Хаос во основните училишта
Вероучителите и наставниците по религии ги нема никаде
Речиси еден месец по почетокот на учебната година, петтоодделенците кои требаше да се определат меѓу веронаука и запознавање на религиите - губат часови. Обиколката на десетина скопски училишта, случајно одбрани, покажа дека од настава се' уште нема ни абер.
Мали исклучоци има на територијата на Општина Кисела Вода, но и таму владее вистинско шаренило. Во едно училиште, на пример, децата почнале да слушаат веронаука, а за историја на религиите се молчи, или, обратно. И, апсурдот да е поголем, се губат часови, а никој, па дури ни училишните директори не можат на родителите и на децата да им понудат валиден одговор на прашањето кога ќе започне наставата, што ќе учат нивните деца...
Во две централни скопски училиштата „Песталоци“ и „Коле Неделковски“ не' замолија посетата на нивните образовни установи и разговорот околу двата изборни предмета наменети за петтоодделенците да ја одложиме. Барем за идната недела, зашто до тогаш децата, веројатно ќе го имаат првиот час по веронаука. Сега се во подготовка распоредите на часови. Досега, одржале само еден час по запознавање со историја на религиите и не беа во можност да говорат ниту за искуствата со овој предмет.
При обиколката не ни се потврдија ниту очекувањата дека работата тргнала барем во чисто етничките училишта. И во „Тефејуз“, каде што наставата е на турски јазик, веронаука нема. Директорот Ѓонул Бајрактар ни рече дека сите деца ќе следат веронаука, а првиот час ќе биде денес. Такви им биле најавите од Министерството за образование. Тој објаснува дека во јунското анкетирање, родителите биле без малку едногласни за веронауката. Само тројца изразиле желба децата да им учат запознавање на религиите, но таа не може да се реализира, бидејќи мнозинството е за првопонудениот предмет. Вели, распоредот е изготвен и за веронауката се резервирани последните часови во четврток и во петок.
Основното училиште „26 Јули“ во Шуто Оризари, исто така, е во исчекување. Од седум петти одделенија, во кои пет се со настава на албански, а во две Ромчињата учат на македонски, сите, без исклучок сакаат веронаука. Училиштето чека теолог по исламски науки, но претходно, како што ни објасни директорот Халид Сејдиу, треба да се огласи Министерството за образование без чија писмена согласност дека ќе го плаќаат ангажманот на теологот, наставата не може да почне. До вчера теологот не се ни појавил во училиштето. „Родителите се бунат, доаѓаат, прашуваат до кога децата ќе губат часови, ама јас не знам што да им одгово рам“ вели Сејдиу.
Без настава по веронаука и по запознавање со религиите се и петтоодделенците во ОУ „Панајот Гиновски“ во Бутел. Неофицијално, училиштето е мултиконфесионално и наставниците ги посоветувале родителите децата да не се делат, заедно да следат запознавање на религиите. Колку го послушале советот не се знае, но факт е дека изборот им е различен.
Директорката Мирка Јованова навестува скорешен старт на наставата, но нагласува дека кај нив ќе се слушаат двата предмета. Што се однесува до веронауката, и таму секој ќе ја почитува својата вероисповед, па ќе имаат и православни и исламски теолози. Кој ќе предава запознавање на религиите не прецизираат во ниту едно училиште, па ниту во ова.
Во основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“, во отсуство на директорката, не само што никој не можеше да не' информира за тоа како одат часовите по веронаука и кога ќе обезбедат професор за оние другите кои бараа историја на религиите, туку не ни беше дозволен ни разговор со петтоодделенците. За такво нешто била неопходна претходна најава! Децата, пак, иако подготвени за муабетење, мораа да го испочитуваат барањето на директорката.
ОУ „Кузман Јосифовски - Питу“ учениците се' уште не го виделе својот вероучител, ама затоа имале две средби со наставникот по запознавање на религиите. На првиот час само се запознале, на вториот им појаснил дека нема да учат според програма, туку врз проекти и литература која треба да ја донесат од дома(!?), а на третиот час - не се појавил.
Сликата од внатрешноста е малку поинаква. Наши соговорници тврдат дека притисоците за избор на веронауката се многу поизразени. Во Кратово, на пример, во изјавите на родителите како изборен предмет бил посочен предметот запознавање со религиите, но преку ноќ морале да го преиначат својот избор.
Зошто власта има ваков несериозен однос кон веронауката и алтернативниот предмет кои сама ги истурка, со менување на Законот за основно образование, во август, среде одмори, може само да се претпостави. Ако навистина за веронаука се определиле мнозинството основци, несфатливо е зошто се доцни со наставата. Официјалниот избор меѓу веронауката и запознавањето со религиите, родителите го направија уште во јуни кога за верска настава се изјасниле 12.000, над 7.000 сакале децата да учат запознавање со религиите, а дури 2.000 лица не знаеле што да одберат.
Значи, сликата е прилично јасна, ако им веруваме на податоците од Министерството за образование. Нејасно е само до кога ќе се губат часови. Дали некој, сепак, стравува дека со воведувањето на веронауката во државниот образовен систем се крши секуларниот карактер на државата, па свесно се тактизира? Дотолку повеќе што веронауката одново ќе се најде пред Уставниот суд.
На прашањето може ли некому да му се наметне да изучува верски содржини, проф. Љубомир Цуцуловски од Филозофскиот факултет, во интервјуто за „Дневник“ вели: „Со воведувањето на веронауката во световниот образовен систем донекаде се крши принципот на секуларност, бидејќи има места за молење и места за учење. Се моли во сакралните објекти (цркви, џамии...), а се учи во училишта. Од друга страна, се нанесува неправда и се прави поделба меѓу самите ученици: на христијани и нехристијани, на верници и неверници, што не води кон сплотување, туку кон разединување на учениците. Што ќе се прави со протестантите, језуитите, Јеховините сведоци, будистите, хиндуистите..., чии религии нема да се изучуваат, а сите тие се верници?“
извор
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=ABB08880517F6C4D925025929DC20820