Драга,
ми се прави една голема генералка. Таква што почнува од 7 наутро и завршува во 7 навечер. Таква, кога ги вадиш од долапчињата сите шолчиња, чаши и чинии па дури и кристалниот сервис што останал како подарок на твоите кога се вереле, да ги измиеш - да светнат! Не бидејќи некој ќе ги користи - оти нели, се чуваат за гости, туку онака, за кеиф. Сакам таква генералка, кога ги тргаш сите комоди, кревети, фотелји и шкафови и го бришеш грстот прашина што се собрал целана измината глупа година.
Добро ајде, не беше толку глупа..
Ми се прави таква генералка, скришум да ги исфрлам сите пластични кутии што ги чува мајка ми - оти нели, некогаш ќе затребаат, и да не ѝ кажам туку да чекам сама да дознае. После ќе се лути, ама со тек на време ќе увиди дека стварно 365 дена нема ни помислено на тие багабонти кои бесцелно го трошат местото во долапчињата на сите кујни. Но нема и во мојата!
Ми се прави генералка, таква кога ги вадиш сите алишта од плакарот. Оние кои не ги носам да ги дадам во Црвен Крст, да се најдат. А оние што ги носам уредно да си ги здиплам, потсвесно знаејќи дека таа уредност ќе трае - ако ми се посреќи - две, три недели.
Сега ми треба една таква генералка, кога се отепуваш од чистење толку многу да заборавиш на гладот, толку многу, да мислиш дека е само 15:00 часот, а е многу повеќе. Толку многу, едноставно да не мислиш на ништо.
Толку ми се прави генералка, што можам дури да го осетам ленорот на свежо перените пердиња.
Драга, ова што ти го пишав може ти е глупо, ама нејсе. Нека остане, да си го читам и да му се смеам после три години. Или утре.