Уставниот ќе пресече за границата
Договорот за границата меѓу Македонија и Косово, кој во саботата беше ратификуван од парламентите во Скопје и во Приштина, својот епилог ќе го има на Уставен суд, најави македонската опозиција. Претставници на СДСМ сметаат дека договорот е противуставен зашто на Косово му се отстапува територија повеќе од 150 метри, колку што е предвидено со Договорот за границата постигнат во 2001 година меѓу Скопје и Белград. А, за такви драстични промени, според нив, е потребно двотретинско мнозинство во парламентот и референдумско изјаснување. За договорот гласаа 72 пратеници и беше усвоен со просто мнозинство. Според членот 74 од Уставот за промена на границата е потребно двотретинско мнозинство во парламентот и гласање на референдум.
Опозицијата тврди дека на Косово му се отстапуваат дури 650 метри во длабина на македонска територија, додека претставници на Владата тврдат дека станува збор за 155 метри кај Дебалде, а ние ќе добиваме 160 метри кај Луково Поле.
- Иако не ги видовме топографските карти, сметам дека тој проблем треба да се затвори. Немаше валидна постапка, но мислам дека треба да поминеме преку се' и ова прашање да го затвориме - изјави вчера пратеникот Стојан Андов.
Претставник на Владата вчера за „Дневник“ изјави дека договорот е постигнат во рамките на Уставот. Тој притоа се повика на член 5 од Договорот за границата од 2001 година, односно на добиениот „мандат за нужно избалансирана корекција на границата“.
Дипломатски извори во двете престолнини велат дека договорот е постигнат со посредништвото на САД, ЕУ и на Меѓународната цивилна канцеларија во Приштина, и додаваат дека ако не бил тој меѓународен притисок, до договор не би се стигнало. Истите извори велат дека станува збор за „тајна американска дипломатија“, која резултира и со воспоставување дипломатски односи помеѓу двата соседа. Министрите за надворешни работи на двете земји веднаш откако договорот за границата беше ратификуван во рани зори во неделата потпишаа заедничко коминике за воспоставување дипломатски односи.
И на Косово работите со усвојувањето на Договорот не одеа мазно. Првиот обид тој да се изгласа пропадна, зашто не се успеа да се постигне двотретинско мнозинство, но во вториот обид власта обезбеди 81 глас, откако парламентарци имале состаноци со странските мисии.
Дневникот „Косова сот“ истакнува дека договорот ја задоволува Македонија, односно дека таа не само што не изгубила територија туку „добила најмалку 2.500 хектари косовска земја, онака како што е и предвидено со договорот што го потпиша со Белград во 2001 година“.
Владо Бучковски вели дека целиот Договор ќе падне пред Уставниот суд бидејќи Анексот со кој се предвидени измените во граничната линија, треба да оди во процедура како за измена на границата.
Договорот за физичка демаркација ги штити националните интереси и ги унапредува билатералните интереси и соработка меѓу Македонија и Косово, изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
- Од друга страна, ова е регионално и би рекол европско прашање, бидејќи со прифаќањето на овој предлог, во кој имаме одредени балансирани и нужни приспособувања на самата техничка демаркација на теренот, Македонија е една од ретките држави во ЈИЕ, која ги има јасно дефинирано и одбележано границите со соседите - рече Милошоски.
(Х.И.)
Груевски: Не дадов ни милиметар
Нема никаква причина за какво било стравување од Договорот за демаркација на границата со Косово, изјави завчера премиерот Никола Груевски.
- Македонија не губи ниту еден милиметар од територијата. Никогаш и по никоја цена не би потпишал нешто со што би изгубиле еден милиметар, а камоли нешто повеќе од територијата на РМ - изјави Груевски.
Експресни честитки од ЕУ и од САД
Американскиот амбасадор Филип Рикер, евроамбасадорот Ерван Фуере и шведскиот амбасадор Ларс Фреден, кои присуствуваа на итно свиканата собраниска седница, ја поздравија постигнатата согласност меѓу двете влади за демаркација на границата.
- Владата на САД и нејзината амбасада им честитаа на двете влади за постигнување на договорот за демаркација на границата. Тоа покажува голема одговорност, лидерство и мудрост ова прашање да се реши на многу зрел начин - изјави амбасадорот на САД Рикер.
Евроамбасадорот Фуере изјави дека спогодбата е значајна за двете страни и е израз на меѓусебната доверба и одговорност на двете влади.
Белград: Договорот е бесмислен
Потпишувањето на договорот за границата помеѓу Македонија и Косово е бесмислено, бидејќи Скопје ќе мора да разговара со Белград на таа тема, изјави вчера Оливер Ивановиќ, државниот секретар во српското Министерство за Косово. Тој е убеден дека врз потпишувањето на спогодбата за демаркација влијаеле странците, кои не зеле предвид дека ваквиот потег може дополнително да ги наруши кревките односи помеѓу Србија и Македонија.
- Мислам дека спогодбата е апсолутно беспредметна, со оглед на тоа што Македонија, порано или подоцна, ќе мора за тоа прашање да разговара со Србија - вели Ивановиќ.
Тој предупреди дека демаркацијата или какво било потпишување официјален документ за границата може само да им наштети на односите на Македонија со Србија.
Флексибилноста запишана и во извештајот на ЕК
Наспроти тврдењата на македонските власти дека не е отстапен ниту милиметар територија на Косово, Европската комисија во својот извештај со кој препорача отворање преговори со земјава, ја фали Владата на Груевски за покажаната флексибилност при демаркацијата на границата со Косово.
Во поглавјето број 24 посветено на областите правда, слобода и безбедност, тимот на еврокомесарот Оли Рен напишал: „За да се најде решение за демаркација на последниот потег од границата, Владата реши во август 2009 година да ја зголеми флексибилноста во новиот билатерален договор за границата со Косово“.
izvor:
http://dnevnik.com.mk/?ItemID=24EE9249EA7BAD4AA4E207BD916290E7
Na sds gi zabole za stabilnosta i prosperitetot na Makedonija- 4564-ta epizoda