За плусовите, минусите, за исполнувањето празнини и за нашите животи на страна....
Некогаш - едниот се правеше на будала, а другиот немаше храброст. Денес - и двајцата сме премногу горди. Може и само глумиме свесно убивајќи го фетусот што одамна сме го зачнале, ама ситуацијата е таква каква што е, и ниту јас ни ти немаме средства во моментов да дејствуваме. Едно знам, таа проклета гордост не му носи добро на светов и на крајот само ќе не изеде и двајцата.
Не си го хранам егото со туѓите признанија мило, потврдата за работите во кои сакам да бидам сигурна секогаш ми доаѓа на најлошиот начин. Некогаш залудна е повремена радост на она што навистина сакам да го чујам од тебе кога се мати со многу пролонгирани денови на несигурност и тапо чувство на недоверба кон тебе. И потоа се од почеток. Ќе го уважам твоето познавање на моите слабости, зошто ти мило мое, секогаш знаеш да удриш онаму каде што најсилно ќе прокрвари.
Не ти ја разбирам теоријата за плусовите. Мислев дека секој важен човек во животот, реално, ти е своевиден плус во остварените цели - си нашол некој кој е доволно вреден и доволно те исполнува за да остане покрај тебе до крајот...во било која форма на поврзаност. Се смеам ако искрено веруваш дека ми исполнуваш периоди во кои веруваш нема никој друг околу. Сум ти зборувала за деловите кај мене, нема да се замарам да повторувам кои се твоите димензии и кое е местото кое ти го заземаш. Наспроти се ова, ти сепак многу добро знаеш дека сум човек кој,наместо да ја полева саксијата со надеж за скратување далечини, може многу лесно да најде нешто дофатливо што ќе ја исполни...во секоја смисла. Само не ми е мерак.
Чудни извори на мотивација бараш бебе. Јаз во дефиниции можеби, зошто откраднување зборови за мене е веројатно изнудување 2-3 милозливи изрази на претопување од љубомора или страст. Позитивна реакција на што? Ја заслужи ли? Се отвори ли? Ми посочи ли? Треба ли да си туткаме работи под нос надевајќи се дека другиот ќе сфати и ќе ја произведе саканата реакција? На крајот на краиштата, те наситија ли моите испади? После ова, многу лесно би извлекла заклучок дека забораваш колку отров знам да пуштам од зборови што ги бараш од мене во вакви смешни ситуации. Погрешен потег бејб, независно од благородноста на целта која си сакал да ја оствариш.
Можеби сум слаба за да го избегнам муабетот, ама само затоа што сум доволно храбра за да тргнам макар и против себе и да заклучам дека нема поента. Сметам дека на моменти и јас доволно сум се излигавила за да добијам само едно бедно тапшање по рамото. Се согласувам... јас треба да си ги преиспитам реакциите, ама во иста мера во која ти треба да си преиспиташ дејствата...