„Мислевме дека се деца што си играат... А тогаш ги видовме пушките“
Најмалку 141 лице, главно деца, се убиени во масовниот масакр на талибанците во воено училиште во Пакистан. Преживеаните ги опишуваат ужасните сцени во и надвор од училиштето, додека напаѓачите оделе од училница во училница за да ги убијат нивните другари.
„Напаѓачите извикуваа ‘Алаху Акбар’ (Бог е најголем) пред да почнат да пукаат“, изјавил за Франс прес еден ученик, кој сега е во болница.
„Тогаш еден од нив извика: ‘Многу деца се кријат под клупите, оди и среди ги’“, вели тој и додава дека бунтовниците „ги бараа учениците и ги полнеа со куршуми нивните тела.“
„Видов еден пар големи црни чизми како доаѓаат кон мене, тој човек веројатно ги ловеше учениците што се криеја под клупите“, вели тој. Се сеќава дека бил застрелан двапати - над двете колена: „Телото ми трепереше. Ја видов смртта одблизу.“
Бројот на жртвите се очекува да расте. Додека бројот на повредените останува непрецизен, војската соопшти дека официјалната бројка на загинатите се искачила на 141 од почетните 130.
„Мислевме дека се деца што си играат... А тогаш ги видовме пушките“
Еден работник во училиштето вели дека опсадата почнала околу 10 часот по локално време, кога тој видел шест лица како се качуваат по ѕидовите на училиштето. Додека Асошиејтед прес соопшти дека „шест вооружени лица“ учествувале во нападот, по девет часа борби еден воен извор изјавил за Ројтерс дека „работата е завршена“ и дека сите девет милитанти загинале во контранападот.
„Мислевме дека мора да се деца што си играат некоја игра... Но тогаш им ги видовме многуте пушки“, изјави за Ројтерс Мудасир Аван.
„Како почна пукањето, нашиот учител ни рече да се наведнеме и отидовме во аголот на училницата. По еден час, кога пукањето стивна, еден армиски офицер дојде и нè спаси“, изјавил ученикот Мухамед Наеем.
Ученици од военото училиште даруваат крв за повредените
„Додека излегувавме, во ходниците ги видовме нашите другари како лежат мртви на земјата погодени од куршуми - некои со три, некои со четири куршуми, тие крвавеа“, додава тој.
Генерал-мајорот Асим Бајва за Ројтерс изјавил дека не биле земени заложници. „Тие не зеле заложници и почнале да пукаат во влезната сала“, рекол тој и додал дека милитантите со себе понеле доволно храна за да им трае неколку дена – што укажува дека било планирано долгорочно држење заложници.
Преживеаните се сеќаваат и на процесот на евакуација. Еден ученик од седмо одделение се сеќава дека масовно ги преселиле во слушалната заради безбедност.
„Седум до осум луѓе нè нападнаа, а потоа дојде војник и им кажа на директорот и на наставниците да ги изнесат децата од објектот низ задната врата. Имаше илјадници ученици во колеџот и сите беа пренесени во слушалната“, вели ученикот Аршад Кан.
Еден повреден ученик бил со група од осмо до десетто одделение кога почнало насилството. Во почетокот никој не знаеше што се случува, рекол тој за Асошиејтед прес.
„Тогаш видов како децата паѓаат плачејќи и врескајќи. И јас паднав. Подоцна дознав дека имам куршум“, вели Џамал, кој бил застрелан во ногата.
„Боже, зошто ми го зеде синот?“
„Утрово син ми беше во униформа. Сега тој е во ковчег“, вели еден родител, Тахир Али, кој отишол во болница за да го земе телото на својот 14-годишен син.
„Син ми беше мојот сон. Мојот сон е убиен“, рекол тој за АП.
„О боже, зошто ми го грабна синот?“, вели една мајка на 12-годишно момче што загинало во нападот, за Франс прес.
Неколку угледни личности ја осудија бруталноста на инцидентот.
Премиерот Наваз Шариф рекол дека е на пат кон Пешавар: „Не можам да останам во Исламабад. Ова е национална трагедија, која ја почнаа дивјаци. Тоа беа мои деца.“
Нападот, наводно, бил одмазда за големата воена операција против милитантите во племенските области.
„За нападот го избравме военото училиште поради тоа што Владата ги напаѓа нашите семејства и жени“, изјавил талибанскиот портпарол Мухамед Омар Корасани. „Сакаме да почувствуваат болка.“
И добитничката на Нобеловата награда Малала Јусуфзаи се приклучила во осудата на масакрот.
„Срцето ми е скршено од овој бесмислен и ладнокрвен чин на терор во Пешавар“, рекла таа денеска.