниот Македонец, луѓето му се поклонија и му ги бакнаа нозете. О Боже мој... Па во оваа земја луксуз е да се биде обичен. Секоја чест на тие што остануваат такви. Ја сакам обичноста на луѓето околу мене и можеби ќе звучам како искомплексиран егоист, ама сакам да ја достигнам. Сакам да станам сабајле и единствена дилема во денот да ми е со кого ќе пијам кафе и што ќе играм во кладилница. Исмејувањето на славите, манекенките, пијаниците, глупите луѓе, начинот на навивање... тоа е она што го прави Македонецот Македонец. Нема ништо смешно во тоа. Колку само обожавам слави, визити, напорни комшии, бурни навивачи, пијани луѓе... среќни луѓе. Тоа е она што нас не дели од Американците. Марјан успеа да им набие комплекси на квазиинтелектуалната маса и да ги направи Американци во само 10 клипа и сето тоа беше проследено со бурен аплауз.
А кога само би му кажал дека мојот бербер ми дава гратис бричење откако ќе ме ишиша, само затоа што ми е многу добар пријател и сум оставил почит кај него и затоа сум го стекнал тоа "гратис бричење". Секогаш кога сакам да му платам ми ги враќа рацете в џеб, седи, пријател ми си, не можам да ти земам пари. Дали тоа го има во било која друга земја на светов?
^ Е за вакви работи, драги мои, се живее. Заради вакви работи ја сакам нашава напатена држава. Затоа на некој начин сум и овде на форумов. Затоа што ми помогнале луѓе кои не ги ни знам, не знам ни како изгледаат, колку се високи, како мирисаат... Затоа што не е важно како изгледаат, важно е што претставуваат. Поради тоа форумов и покрај сите спамери, хејтери, тупаџии и банирани членови со нови јузери, вреди за цело поминато време. Затоа го сакам и Филм и Тв и е единствената причина зошто одамна не сум заминал одовде. Затоа што таму не ми е битно дали некој е Македонец или не, дали има 15 или 35 години, битно ми е што ќе научам од него и за што ќе дискутирам... А сум научил многу, сум дискутирал многу, сигурно и некој друг научил нешто од мене таму.
Пред еден месец кога се вратив дома, се качив на горниот спрат да земам некои филмови кога случајно го видов стрико ми како зборува на мобилен со некоја. - Чичо ништо не прам. - Чичо не ми е гајле, твоја работа - му реков. Live and let live.
Кога по 2 недели од тогаш пак се вратив дома, стрико ми спиеше на мојот кревет. Изгледа го јадел стапот. Јас легнав на троседот во дневната.
Другиот ден кога станав, отидов во мојата соба и видов дека стрико ми го нема, заминал по работи. Брат ми седеше на фејсбук, не отишол на школо затоа што не му се одело. Кога јас бев на негова возраст не ни помислував да отстапам школо... Бев ентузијаст. За џабе. Слегов долу и го начекав татко ми како го листа билтенот за да пише ливче, рече дека гледал типови на интернет и дека денес е денот кога ќе лапне 300 илјади денари. Со 20 денари сакаше да фати 5 илјади евра. Го обожавав поради тоа. Дедо ми беше во дворот и со неговото друштво уметници уште го пцуеја Тито... Се облеков за да одам на кафе кога баба ми ме праша кај одам. Одам да фатам негде у курац, и реков на заебанција. И кога и го реков тоа таа само ме погледна и рече "пред да одиш таму, да ти направам нешто за јадење, да не одиш гладен".
Е тогаш сфатив колку е убав животот. Тоа беше знакот што го чекав... 2011 слободно може да помине сега. И лошото со неа. Знам, сигурен сум, дека наредната ќе биде подобра.
"Се надевам дека луѓето нема да се истепаат меѓу себе, секој со секого, поради пари, поради љубомора, поради сиромаштија, поради завист, поради црни очи, плава крв, поради еден прст, поради два прста, поради среден прст... Поради Бог, поради различен Бог, поради ист Бог поради солидарност, поради глупавост, поради незнаење и примитивизам, поради тоа што треба - а зошто треба, тоа никој не го знае, а ако некој не го знае тогаш страв му е да праша за да не испадне глуп пред другите. Па и тој се смее, иако не го сфатил вицот. Па и тој се тепа, иако не знае зошто..." - Ж. Р.