Кога бев средно често ни даваа од оние генерични теми за есеј, една реченица како наслов и 45 минути да пронајдеш дел од себе што ќе биде допрен од тој склоп на зборови за да напишеш нешто. Ова најчесто ми успеваше - теми за храброст и идеали, теми за настани, личности, локации. Од сите тие есеи само еден ми остана во сеќавање, веројатно најлошиот што го имам напишано.
'Tis better to have loved and lost
Than never to have loved at all.
Едноставна мисла, клише, од поезијата на некојси викторијански поет Alfred Tennyson. Веројатно бев премлад за да го доживеам првиот дел, она to love, па затоа не допре темава до мене, не побуди никакви чувства. Во наредните 10ина година доаѓаа и си заминуваа врските, со нив и партнерките. Се сложував со цитатот, на крај секогаш остануваа добрите сеќавања. Никогаш не ми требаше повеќе од ден-два да се вратам во нормала и да си продолжам со животот, да најдам нова, rinse and repeat.
Ми требаа 27 години да сфатам дека сеуште го немав вистински доживеано делот to have loved, се додека навистина не го доживеав. Наредните денови, месеци, години овој цитат ми беше поточен од било кога. Никогаш не сум бил посреќен, поемотивен, поинвестиран во нешто. Те удира гром од првиот момент кога ќе ја видиш, доживуваш ренесанса како Нео кога се буди во вистинскиот свет во Матрикс, од никаде почнуваш да ги разбираш сите оние милиони песни, книги, слики напишани, испеани, нацртани во име на љубовта. Се што порано ти било cringe сега те погодува директно во срце, те лазат морници. Конечно сфаќаш what the whole noise is about.
2 години подоцна дојде и делот and lost. Време е да го евалуираме цитатот во целост. Дали навистина е подобро да љубиш и загубиш, отколку никогаш да не љубиш?Отворам Википедија, сакам да знам повеќе за другарот Алфред. Барам нешто што ќе ми даде навестување зошто Алфред го напишал ова, зошто мислел вака. Залудно, никогаш нема да му ја разберам причината и оправдувањето за она што го напишал, макар била најлогична на свет.
Конечно, после толку време можам само да кажам - мислава е оптимистичко срање, надвор од реалноста на човековата душа, чувства, страдања. Алфред би го мавал од земја да беше уште жив. Него, и секој што во иднина ќе ми го спомне цитатов.