Рано утринава припадници на специјална единица на МВР изведоа рација во Велес. Околу 5 часот и 30 минути влегле во домовите на петмина велешани осомничени за нелегално поседување и продавање на дрога во Австрија и Германија.
Приведени се Ќ.Б (46), М.З (39), Ј.Ј (36), К.Г (33) и Т.Ј (29).
При претрес на домот на лицето Ќ.Б.(46), пронајдени се и со потврда се одземени: 4800 швајцарски франци, 2800 евра, две патнички моторни возила "БМВ" црна боја и "СЕАТ Ибица".
Во домот на лицето М.З. (39) пронајдени се и со потврда се одземени: еден пиштол Магнум, 10 грама хероин, 1 грам кокаин, ПМВ „Ауди А6", злато и златни предмети, 6 банкноти од по 10 денари со остатоци од хероин, 3200 евра и 71200 денари.
Кај лицето Ј.Ј. (36) пронајдени се и со потврда се одземени: еден пиштол ТТ 7,62 мм. и 21 куршуми за истиот, ловечка пушка и 9 патрони за ловечка пушка 12 мм., документација за финансиски трансакции за подигнати поголеми парични износи, ПМВ "БМВ 320" сребрена боја и џип "Мерцедес" со велешки регистарски ознаки.
При претрес на домот на лицето Т.Ј (29) пронајдени се и со потврда се одземени: гасен пиштол, 3000 евра, ПМВ "БМВ 320" црна боја со бугарски таблички.
Ниедно од лицата кај кои е пронајдено оружјето не поседувало дозвола, така што по целосното документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Пронајдената и одземена документацијата од финансиските трансакции ќе биде доставена до Дирекцијата за спречување на перење пари и доколку се утврди криминал пријавата против лицата ќе биде проширена.
Одземените вкупно пет патнички моторни возила се предадени на натамошно вештачење и утврдување на потеклото на истите.
При претрес на домот на лицето К.Г. (33) не се пронајдени предмети од интерес на службата.
Петмината велешани сеуште се наоѓаат на распит во полициската станица во Велес.
По расветлување на случајот, се очекува до крајот на денешниот ден да бидат изнесени пред истражен судија.
Осомничените се припадници на криминална група инволвирана во продажба на наркотична дрога во Австрија и Германија, велат од МВР.
Акцијата на полицијата доаѓа еден месец после австриската полициска акција кога во рамки на акцијата „Велес" беше откриена 14 члена криминална група од Македонија која регрутирала и продавала дрога во Виена.