Д-р Паскал Сотировски, роден е 23. 11. 1927 г. с. Врбен, Гостивар. Основно училиште започнува во родното место, три класа гимназија во Горни Милановац и учителска школа во Белград. Потоа работи како учител во Бела Црква во училиште за деца од Македонија.
1950г. Сотировски е редовен студент на групата физика на Филозовскиот факултет во Скопје, а по дипломирањето 1956г. работи како професор по физика во гимназијата “Јосип Б. Тито” се до 1960г.
По назначувањето за асистент по астрофизика на природно-математичкиот факултет во Скопје, 1961 г. испратен е на специјализација по астрофизика на Сорбона, Париз.
Таму 1964 г. дипломира астрофизика и 1971 г. ја одбранил со најдобра можна оценка и докторската дисертација од областа на физиката на Сонцето. После ова Сотировски станува член на Францускиот Национален Центар за научни истражувања - високо признание во научните кругови. Тој е член и на Одделението за соларна и планетарна астрономија на Франција, а 1991 г. е избран за член на МАНУ, надвор од работниот состав,.
Д-р Паскал Сотировски и денес има свој кабинет во обсерваторијата “ Медон” во Париз, неговите трудови се објавуваат во сите научни списанија ширум светот. Тој е научник со интернационална репутација, држи предавања во Америка, Јапонија, Русија, Индија а зборува и неколку јазици - француски, англиски, руски и германски.
Д-р Паскал Сотировски од Париската обсерваторија „Медон“
македонскиот великан на светската наука за македонското чудо „Алшар“
ВЕЧЕН ПОГЛЕД КОН СОНЦЕТО
Кога се зборува за астрофизиката и за спектроскопијата, неизбежно се спомнува името на д-р Паскал Сотировски и неговиот придонес во разоткривањето на тајните на најсветлата ѕвезда – Сонцето.
Тивкото момче Паскал, кое, сега како научник за себе кажува, дека е упорен и тврдоглаво настојчив кога е во прашање истрајноста во работата, е роден на 23. 11. 1927 година во село Врбен, општина Гостивар.
Неговиот пат низ лавиринтите на науката, започнува во основното училиште во родното место, продолжува со три класа гимназија во Горњи Милановац и учителска школа во Белград, за потоа да работи како учител во Бела Црква во училиште за деца од Македонија.
Во 1950 година Сотировски станал редовен студент на групата физика на Филозофскиот факултет во Скопје а по дипломирањето, 1956 година се вработува како професор по физика во гимназијата „ Јосип Броз Тито“ во Скопје, каде останал се до 1960 година.
По назначувањето за асистент по астрофизика на природноматематичкиот факултет во Скопје во 1961 година, бил испратен да специјализира астрофизика на Сорбона во Париз. На Парискиот факултет во 1964 година Паскал Сотировски дипломирал астрофизика, а во 1971 година ја одбранил со најдобра можна оценка и докторската дисертација од областа на физиката на Сонцето. Со стекнувањето на втората факултетска диплома, Сотировски станува член на Францускиот Национален Центар за научни истражувања, членство што се потврдува со докторската диплома и претставува високо признание во научните кругови. Тој е член и на Одделението за соларна и планетарна астрономија на Франција, а за член на македонската академија на науките и уметностите, надвор од работниот состав, е избран на 7. мај 1991 година.
За 40 – годишната научна активност на д-р Паскал Сотировски, во која централното место го завзема Сонцето, може многу да се пишува. Спектроскопијата на Сончевите дамки и Сончевите ерупции, влијанието на Сонцето врз земјата и емитувањето на неутрината, претставуваат главна, слободно може да се каже, животна преокупација на овој светски научник од македонско потекло.
Д-р Паскал Сотировски и ден денес има свој кабинет во обсерваторијата „Медон“ во Париз. Неговите трудови интензивно се користат од врвни светски научници, а се објавуваат и во сите научни списанија ширум земјината топка. Тој е научник со интернационална репутација кој држи предавања во: Америка, Русија, Јапонија, Индија. Зборува неколку светски јазици: француски, англиски, руски и германски.
Научната активност на д-р Паскал Сотировски се одвива, главно, во париската обсерваторија „Медон“ од каде, служејќи се со моќните спектроскопски уреди на оваа институцуја, преизлезе и неговиот голем придонес во запознавањето на физиката на соларните дамки, ерупции и други појави од кои можат да се добијат значајни информации.
За својата научна љубопитност, д-р Сотировски раскажува дека нема да запре се додека е жив. Во неговото раскажување се чувствува тивка возбуда, а педагошката професионалност ја држи мислата во континуитет.
Врската со татковината никогаш ја нема прекинато. Постојано се враќа. За време на еден престој пред десет години во рудникот Алшар, точно овде, на југот на Македонија, наоѓа потврда за своите дотогашни истражувања. Во сончевата Македонија, на планината Кожув почнува да истражува и ги наоѓа одговорите на прашањата кои со векови ги поставувала научната мисла. Рудникот Алшар, тој загадочен рудник, во раскажувањата на д-р Паскал Сотировски станува, не само центар на неговите научни предизвици, туку и клуч за разрешување на вечната загатка – што се случува во центарот на Сонцето. И оттука почнува прикаската на д-р Сотировски за чудото на Алшар и неговата верба дека со помош на рудата лорандит од Алшар може да се разреши тајната на Сонцето.
До 1939 година не беше познат изворот на енергијата на Сонцето. Имало разни претпоставки. Благодарение на австрискиот физичар Бет сега знаеме дека таа доаѓа од центарот на Сонцето каде што температурата изнесува 15.000.000° С и таа температура опаѓа кон надворешните слоеви такашто на површината на Сонцето изнесува околу 6.000° С. Според тоа, светлината којашто ние ја добиваме на Земјата, доаѓа од површината на Сонцето, односно од неговата фотосфера.
При такви екстремни температури во центарот на Сонцето се случуваат бурни процеси при кои секоја секунда 600 милиони тони водород се претвораат во хелиум. Од овие 600 милиони тони водород, 4 милиони тони се претвораат во енергија, а тоа значи дека нашето Сонце секоја секунда губи по 4 милиони тони од својата тежина во зрачење.
Во ваквите процеси 4 јадра на водород се претвораат во едно јадро на хелиум со тоа што се добива фотон на светлина. Меѓутоа, тој процес не запира само со претворањето на водородот во хелиум, туку кога температурата на ѕвездата ќе се зголеми, хелиумот се
претвора во јеглерод, а тој понатаму во силициум, магнезиум се до железо кога, поради преголемите судрувања на честичките, би се создале буици неутрина кои би ги разнесле надворешните слоеви на ѕвездата со која би бил уништен целиот сончев систем. Нашето Сонце како ѕвезда од трета генерација, би се претворило во портокалест џин чија поврвина би ја зафатила дури и планетата Сатурн и би завршило како бело џуџе. Спред тоа, отсекогаш научниците ги интересирало што се случува во внатрешноста на Сонцето, а единствена честичка која може да ни каже нешто за тоа е неутрината. Зошто точно неутрината и што се тие? Светлината од Сонцето до Земјата пристигнува за околу 8 минути, патувајќи со брзина од 300.000 км. во секунда (299.792км/сек.), меѓутоа, таа светлина е од површината, а не од центарот на Сонцето. Бидејќи фотоните патуваат со измена и тие веднаш по создавањето или се распрснуваат или ќе бидат абсорбирани, на еден фотон кој, како сигнал – информација би тргнал од центарот на Сонцето, за да стигне до површината, би му требало од 700 – 1.000.000 години, што, се разбира, е неможно, односно и ние по толку време би добиле информација за тоа што се случува таму, додека неутрината, кои, исто така, патуваат со брзина на светлината, тоа растојание би ги минале само за неколку секунди (пречникот на Сонцето е 1.391.106 км.), затоа што неутрината ништо не може да ги запре и за нив како да не постои препрека. Сеуште е тешко да се каже точно што се неутрината, тие фантомски честички кои немаат полнеж и маса и кои се создаваат во центарот на ѕвездите. Бидејќи за неутрината како да нема препрека, тие на Земјата пристигнуваат, речиси, веднаш, односно можат во „вистинско време“ да не информираат за тоа што се случува во внатрешноста на Сонцето, а од тоа што се случува во него, зависи судбината на целиот сончев систем. Меѓутоа, како да се „улови“ фантомска честичка без маса и полнеж какви што се неутрината?
Се до денес мистеријата на неутрината не е разоткриена. Разни детектори се употребувани да се „уловат“, но, без успех. Детекторот на Дејвис има регистрирано 30% од бројот на неутрината предвидени со теоријата. Јапонските истражувања „Камиока“ овозможиле да се избројат 40%. Последните истражувања во лабораторијата „Гранд Сасо“ (Италија) изброија дури 60%. благодарение на својот детектор „Галиум“.
Д-р Рејмонд Дејвис во градот Лид во Јужна Дакота – САД, во голем резервоар во напуштен рудник за злато Хоумстеик, ставил 400.000 литри тетрахлоретилен во кој секој четврти атом на хлор е изотоп. Точно овие изотопи можат да запрат едно неутрино со тоа што тоа неутрино ќе расцепи еден неутрон и хлорот ќе се претвори во благороден гас – аргон кој, потоа може да се регистрира. Но, овој метод не само што е не рационален, туку е и доста несигурен. Најсигурен, и барем за сега единствен начин да се детектираат сончевите неутрина, а со тоа и да се дознае до која фаза се стигнати процесите во внатрешноста на Сонцето е со помош на ретката руда на талиумот – лорандит, која се наоѓа во рудникот „Алшар“ кај Кавадарци. Овој природен детектор чувствителен на неутрината не содржи ниту ураниум, ниту бизмут, ниту други елементи чие разложување би произвело олово 205. Кога едно неутрино ќе погоди атом на талиум (TL 205), тој атом се претвора во олово (Pb 205), а знаејќи дека само неутрината можат да пристигнат до талиумот, тогаш науката има начин како да ги изброи атомите на создаденото олово со што, всушност, се утврдува бројот на неутрината што ни ги има испратено Сонцето и кои единствено можат да се пробијат низ наслагите на карпите и да стигнат до талиумот кој се наоѓа под површината на земјата. Значи, слојот карпи кој го покрива лорандитот го заштитуваат од влијанието на сите други честички што стигнуваат од Вселената или Сонцето и овозможуваат точно да се утврди колку атоми на талиум од лорандитот се претвориле во олово.
Тоа го раскажува истакнатиот астрофизичар чија животна приказна е исполнета со нескршлива верба и неисцрпна енергија својствена за научник од светски ранг каков што е д-р Паскал Сотировски.
„За прв пат еден важен експеримент ќе ја потврди теоријата. Во секој случај, резултатот ќе биде интересен“- ја завршува приказната за фантастичниот лорандит, д-р Паскал Сотировски.
Се разделуваме со големиот научник горди што Македонија дала такви великани на науката, посакувајќи му долг живот исполнет со нови научни истражувања и уште поголеми успеси со кои, всушност, ја промовира и афирмира точно македонската научна мисла.
А надвор, убав сончев ден. Над мене Сонцето го побелува синилото на небото. Ме грее и ја чува најголемата и најдолга тајна на нашата планета заедно со „Алшар“, а таа е тајната врска на Сонцето со Земјата. Дали таа тајна ќе биде целосно разоткриена и кога ќе биде тоа, останува да кажат науката и научниците. За тоа имаат време, а ние го имаме „Алшар“ како што ги имаме и претпоставките на научниците дека нашето Сонце ќе ја грее планетата Земја уште многу, многу милиони години додека не се претвори во бело џуџе, но дотогаш ќе минат неколку милијарди години.
http://www.makemigration.com/strani/...93&submenu2=-2