Тапетарот Петар
„Кои се подобрите решенија што можеле да се донесат во 1945?“
Ова прашање го поставив на една која имаше многу лошо мислење за Конески, па силна матна, ми рече: Да не беше Конески, денес литературен јазик ќе беше штипскиот!
Правописот, дескрипцијата и граматиката на Конески ниту се совршени ниту се конечни за вјек и вјеков. Македонскиот стандард де факто постои повеќе од 60 години, цврсто е втемелен во македонската култура и современа литература, па најлогично е да се надградува. Критиките насочени кон потполна негација и напуштање на стандардот на Конески се 1. политички мотивирани, 2. непродуктивни, и 3. тешко веројатни.
Бугарскиве (а богами и македонскиве) приучени јазикозналци кои арлаукаат за радикални промени се најчесто само политички мотивирани. Таквите изблици секако имаат своја публика, но мене не ме интересираат бидејќи се базирани на политички платформи, произходи, фалсификувани наглабања, бутури. Некој Бугарин којшто се мачи да пишува и говори на македонски, и кој од лингвистика нема основни познавања, не може да биде сериозен дискутант на темава. Исто така, не бива студент со заверен трет семестар, кој слушнал а не доразбрал, да држи лекции за јазичен стандард, а да блада како „Џ“ бил вокал и да предлага „вокални интерпретации“. Ваквите полуписмени бисери се одличен материјал за форумска заебанција, ама не и за сериозен муабет.
Конески може да се критикува по однос на дескрипцијата на македонскиот фонолошки систем, неговата графемска репрезентација, правописните норми, и уште ред други работи. Меѓутоа, на асална критика треба ѝ следи валидна лингвистичка аргументација која се базира врз научни, објективно утврдени факти. Исто така, ред е кога се посочува дека нешто не чини, да се понуди подобра алтернатива. Полуписмени повици за линч и дискредитација се одличен материјал за масовни собири или маалски муабети.
Каков ќе бил стандардот да не бил Конески, дали баба ми ќе била астронаут во НАСА ако имала два тестиса, итн. се произволни шпекулации кои не даваат суштествени одговори.
Но еве, да ја разгледаме претпоставката дека штипскиот ќе бил основата за македонскиот стандард. Дури и да било така, во што се состои супериорноста на штипскиот дијалект? Зошто и како штипскиот (или, да речеме, кочански, струмички, беровски, делчевски, гевгелиски -- земи било кој источномакедонски дијалект) би бил порепрезентативен и посоодветна основа за стандардот? По кои критериуми би се воспоставил таквиот стандард? Како тие критериуми би биле поиздржани од оние кои ги понудил Конески? Или, што би бил ќарот од воспоставувањето на штипскиот како стандарден дијалект? Дали и како македонскиот јазик, литература или култура би биле во подобра состојба поради тоа? Не се сеќавам некој да одговорил на овие прашања.
Во лингвистиката не може да се брани супериорноста на било кој регионален дијалект во ниеден јазик. Изјавите дека, на пример, битолски е „почист“ од прилепски, или мариовски од светиниколски се субјективни вредносни судови кои немаат никаква научна поткрепа. Судовите за „чистотата“ на дијалектите или јазиците се субјективни и немаат никаква релевантност за науката за јазикот.