ЕУРОСТАТ: 80 милиони Европјани се сиромашни, Бугарите на врвот
СПОРЕД НАЈНОВИТЕ ПОДАТОЦИ НА ЕУРОСТАТ
80 милиони Европјани се сиромашни, Бугарите на врвот
25 октомври 2010
Најмногу население кое има проблем да си дозволи јадење со месо еднаш во два дена, редовно греење дома, машина за перење алишта има во Бугарија и тоа дури 51 отсто од населението, поради што оваа држава според многумина е најсиромашна во ЕУ
Повеќе од 80 милиони, односно 17 отсто од жителите на ЕУ живеат во сиромаштија, покажуваат податоците на Еуростат. Според критериумот висината на месечната заработувачка, под границата на сироимаштија најмногу има жители на Летонија - 26 отсто, потоа на Романија 23 отсто и на Бугарија - 21 отсто. Податоците на Еуростат покажуваат дека и 17 отсто од населението на ЕУ се соочува со неможноста да си дозволат барем 3 од 9 основни продукти или услуги, како што е јадење со месо еднаш во два дена, редовно греење дома, машини за перење алишта... Најмногу вакви има во Бугарија и тоа дури 51 отсто од населението, поради што многумина оваа држава ја прогласија најсиромашна во Унијата. По неа следат Румунија со 50 проценти и Унгарија со 37 отсто. Најмалку проблеми имаат жителите на Луксембург, каде со материјалните потешкотии се соочуваат само 4 отсто од населението, а во Холандија и Шведска 5 проценти, се наведува во извештајот на Еуростат.
За секој кој заработува помалку од 60 отсто од просечната заработувачка во ЕУ се смета дека живее под границата на сиромаштија, додека апсолутната граница на сиромаштија се смета заработувачка помала од 5 евра на ден. Тоа е 150 евра месечно, но дури и таков минимум двојно е поголем од апсолутната граница на сиромаштија, на пример во соседната Србија, објавува Б92. Под влијанието на светската економска криза зголемен е и јазот помеѓу најсиромашните и најбогатите. Седум пати е Лондон, најбогатиот регион во ЕУ, побогат од северозападниот дел на Бугарија, се вели во извештајот на Еуростат. Дваесет најсиромашни региони во ЕУ се наоѓаат во некогашните држави на источниот блок, како што се Бугарија, Романија, Полска и Унгарија. Алармантен е и трендот на порастот на сиромаштија во ЕУ. Под прагот на сиромаштија во 2000 година живеат 15 отсто, а 2005 година 16 отсто од населението.
Според Владимир Шпидл европскиот комесар за вработување и социјални прашања секој десетти Европеец живее во домаќинство во кое ниту еден не е вработен. Во 80 милиони сиромашни се вбројуваат и околу 19 милиони деца, предупреди Шпидл.
http://www.vecer.com.mk/?ItemID=196E45403297034ABAFE85CE12AD13F7