Не можам да го прифатам ќотекот како нешто што помага во позитивниот развој на детето (и кога велам ќотек не мислам на физичко малтретирање; доволно е и симболично шамарче).
Секое психички здраво дете може да се разбере со муабет, или преку казни со рестрикција (како забрана за седење пред компјутер, одзимање на омилена играчка и слично). Да му се објасни на детето зошто е казнето и да му се изнесат последиците од неговото однесување, како и од повторувањето на истото, е многу попродуктивно од физичка казна. Затоа што преку првото се учи на одговорност, без да создаде чувство на фрустрација, додека ќотекот прави да влегува во улога на жртва, и да развие искомплексираност или екцесивна агресија(која може да ја насочи кон себе или околината).
Кога во афект ќе го истепаме детето, не му оставаме простор да сфати што направило. Едноставно не му е јасна причината за казната, тука ја гледа само последицата. И тоа прави да се осеќа неправедно повредено, што пак раѓа низа негативни чувства кои на долгорочен план може да резултираат со девијантно однесување.
Да има деца кои се хиперактивни и претерано деструктивни. Но, тие веќе претставуваат деца со психолошки проблеми, кои повторно не се решаваат со физичка казна, туку со разговор со психолог и евентуално медицинска терапија.
За крај, со секој ќотек на детето му се пренесува порака дека преку сила може да ги решава проблемите, му се вгнездува неприроден страв од авторитети, и му се разнишува самодовербата. А, тоа е нешто што не сакам моето дете да го чувствува.