Бидејќи кај нас повеќето стапуваат во брак преку државна институција-матично и воедно се венчаваат во Црква, потребно е да се истакне самата премиса на Христијанскиот брак со цел да се разбере смислата на самиот чин Венчание, за да не се сведе само на формализам, што воедно и води во анахронизам.
Со доаѓањето на Христос во овој свет, бракот веќе ја нема за основна цел продолжувањето на човечкиот род и на семејната лоза, иако раѓањето и понатаму се смета за негов важен елемент. Но, Христос дојде во светот и со Себе донесе доказ за воскресение од мртвите, давајќи му така на христијанскиот брак нова цел и смисла – стекнување на вечниот живот на мажот, жената и на децата.
Службата за венчанието во Православната Црква почнува со зборовите: „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин“. Овој возглас го нагласува значењето на бракот, а исто така и неговата цел. Според Црковните канони, оние православни христијани кои се венчаваат надвор од Црквата, се одлачуваат од нејзините Свети Тајни. Некои луѓе се соблазнети од ова; тие сметаат дека Црквата во овој случај е престрога. Но, се поставува прашањето: Што е тоа што му дава полноважност на бракот? Од духовно гледиште, што е тоа што му дава смисла на бракот? За разлика од свадбените обреди, во речиси сите не – православни Цркви, бракот во Православната Црква не е договор – законски заснована спогодба, со која се разменуваат заветите и ветувањата меѓу две личности. Всушност со бракот, двете личности засноваат мала, семејна црква, во која можат да Го слават Вистинскиот Бог, трудејќи се, притоа, околу спасението на своите души. Таа е семејна Црква, органски поврзана преку Христос со Неговата Црква. Како што вели св. Василиј Велики, природно е да се венчаш, но тоа мора да биде нешто повеќе од природното, тоа мора да биде врска помеѓу две личности, родена под закрилата на Црквата т.е. Христос.
Свети Јован Златоуст нагласува, дека „оној кој не е соединет во брачна заедница, сам по себе не претставува целосен човек, туку лишен од својата слобода“.
Црквата не го оправдува бракот, ако истиот е склучен само како привремен договор или како задоволување на потребите на телото, а исто така, не ја оправдува ни безбрачноста, ако истата е основана на себичност и неодговорност.
Христијнскиот брак се заклучува во преобразување на природната меѓусебна љубов меѓу мажот и жената: природната љубов станува вечен сојуз, кој дури ни смртта не може да го уништи. Бракот е Света Тајна, преку која го здобиваме идното Царство, брачниот пир на Агнецот (Откр. 19, 7-9), единство со Христа и Црквата. Ниту телесното задоволство, ниту социјалната благосостојба, ниту обезбедувањето на потомство, се крајната цел и смисла на бракот, туку постигнување на вечната радост во Царството Божјо.