Само обична вечер. Иако за разлика од други бессони ноќи, евоциравме спомени, генерално добри. И седам сам во туѓа соба сеќавајќи се на мирисот твој. Не знам зошто, ама се’ на крајот ми се сведува на тебе и нештата што ги доживеав откако влезе во мојот живот. Во вакви ситни саати кога се’ е тивко а јас абер немам од спиење, се прашувам дали подобро ќе беше и сега кога ќе те видам да бидеш само симпатична девојка на која немав храброст да и пријдам, и да чекаме различни луѓе на исто место, само ние двајца, а да молчиме и да си ги одбегнуваме погледите. На триесет и први декември две илјади и седма кажав дека кревам раце од тебе и дека немам сила да ги продолжам сите напори да отвориш очи. Ама секоја следна е само твоја копија. Со насмевка знае да опие, да сјае од среќа, да ме направи радосен со самото нејзино присуство. Ама никоја не е како тебе. И како да ме стига некоја карма, иако сам не знам за што, па кога се откажав ти одлучи дека ме сакаш назад во животот. Еден постар другар мој многу убав совет ми даде: Само полека и опуштено, пишаното секако не можеш да го смениш. И мислам дека да не беше тој ќе полудев што те немам и што ти немам глас чуено со месеци, што те немам погалено по косата, што те нема да те бакнам во образ а ти да поцрвенеш како да сме трето одделение и да се криеме зад школската амбуланта.
После скоро три години, до каде сме? Мило ми е што те имам барем како другарка, што работите се средија иако мислев дека крајот е дојден, и што конечно сфати дека луѓето се суштества со чувства и потреби.
Да бев пушач, ќе фчурев сеа едно цигарче и ќе се потсетев на златниот ноември и декември од две и шеста, ќе се насмевнев и ќе заминев на спиење. А затоа што не сум пушач, а водката од плоската ми ја испија, ќе поуживам во мирисот на бајата Финландија, ќе си ја пуштам Добро јутро од Чорба и ќе заминам да ги дозакопам спомените, барем за годинава.
Вечерва овде, без тебе... не ми е ни тешко ниту па се јадосувам. Само сфаќам дека ни јас ќе куртулам од тебе, ни ти од мене. Барем додека не дојде време да се здружам со Кар. Ти си ми сладок отров со кој свесно се трујам, затоа што антиотровот го примив одамна... Вечерва овде, без тебе, сфаќам дека ми требаш, без некаква очајна потреба од тебе како што порано имав, а јас ти требам доволно за да можеш да ме сметаш за потпора за некои работи во животот. И мило ми е што е така.
Вечерва овде, без тебе... А немам ни водка ни скараџиски колбаси за да си ја наранам душава.