Од јули ќе плаќаме поскапа струја?
Регулаторната комисија најави дека до крајот на јуни ќе одлучи за корекција на цената на струјата
Маја Томиќ
Се' поизвесно е дека веќе од следниот месец струјата ќе поскапи, иако засега никој од надлежните не потврдуваат за колку проценти. Taa последен пат поскапи на 1 јануари годинава за 8 отсто. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека ги добиле месечните извештаи на ЕЛЕМ и ЕВН за оперативните трошоци во работењето кои до крајот на овој месец треба да се разгледаат и да падне одлуката за корекција на цената.
Според Правилникот за регулирана цена, доколку енергетската компанија за одреден период има остварено за над 5 отсто поголеми трошоци од проектираните, при постојна цена на киловат-час струја, или пак, има нови инвестиции, Регулаторна треба да и' ги признае. Со други зборови, да одобри повисока цена на киловат-час и на тој начин компаниите да си ги покријат зголемените трошоци, односно да не бидат во финансиска загуба.
„Доставени се извештаите на ЕЛЕМ и на ЕВН за оперативните трошоци кои се следат на месечно ниво, а се настанати во зимскиот период, поради високата цена на увезената електрична енергија. Ние ќе ги разгледаме и ќе видиме дали се трошоците на компаниите поголеми од 5 отсто од планираните и дали има простор за корекција на цената на струјата“, изјави вчера претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Димитар Петров.
Од ЕЛЕМ и ЕВН не сакаат официјално да потврдат дали во своите извештаи до РКЕ побарале корекција на цената на електричната енергија, се' додека Регулаторна не ги разгледа и не донесе одлука. Сепак, многу логично е дека во изминативе месеци од годинава компаниите имаат зголемени трошоци. Бидејќи потрошувачката на струја во земјава, особено последнава зимска сезона, беше многу зголемена во споредба со лани, поради ниските температури. Истовремено, затоа што со истиот проблем се соочуваа сите земји во регионот и пошироко, имаше недостиг од струја од увоз. Па, така нејзината цена драстично се зголеми достигнувајќи во февруари цена од 155,75 евра по мегават-час.
За повеќе да прочитате