Блаже Конески

Член од
30 јануари 2005
Мислења
7.397
Поени од реакции
1.308
Блаже Конески... книжевен, културен и јавен работник. Академик, поет, есеист, прозаист, литературен историчар, лингвист и филолог, преведувач и некогашен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Втемелувач и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.
Роден е на 19 декември 1921 година во с. Небрегово, Прилепско.

Неговите бројни дела се преведени на голем број јазици, а од друга страна и тој успеал да преведе на македонски јазик многу други на низа поети како што се: Његош, Неруда, Хајне, Прешерн, Блок, Мицкјевич, Мајаковски, Волкер и др.
Како човек со толку звучна биографија, дури и од денешна перспектива вчудовидувачка е неговата перманентна скромност во настојувањата да ги разоткрие механизмите на сопственото поетско творештво. Според него, поетот не создава ништо. Тоа што го прави поетот поет е особениот усет за речевната дејност на колективот, според што песната е плод на комплициран процес во кој учествуваат три фактори: традицијата, колективот и авторот. Значи, секоја песна има свое време и свој поет, а тоа најдобро се гледа од неговата констатација: Јас сум свесен дека денеска не можам да напишам еден текст како “Тешкото”, иако сега ја владеам поетската вештина секако повеќе отколку во 1946 година.

Автор е на: Земјата и љубовта (поезија, 1948), Македонски правопис со правописен речник, со Крум Тошев (1950), Граматика на македонскиот литературен јазик, прв дел (1952), За македонскиот литературен јазик (1952), Песни (1953), Граматика на македонскиот литературен јазик, втор дел (1954), Везилка (поезија, 1955), Лозје (раскази, 1955), Речник на македонскиот јазик (1961), Песни (1963), Историја на македонскиот јазик (1965), Речник на македонскиот јазик, книга втора, редактирал (1965), Речник на македонскиот јазик, книга трета (1966), Стерна (поезија, 1966), Ракување (поема, 1969), Јазикот на македонската народна поезија (1971), Беседи и огледи (1972), Записи (поезија, 1974), Стари и нови песни (1979), Места и мигови (поезија, 1981), Чешмите (поезија, 1984), Македонскиот 19. век, јазични и книжевно-историски прилози (1986), Ликови и теми (есеи, 1987), Послание (поезија, 1987), Тиквешки зборник (студија, 1987), Средба во рајот (поезија, 1988), Црква (поезија, 1988), Дневник по многу години (проза, 1988), Златоврв (поезија, 1989), Поезија (Константин Миладинов), читање на Блаже Конески (1989), Сеизмограф (поезија, 1989), Македонски места и теми (есеи, 1991), Небесна река (песни и препеви, 1991), Светот на легендатата и песната (есеи и прилози, 1993), Црн овен (поезија, 1993).

----

Од мој личен аспект, Блаже е најголемиот македонски поет на сите времиња. Неговиот стил е безвременски и особено привлечен. Неговите песни со длабока но прецизна мисла. Едноставно неодолив. Еве нешто од ракав, кое мене ми се допаѓа иако сигурен сум дека форумџиите ќе ја дополнат темата со безброј негови препознати дела:

Виј

Во свеста, како во полноќна црква,
те заклучив. И свеќи ко што бледат
на гасење, ти сега бледиш така,
а сите светци похотно те следат.
Ти тука си заточеница за која
јас толку мошни заклинања правам,
и еве веќе настапува часот
и сешто гласи дека ќе се јавам.
Јас идам како оној грозен Виј,
со сиви очи, сиот земја жедна,
да, страшен сум, и дека нежност носам
во тврди грутки - затоа си бледна.
Се ближам како нежен Виј, но веќе
таинствена си повлекла ти црта,
и штом ќе стапам по пределот, остро
се руши понор и со карпи чкрта.
И сиот жеден, песок, јас се ронам
во таа пропаст, и се` веќе гасам.
Јас, Виј, во свеста те домамив мошно,
но, жеден, немам сила да те стасам.

Галеб

Ти си, но толку далечно млада,
ти досудена како мака
од која во себе глуво се страда,
ти што ќе страдаш некогаш така.
Ако и душите да ни се демнат,
но нема тие да се сретнат,
нема да станат две вити крила
на галеб над море пролетно летнат.

Куманово

Мислев дека ќе одиме постојано во Куманово,
барем зиме - на кумановски суџук,
барем во марта - во времето на цревца,
барем на Ѓупскиот празник Ѓурѓовден.
Мислев дека нема да ни го препречат сосем патот,
поради јасната цел,
магли што лазат во позна есен од Карадаг,
колони од коли во сезоната,
ниту што да е друго - лишка, човек, фортуна.
Така си мислев јас и во тоа што се состоеше
една утеха во мојот живот
и еден изглед за иднината.
Така си мислев и не се разбирам ни самиот себеси
сега - без желба да одам во тој град,
заправо само со притаена желба за Куманово.
Не знам за што жалам повеќе, другари,
дали што попушти мојата волја
или што попушти вашата волја.

И малку проза...

Копачење

Денеска ја корнев ружата јазачница. Ја разгрнував со дурија земјата околу неа, удирав со казма по коренот што пуштил жили на сите страни длабоко в земи.
Бев сиот задишан, испотен. На крајот успеав да го отчешнам коренот од неговото лежиште. Но во земјата сепак останаа многу жили и жилички што ги искинав со силно мавање.
Ќе ме преколнуваат тие жили напролет. Зашто во нив уште има живот, а им недостасува воздух. Ќе тагуваат тие по лисјето, дури не истлеат сосем.
На таков начин ја искорнав јас и љубовта од сувата почва на своето срце.

Питачи

И така, мачно, најпосле стануваме свесни дека е за нас, кои веќе нагло старееме, љубовта толку скапоцена, што нема надеж дека воопшто може да ни припадне, ако еднаш сме ја загубиле или никогаш и не сме ја сретнале. Ние мораме дури и од своите деца да питаме малку наклонетост, поблага насмевка, трошка повеќе внимание, писменце поинтимно интонирано - ние стануваме питачи на љубов. Се фаќаме сами себе во мислата дека би сакале да застанеме на аголот, приквечер, кога се палат излозите, и кога забрзано врват луѓето. Се надеваме на средба, иако е тоа сосем илузорна надеж.
 

Вештица

love&reason
Член од
2 јануари 2009
Мислења
1.524
Поени од реакции
856
Тешкотo

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат
штом тапан ќе грмне со подземен екот -
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто навира река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик -
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.

О тешкото!Старци излегуват еве,
на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со задржана тага.
Но 'рзнува тапан и писок се крева
и молња светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка,
се слева стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце - сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око,
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро!
Се заврте земја,
и чиниш - се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро
со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета -
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна - за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.

О тешкото! Кога во молк да те гледам
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш - в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура -
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг -
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си - внук.

Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка - на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват - сè чекор по чекор.
О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!

Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи,на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред.
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад -
те разнесе сегде бунтовната ногапо родниот кат.


О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
зар чудно е - солза да потече врела,
зар чудно е - жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој!
 
Член од
17 јануари 2009
Мислења
2.814
Поени од реакции
4.665
Кафез

Триесет години. И што е сторено?
Триесет скршени врчки.
Детето во мене е затворено
во еден кафез од брчки.


Тајна

Откриј ми една твоја тајна
па макар колку мала и лесна,
јас ќе ја кријам во себе гробно -
дури не стане песна.


Убавите жени

Убавите жени во мојот народ
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
О неправда!
Тие им припаѓале на неизбрани мажи,
нивните коси дење сплетени во прцлиња
ноќе распуштени по градите и колковите.
Нивниот постап на препелица
набрзо го сопинала унечка,
нивната младост поминувала
како мирис на липа што го одвева ветрот.
Набрзо тие седнувале на порта
со наведната глава и издадени коленици,
со нечујна издишка.
Убавите жени, несреќните жени
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.


Скопје

Ти што ќе стоиш на Газибаба,
потомче - чуј:
одовде и јас Скопје сум го гледал,
а денот беше пролетен, од тие
кога во меко единство се плетат
свежите линии на крововите
и сека топола е - зелен водоскок.
Со поглед малце премрежен сум бил
(одошто - молчам)
но видовит и јасен.
И знај:
јас сетив дека овој повик мој
е најсмел заграб во иднината
со твојот дух е преграб, јас би рекол,
и како остра секавица сече
век по век тој,
и вика, клика, рика:
Мисли на мене!


Ангелот на Света Софија

Ти кој што толку време мина
под малтерот на ѕидот мрачен,
пак слободен си в простор зрачен
- о сине тих на мисла сина -
со живот пак ти гори видот
и зори како небо ѕидот.
Но таа лика што се крие
под малтерот на мојте гради
и - утеха од дните млади -
по убост како сестра ти е,
не, нема мајстор да ја спаси,
со мојот живот ќе се згаси.

Враќање

Се поврати човек во родниот град
по многу време и мака.
Што оставил еднаш тој не најде пак,
тој не најде ништо
да мрази и сака.

И прошета дента по сокаци сам
со надеж за веселба бујна.
И прошета дента, а штом падна мрак,
тој застана мрачен
крај реката струјна.

А пееше долу брзотечен бран
за нешто што неврат го гони,
и човекот сети во душата жал,
му дојде да вика
и солзи да рони.
 
Член од
21 ноември 2008
Мислења
1.157
Поени од реакции
18
Blaze Koneski vtemeluvac i eden od kodifikatorite na sovremeniot makedonski literaturen jazik i viden knizeven,kulturen i javen rabotnik:akademik ,poet,prozaist,filolog,lingvist i profesor na Filoloskiot fakultet vo Skopje.
Sekoj obid da se napravi i kusa retrospektiva na negovite dela i zaslugi za makedonskiot jazik e recisi bez isklucok odnapred osuden na (ne)uspeh.
Koneski e vonseriski lingvist,megunarodno renomiran slavist,eden od najznacajnite protagonisti vo procesot na kodifikacija na makedonskiot standarden jazik,vtemeluvac na mekedonistikata na Filoloskiot fakultet vo Skopje.
koneski e eden od osnovacite i prv pretsedatel na MANY,vistinski poligraf,suptilen liricar,avtor na 13 poetski knigi,laureat na znacajni domasni i megunarodni nagradi i priznanija....ednostavno covek koj ostavil vecen pecat vo makedonstinata:smir:respekt
 
V

Viktorijabt

Гостин
Мој идол во поезијата и еден од Македонците што најмногу ги почитувам. Но, за него најдобро зборуваат неговите песни...

Љубов


Тие ми шибнаа суво копје в срце,
многу раце стискаа поздраво да го зацврстат.
После рекоа:
"Чекај да раззеленее!"


Реки

Ги пуштив реките да течат
дека се матни, дека мислат гласно,
и може негде некому да речат
што не сум знаел да изразам јасно.


Урнатина

Урнатина.
Ѕид или камен?
Зелен мов во секоја длабнатина.
Жолт гуштер - домаќин стамен.
Сонце безразлично по урнатината.

Ете ја вистината.


Тореадор

Јас долго чекав еден добар збор,
да дојде некој што сиот ме сака.
Омразо, бику, доста твојот рог
до годиње го извивам со рака.
Сум морен веќе од тој натиск див,
и в жили тапа рамнодушност лази.
Омразо, бику, ако потклекнам -
сеедно, гази со копита, гази!
 
Член од
30 јануари 2005
Мислења
7.397
Поени од реакции
1.308
Песот

Песот што добро ме познавал,
соседот мој, комшијата,
и ми се умилкувал толку пати со мавтање на опашката,
тој голем, убав, чист албинец,
бел пес-
што му стана сега во ова магливо утро,
да се нафрла на мене со жестоко лаење,
со оголување на блескавите песјаци?
Зар толку си се впила во кожава,
зар толку лошотија да премине на мене
од претходната ноќ во бесот -
да станам дури друг, непознат човек
за другарот, за песот!
 
Член од
5 јануари 2008
Мислења
532
Поени од реакции
614
Посебно мо се допаѓа оваа песна „Ангелот на Света Софија“. Блаже Конески воодушевува со оваа рефлексивна, мисловна песна.
Маестрално е направна паралелност помеѓу фреската на црквата како нешто вечно и младоста на човекот како нешто минливо. Период кој брзо поминува.

Според мене една од најубавите е „Болен Дојчин“. Инспириран од народната епска поема за овој јунак тој успел повторно да создаде рефлексивна песна. Има вметнато премногу чувства во ликот на Болен Дојчин. Затоа песната може да се толкува и со буквално и со алегорично значење.

Елен самак

Мизерни мршојадци му одат по трагите,
напрегнато го демнат.
Нема да го домамат кон стадото
витите кошути со сребрен ѕвон на копитата.

Неговите рогови се заплеткуваат во гранки
кога повтува да игра,
ноќе,
и наурез ја гледа месечината,-
за потоа да сети поголема бесмисленост на животот.

Тој мора сепак да живее
и како извор да тече,
сè дури не го свие тој, не за сон а за смрт,
своето десно колено.
 
Член од
17 јануари 2009
Мислења
2.814
Поени од реакции
4.665
Спомен

Не да те гонам како итра срна,
не како галаба в рака да те земам –
јас ќе те кријам во моево срце
како во гнездо ластовица скрита,
јас ќе те чувам како таен спомен
со ужас дека те заборавам.


Песна

О пеј ми, пеј ми!
Каква песна!
За едно пее
за друго збори:
„Се што си рекол,
се што си сторил,
случајно не е,
простено не е."

Сонот

Не напрегај се да ме гледаш,
јас имам свој тек,
тешко да ме разбереш.
Јас сум како подземна река,
под белиот варовник на дните,
изворот ми е -
далечна детинска ноќ.
 

Picasso`

Schizophrenic!
Член од
26 јануари 2007
Мислења
4.149
Поени од реакции
197
Ѕвер! Го обожувам.


Добро свршена работа.
Инџој.
 

sonne

војвода
Член од
26 мај 2006
Мислења
2.664
Поени од реакции
123
Порака

Умирањето, дури трае, е сепак се уште живот.
Ни љубовта не е умрена дури ти сеуште сакаш,
макар некого друг.
Поради сојот на трпките - дури и туѓиот плод во
твојата утроба
ќе биде повеќе мое дете.


Круша

Гледај - презрева крушата,
види - презрева крушата,
и уште малку, таа ќе гние,
ќе гние како душата.
Прво заврзал родот,
потоа узреал плодот,
паднало кривото и црвливото.
Нешто направил дождот,
нешто сторила сушата -
и еве жолто стрниште и плодови расфрлани
и мрави во просторот на душата.
 
Член од
17 јануари 2009
Мислења
2.814
Поени од реакции
4.665



Вангел​
Заради таквите луѓе
сонцето и нас не` грее.
Зборот ми е за Вангела
од Варошко маало.
Никој како него не е.
Двете тополчиња ги паметите
кај Средочна` вода на Маркукуле?
Како дете
што капинки таму сум јадел!
И вие може сте чуле,
а мене не ме зачуди
кога разбрав
дека тие две тополчиња
некогаш
не некој друг
ами пак Вангел ги садел.

Минатиов викенд го посетив Прилеп и бидејќи престојував во непосредна близина на Марковите кули, мојата екскурзија таму (по којзнае кој пат) беше неизбежна. Така се случи и фотографијава.
Оваа песна на Конески можеби (секако) не се вбројува меѓу најубавите што го напишал, но мене ми е посебно драга, оти и за мене претставува своевиден спомен од детството. Тополите (btw, тие се единствените тополи на Маркукуле, кое освен извесен број бадеми и грмушки, речиси и да нема дрва) се токму оние за кои авторот пишува. Порано беа пораскошни и поголеми, но времето си го прави своето. Не знам кој бил Вангел, но засадувањето дрвце (или две) претставува благороден чин, кој си нашол многу поплодна почва во поезијата на Конески, каде што без сомнеж ќе траат многу подолго.
 

Attachments

@cool@

Η Μακεδονία δεν είναι Ελληνική
Член од
2 јуни 2007
Мислења
23.601
Поени од реакции
27.109
Рамнина
Oј рамнино рано наутро расонета!
Истај го превезот, замаглицата на шипје напласти ја, да гледам како те галат полека ко дланки сенките од облаците.
Би сакал душава по тебе килим да ја постелам, би сакал срцево коњ 'рзак да биде, по тебе раван да оди, во правје да се прпела. Ех таго моја!
Се шириш пред мене како жена настрвена со очи светнати, колкови престегнати, жена изгорена, само не за мене, само не за мене!

Приспивна

Кој ли ќе те гушне со рацете мали и со златна коса саноќ да те гали?
Кој сребрена песна на сон ќе ти пее: „Надвор ветре дува, месечина грее.
Надвор лисје шуми, ројот ѕвезден бега.
Јас те сакам многу, мој си, мој си сега.
Надвор роса роси и зокумон спие. Спи ми, спи ми, сонот убав нека ти е."

Сон
Јас сакам да те знам проѕирна, далечна, мила: од коприна те ткам, од јасна ѕвездена свила.
И ти во искреста игра со виор и сињак, сеи и светлина минеш низ приказен крај, ти бледо чедо месечинско минеш низ приказен крај, и како далечен, и како трепетен, како радосен ѕвон ѕуниш во мојот сон.
Јас сакам да те знам проѕирна, далечна, мила: од коприна те ткам, од јасна ѕвездена свила.
 

karan

бивш поет, плукач, вљубеник во слободата
Член од
31 мај 2006
Мислења
3.595
Поени од реакции
2.719
Суво дрво

Нему само му се чини
дека и тоа шуми
меѓу сите дрвја во коријата
кога ветрот ќе задува
и тие од корен јачат.
Потребна му е голема мудрост
да сфати дека не е така
и дека само привиди го мачат.


ИСТОРИЈА

Есенско утро. Доаѓа Петре одоздола. Вели: "Добро е! Овде маглата почнала да се крева". Му се чудам. Па овде маглата тукушто почна да се спушта! Преѓеска дури малку се просончи.
Веднаш потоа јас слегувам долу в град. Таму прст пред око не се гледа. Дури сега го разбирам Петрета.
Така е секогаш во историјата!
 
Член од
30 јануари 2005
Мислења
7.397
Поени од реакции
1.308
Чувари

Вие што го чувате споменот на мојата младост,
на мојот занес, на мојата смеа,
на мојот понесен збор,
знајте:
понекогаш сум толку жеден за вашата рака!
И ми се чини дека од само еден допир,
мек и мигновен,
сè би минало што ме боли,
би се сталожило,
и би здивнала мојата душа.
Но сепак стојте кајшто сте се нашле,
да не се видиме пак!
Ваша должност нека остане,
да не се наруши споменот каков сум бил.
Ништо друго!
 

Kajgana Shop

На врв Bottom