Зарате: Штета за Горан Пандев
Аргентинецот, кој нема да игра в недела со Интер, смета дека Лацио без Горан и Ледесма е послаб
„Штета што Горан не игра“, изјави аргентинскиот напаѓач на Лацио, Мауро Зарате, кој поради жолти картони нема да биде во тимот во првенствениот дуел од Серија А против лидерот Интер в недела од 20,45 ч. „Без него и Ледесма сме послаби. Но, тоа се одлуки што ги носи клубот“.
Суспензијата на Зарате го прави Пандев и тоа како потребен во нападот на римјаните, но најдобриот македонски фудбалер најверојатно ќе го пропушти и овој меч, кој можеби ќе му биде последен како фудбалер на Лацио. Одлуката на судот се очекува в понеделник, по што Пандев и играчот од средниот ред Кристијан Ледесма би можеле да добијат одврзани раце да ја сменат средината веќе во јануари. Без нив двајцата Лацио се наоѓа на 15. место во Серија А, а победата во последното коло над Џенова од 1:0 беше само трета сезонава за клубот од главниот град на Италија.
Токму следниот противник на „лацијалите“ во лигата се' повеќе се спомнува како нова дестинација за Пандев, имајќи предвид дека Интер итно бара напаѓач што би го заменил Камерунецот Самуел Ето, кој наредниот месец ќе игра за својата земја на Купот на африканските нации. Тренерот Жозе Мурињо потврди дека Македонецот му е цел, покрај Единсон Кавани од Палермо и италијанскиот напаѓач Лука Тони, кој е на излезна врата во Баерн Минхен. Но, претседателот Масимо Морати е категоричен дека нема да го одврзе ќесето за нови аквизиции во зимскиот преоден рок, и покрај желбата на Мурињо.
За Пандев е заинтересиран и градскиот ривал Милан. Првиот човек на црвено-црните Адријано Галијани изјави дека се во потрага по играч што би бил на располагање во секој момент да излезе на теренот кога Роналдињо или Александре Пато нема да бидат во можност. Второпласираниот Милан има пет бода помалку од Интер, а утре и' гостува на Фиорентина.
#
Статијата е прочитана 404 пати.