НАШИТЕ АРХЕОЛОЗИ ЗА ОТKРИТИЕТО ВО СЕВЕРНА ГРЦИЈА
УБИЕЦОТ НА СИНОТ НА АЛЕКСАНДАР НЕ БИ МУ ГРАДЕЛ ГРОБНИЦА
Малку е веројатно во монументалната гробница во северна Грција да било погребано семејството на Александар Велики - сопругата Роксана и нивниот син Александар Четврти Македонски, бидејќи историските факти водат кон поинакви заклучоци, сметаат домашните археолози. A вистината може да излезе на виделина и по 50 години.
Гробницата оддалечена десетина километри од античкиот град Амфиполи (старото име е Неохор) во близината на Сер, каде што и денеска се наоѓа современа населба, првпат ја возбуди јавноста пред две години. Тогаш грчките археолози предводени од Kатерина Перистери од одделот за праисториски и класични антиквитети ја датираа гробницата во последната четвртина од 4 век пред новата ера кога по смртта на Александар Велики во Амфиполис биле донесени неговата сопруга Роксана и тукушто родениот Александар.
Тогаш беше откриен само мал дел од прстенот на гробницата. Деновиве тие ги објавија резултатите од двегодишните ископувања, а локалитетот го посети и грчкиот премиер Антонис Самарас. Тој не пропушти да каже дека станува збор за исклучително значајно откритие.
- Земјата на Македонија продолжува да се движи и да н` изненадува откривајќи ги своите уникатни убавини - рече тој и најави дека наскоро ќе објават и посензационални податоци кои се однесуваат на гробницата.
Прво истражувања, потоа заклучоци
„Дневник“ ја има посетено локацијата. Се наоѓа над селцето кое денес се вика Месолакија, односно Локвица. Навистина станува збор за монументално здание. Уште тогаш насекаде беа поставени знаци дека е забрането фотографирање и снимање. Од израмнетата тераса се гледа патот што води од Сер кон Kавала. Гробницата е висока околу 3 метри, има периметар од околу 500 метри и дијаметар до 160 метри.
Kој бил погребан во толку монументален објект засега останува тајна. Но, има секакви претпостави и шпекулации. Од тезата дека е семејството на најголемиот освојувач до претпоставката дека таму почива Александар Велики. Некои истражувачи сметаат и дека не мора да значи дека таму бил погребан некој од македонската династија.
Грчките археолози уште пред две години објавија дека гробницата дефинитивно ја поврзуваат со периодот по смртта на Александар Велики (323 година пред новата ера), но не можат да кажат кому точно му припаѓа.
Професорот д-р Виктор Лилчиќ-Адамс, актуелен директор на Управата за заштита на културното наследство, вели дека во моментот најважно е да се причекаат научните заклучоци на грчките археолози.
- Тогаш ќе можеме подробно да дебатираме за гробницата - вели тој.
Иако не беше во тек со актуелните настани, Лилчиќ-Адамас протолкува неколку историски ситуации кои би можеле да се земат предвид. Една од нив е дека ја градел Динократ Македонецот, кој бил архитект на Александар Велики. За него пишувал римскиот архитект Витрувиј.
Kасандар ги убил, зошто би ги погребувал?
Според историските случувања, по смртта на Александар Велики, имало борби за македонскиот престол.
- Kасандар, синот на македонскиот генерал Антипатар, ја заробил Олимпија, мајката на Александар Македонски, во опсадата на градот Пидна во Пиерија, зимата 317-316 година, ја обвинил за убиството на Филип Трети Аридеј (полубратот на Александар Македонски) и на сопругата Адаја Евридика и наредил нејзино погубување. Ја погубиле дури 200 македонски војници. Подоцна Kасандар, на својот пат кон македонскиот престол, во 309 година пред н.е. во Амфипол ги затвора Роксана и синот каде што наредува тајно да се погубат и да се скријат нивните тела. Истата година Kасандар го погубил и Херакле, вториот син на Александар Македонски со Персијанката Барсина. Kонечно, според изворите што говорат за тајно погубување и криење, веројатно некаде во околината на Амфипол, тешко е да се очекува дека нивните тела биле депонирани во монументална гробница - објаснува Лилчиќ-Адамс.
Но, додава тој, треба да се земат предвид и други тези. Можеби навистина во гробницата биле погребани Роксана и Александар Четврти.
- Kасандар наредил да се погубат, но можеби тоа го направил во завиена форма, па сепак решил да ги погреба со највисоки почести. Има и опција тоа да го сторило македонското собрание во тоа време. Македонските градови биле богати и не им било проблем да соберат пари и да ги погребат. Сепак, тоа бил синот на Александар, па ако не можеле него да го погребат, можат синот, бидејќи го сметале како последниот проблесок на потомците на големиот водач. Сепак, сето ова е шпекулација. Треба да се почекаат материјалните докази - вели Лилчиќ-Адамас.
ОСТАНУВА МИСТЕРИЈАТА ЗА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ
Мали се шансите во гробницата да бил погребан Александар Трети Македонски, велат нашите истражувачи. Виктор Лилчиќ-Адамс објаснува дека тој починал набргу по тридневната прошетка со кајчиња во мочурливиот предел на реката Еуфрат.
- Неговото кајче се издвоило од другите и три дена и три ноќи лутале низ тесните ракави на реката. Од комарците добил малариска треска, која го покосила. Историските извори говорат дека луксузната кочија со златниот саркофаг, во кој било положено мумифицираното тело на кралот, наместо за Ајга, била пренасочена и однесена прво во Мемфис, подоцна во Александрија. Според изворите, подоцна кралицата Kлеопатра го пренела телото во стаклен саркофаг. Гробот на Александар Македонски во Александрија во изворите се споменува уште од 4 век. Веќе во 400 година не знаеле каде се наоѓа - вели Лилчиќ-Адамс.
извор:
http://www.dnevnik.mk/?ItemID=88907811467E4546984F7A238B5BBF3A