Грција не го признава хрватскиот пасош ако си роден во Македонија
11.08.2011 - 16:10 |
Американец, Британец, Хрват биди од каде сакаш, ама да не си роден во Македонија, ова е веројатно правилото по кое работат грчките граничари. Не ги интересира пасошот, важно им е само местото на раѓање.
Хрватски државјанин, викендот го доживел искуството кое Македонците го имаат при секое минување на границата на јужниот сосед.
Го дал хрватскиот пасош, ама му вратиле бел лист. Требало да ги потполни податоците за идентификација, веројатно зашто е роден во Скопје, а нивниот систем такво место не познава.
Се изненадил кога ја слушнал наредбата ама друг излез немало. Додека целата фамилија ја минувала границата без проблем, тој морал рачно да потполнува кога и каде е роден.
Од информацијата беа изненадени и во хрватското Министерство за надворешни. Прв пат слушаат дека ова им се случува на нивните државјани.
- Никогаш досега не сме примиле ниту една слична претставка поврзана за пречки при влезот на хрватски државјанин во Грција, со оглед на тоа дека секој кој има важечки хрватски пасош во Грција влегува како и во која било друга земја на ЕУ - велат од Одделението за односи со јавност во хрватското Министерство за надворешни работи и европски интеграции.
Веројатно тоа не е случај со оние кои се родени во Скопје. Хрватскиот државјанин вели дека ова му се случува прв пат, во неговиот пасош ги има печатите за влез од претходните години. Речиси секое лето одат на грчките плажи, ама досега немал вакво искуство.
Одговор од конзуларното претставнишво на Грција не добивме одговор, дали ова е нова пракса на грчките служби или ќе го обвинат граничниот службеник.
http://www.sitel.com.mk/dnevnik/makedonija/grcija-ne-go-priznava-hrvatskiot-pasosh-ako-si-roden-vo-makedonija