Марс на 27, 28, 29, 30, 31 и 32 август
21.08.2009
За жал, како и пред две години, така и пред една, така и оваа, а за уште повеќе жал сигурно ќе се појавуваат и идната и таа по неа, и таа по неа... Повторно и повторно се појавуваат email-и како Марс ќе бил голем колку Месечината. Не сум психолог, но би сакал да ги запознаам и да ги анализирам луѓето што ги започнуваат тие верижни email-и.
Значи, ајде уште еднаш што рековме пред 2 години.
(
http://astronomija.com.mk/vest.asp?id=1292)
Марс на 27 август?
21.08.2007
Доколку сте член на некоја mailing листа, најверојатно сте ја добиле следнава порака:
„Aug 27th Planet Mars to appear as moon.
27th Aug the Whole World is waiting for.............*
Planet Mars will be the brightest in the night sky starting August. It will look as large as the full moon to the naked eye. This will culminate on Aug. 27 when Mars comes within 34.65M miles of earth. Be sure to watch the sky on Aug. 27 12:30 am. It will look like the earth has 2 moons. The next time Mars may come this close is in 2287. Share this with your friends as NO ONE ALIVE TODAY will ever see it again.“
Или истата во превод:
„На 27 август планетата Марс ќе изгледа како Месечината.
27 август целиот свет чека на.............*
Планетата Марс ќе биде најсветла на ноќното небо, започнувајќи од август. Ќе изгледа исто голема колку полна Месечина гледана со голо око. Ова ќе кулминира на 27 август, кога Марс ќе биде 34,65 милиони милји (55,76 милиони километри) оддалечен од Земјата. Задолжително гледајте кон небото на 27 август во 12:30 наутро. Ќе изгледа како Земјата да има две Месечини. Следниот пат кога Марс ќе дојде волку близу е во 2287 година. Сподели го ова со твоите пријатели, зошто НИКОЈ ЖИВ ДЕНЕС нема да го види ова повторно.“
Веднаш да ви помогнеме:
пораката воопшто не е точна. И не само што не е точна за 27 август, туку никогаш нема ни да биде.
Марс гледан со голо око никогаш нема да изгледа голем колку полна Месечина (освен, се разбира, доколку со вселенски брод не му се доближите, или да го гледате преку телескоп). Со една груба, но многу едноставна пресметка ќе ви покажеме дека не е можно Марс да се гледа толку голем. Марс е 6 800 km во дијаметар, а Месечината 3 500 km, што за нашата пресметка би зеле дека е двојно помала. Значи, за да ни изгледаат исто големи, Марс треба да е двојно подалеку од нас во однос на Месечината. Сега да видиме каква е вистинската оддалеченост.
Месечината е оддалечена околу 400 000 km од Земјата, а оддалеченоста на Марс значително се менува во зависност од моменталната позиција. Но, кога е во теоретскиот минумум, тој е оддалечен повеќе од 50 000 000 km, што би било 125 пати подалеку. Значи, Марс во тој момент би бил барем 62,5 пати помал од Месечината. Разочарувачки за тие што ја препраќаат пораката, зарем не?
Од оригиналната порака може да забележите дека никаде ја нема годината кога тоа ќе се случи. Најверојатно се работи за најблиското доблужување на Марс до Земјата на 27 август, но 2003 година. Тогаш се совпаднаа опозицијата и перихелот на Марс, поради што исклучително добро се гледаше во периодот август-септември 2003.
Зарем не забележавте тогаш дека Марс беше голем колку полна Месечина? ;-)
За крај мојот оптимизам дека не е точно дека НИКОЈ ЖИВ ДЕНЕС нема да го види Марс голем колку полна Месечина. Ако не сака планината кон Мухамед, Мухамед ќе оди кон планината... Некој кој можеби сега е дете, како член на првиот екипаж кој ќе слета на Марс, ќе ја има честа да го види Марс одблизу, па и да го допре.
Васко Цацаноски -
Извор