Се овистинија заканите на командантот Туши дека ќе плати некој за апсењето на неговиот роднина Џемаил Исени, познат како Џејми Шеј. Како што тргнала работава, ќе платиме сите.
Власта и во последниот инцидент виде криминална заднина. Опозицијата е вознемирена и обвинува дека тие што треба будно да ја следат ситуацијата, всушност, мижат и ги пикаат главите во песок како ној, не сакајќи да видат дека нешто лошо се случува во земјава. Опозицијата побара одговорност од надлежните за лошите процени и буквалното втурнување на полицајците во заседа, која заврши со крвав епилог. Власта, пак, се брани – имаат контрола врз целата територија и успешно се справувале со криминалот.
Смирувачките изјави дека се е под контрола и дека „само некои криминалци таму пукале“, веќе не палат. По серијата случувања, кои премногу мирисаат на однапред подготвено сценарио, тешко е да се поверува дека во државава ни тече мед и млеко. Сомневањата се дека надлежните понесени токму од борбата против големите бизнисмени и „ѕверки“, како да ја потценија опасноста што и' се заканува на државата. Во момент кога албанскиот блок е поразединет од кога и да било досега, во период кога опозицијата и власта ќе си ги извадат очите во меѓусебни обвинувања кој е по(не)способен да раководи со државата, некој во Ваксинце, Танушевци... со автомат в раце, едвај чека некој да му влезе во пајаковата мрежа. И џабе и е на полицијата да се фали дека секаде може да влезе, кога не може да гарантира дека нејзините припадници живи и неповредени ќе излезат од регионите кои сега веќе сосема е јасно, се под контрола на некои други „силни момци“.
Даниела Трпчевска