СОСТАНОК НА ПРЕТСТАВНИЦИ НА ФУДБАЛСКИТЕ СОЈУЗИ ОД ПОРАНЕШНИТЕ ЈУГОСЛОВЕНСКИ РЕПУБЛИКИ
Во Љубљана ќе се договара Регионална лига!?
*Кон средината на месецов во главниот град на Словенија ќе се одржи состанок на кој, најверојатно, ќе биде разгледана оваа идеја
Повторно се актуелизира идејата за формирање на Регионална фудбалска лига во која би учествувале тимови од поранешните југословенски републики. По само неколку дена, откако првиот човек на хрватскиот Динамо Загреб, Здравко Мамиќ, јавно во медиумите посочи дека ваква лига би донела големи финансиски средства и секако поголем фудбалски квалитет, стигна информација дека кон средината на месецов во Љубљана ќе има состанок на кој ќе учествуваат претставници од сите фудбалски сојузи од "екс ју" државите. Меѓу нив ќе биде и ФФМ, претставувана од страна на претседателот Харалампие Хаџи-Ристески и, најверојатно, генералниот секретар, Игор Климпер. Оваа средба е договорена за време на ждрепката за квалификациите за ЕП 2012 која се одржа во неделата во Варшава. Таму секако биле присутни сите претседатели на фудбалските федерации од поранешните југословенски републики, кои оваа можност ја искористиле за договарање на заедничка средба.
Сите се согласиле, па така паднал договор кон средината на овој месец да се состанат во главниот град на Словенија и да си разменат идеи и искуства. Официјално, главната тема на средбата ќе биде унапредување на фудбалот на овие простори, неофицијално ќе биде разговарано и за можноста за формирање на толку веќе спомнуваната Регионална лига. Сите фудбалски федерации, меѓу кои и ФФМ го потврдиле учеството на овој состанок, но засега сите велат дека ќе се разговара само за унапредување на фудбалот. Никој не ја потврдува, или, пак негира информацијата дека ќе биде разговарано и за формирање на ваква лига. Пред само неколку дена имаше идеја, во летната фудбалска пауза, за време на подготовките во Анталија, да се организира турнир на "Големата југословенска четворка" мислејќи се на Црвена Звезда, Партизан, Динамо Загреб и Хајдук. Од таборот на Динамо се согласиле, позитивно размислуваат и во Партизан, додека Црвена Звезда и Хајдук с$ уште не се изјасниле позитивно. Токму оваа идеја се спомнува како навестување на она за што долго време се зборува. Формирањето на Регионалната лига, во која би учествувале фудбалски тимови од Македонија, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, БиХ. Засега не се спомнуваат имиња на клубови, ниту, пак, се потврдува дека на овој состанок ќе биде разговарано за ова. Идејата за формирање на Регионална лига одамна се спомнува, но засега никако да се реализира. Како главната причина се наведува безбедноста, и секако големите тензии кои владеат помеѓу навивачите, се разбира пред с$ од националната и етничка нетрпеливост по распаѓањето на Југославија.
Е.Р.
Црвена Звезда не сака во ваква лига!
Пред само неколку дена ова прашање го покрена првиот човек на Динамо Загреб, Мамиќ, кој изјави дека ваквата лига би донела поголем квалитет на фудбалот, но и поголема заработа. За разлика од него, веднаш од таборот на српскиот гигант, Црвена Звезда изјавија дека не се за ваква лига. Од таму потенцираат дека с$ уште е рано за формирање на Регионална лига, пред с$ поради безбедносни причини, но је ја исфрлаат можноста за некоја година да се формира вакво нешто.
http://sport.com.mk/WBStorage/Files/020902.pdf