Не ми се верува дека после толку долго време сосема случајно те видов. А тек кога прозборе и ти одвратив цело тело ми трепереше, срцево мислам дека ќе ми излеташе. Солзите беа неизбежни после тоа.
Како луди трчавме еден по друг, не можевме еден без друг. Секогаш бевме ненормални во очите на другите, па кога ќе размислам и така е, 5 саати дневно ги поминувавме на мсн/скајп, 8 саати надвор гушкајќи и бакнувајќи се (и секогаш криејќи се од другите заради забраната), и уште 3 саати на телефон откако ќе се вратиме дома повторувајќи непрестано колку се сакаме, колку не можеме еден без друг, а јас уживав дур ме заспиваше со приказни за нашата иднина со некои идилични слики коишто си ги имавме замислено. Секогаш се чудеа како не си здосадивме, ни забранија да се гледаме и повторно го правевме тоа скришум, љубов и страдање истовремено. 4 ипол години поминаа, речиси 5.
Не верував дека од тебе деновиве ќе чујам "еднаш се љуби, а тоа еднаш го имавме ние, и со никоја друга нема да го имам", иако 2 години поминаа од тогаш.
Затоа што истото го чувствував и јас, безуспешно пробувајќи да те преболам наоколу. Ти за мене не си еден обичен бивш кој ќе го заборавам после неколку дена пијачка со некој друг шалабајзер.
Ти за мене си единствената вистинска љубов.
Само ти ги знаеше моите омилени работи, омилени парфемчиња, чоколатца. Киндерчиња со пораки внатре. Книги со најубави посвети, осмомартовското мече со срценце, подарокот што ми го остави во гаражата за сама да си барам трагови и да го најдам.
Моето чекање со часови на твојата улица на најладното, само за да те почекам да успееш да се искрадеш од дома и да те видам макар и на 15 минути. Твоето чекање со часови на нашата клупичка пред мојата зграда.
Толку мали, а толку заљубени...
Нема ден да не се сетам на тебе, сакам да си среќен. Да засакаш некоја како мене. Каде што нема домашните да ни поставуваат екстремни ултиматуми ако не се разделиме.
Некои работи навистина се случуваат само еднаш, ако барем ти го почувствуваш ова повторно со друга јас би била пресреќна. Се надевам дека ќе успеам и јас во тоа, наместо безуспешно да барам утеха дека ќе те пронајдам во некој друг.
Во мене никогаш нема да има никаков гнев за тебе. Иако знаеш дека со месеци се затворив дома и страдав откако заврши нашата приказна, вината не беше твоја.
Иако во очите на другите секогаш беше ладнокрвен, само јас знам која топлина ја чувствував кога ќе ме бакнеше, гушнеше, нежно ќе ме погалеше и ќе си заспиев на нашата клупичка. Имај најубав живот, од се' срце ти го посакувам тоа.
папа бебенце...