На нероден референдум капа му кројат
ВМРО-Народна партија бара на идниот референдум да имаат право на изјаснување Македонците од целиот свет, а професорката Каракамишева смета оти нема законска основа за такво нешто
Иако референдумот за името засега се подготвува само во партиската лабораторија на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тоа не е причина да почнат да кројат планови за тоа кој ќе треба да се изјаснува на општонароден референдум. Главното прашање што деновиве се постави е дали и иселениците ќе може да гласаат на референдумот или тој ќе биде само за граѓаните на земјава, како што и предвидува Законот за референдум. Сепак, клучното прашање е - која е законската основа за спроведување референдум на кој граѓаните би се изјаснувале за името.
Според сознанијата на „Дневник“, за државната стратегија за името што ја предложи пратеникот Стојан Андов се одржале шест консултации и на сите шест ВМРО-ДПМНЕ го поставила барањето во стратегијата да се вметне можноста за спроведување референдум. Но, како што дознаваме, ниту еднаш не било објаснето врз која правна основа тој референдум би бил спроведен.
ВМРО-Народна партија завчера изјави дека референдум за името не е потребен, но ако владејачката гарнитура одлучи да го спроведе, тогаш да се изјаснат сите Македонци во светот. Според в.д. претседателот Марјан Додовски, референдумското изјаснување претставува чин на бегање од одговорноста, што според Уставот и надлежностите треба да ја преземат Владата и претседателот на државата.
- Спроведувањето референдум не може да биде ексклузивно право само на граѓаните што живеат на територијата на Република Македонија и ќе нема никаков легитимитет, зашто голем бројк Македонци живеат надвор од нејзината територија како малцинства во околните држави и иселеници во дијаспората. Ако иселениците, според Изборниот законик, од 1 септември годинава имаат право да гласаат на парламентарни и на претседателски избори, право на глас треба да имаат и за ова прашање - рече Додовски.
Професорката Тања Каракамишева од Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вели дека, пред се', зависи кога би се организирал референдумот, зашто Изборниот законик предвидува вклучување на дијаспората во изборниот процес од наредните парламентарни и претседателски избори, без разлика кога тие би се одржале. Дотогаш, дијаспората не може да учествува во изборно изјаснување.Според неа, станува збор за две различни работи.
- Парламентарни и претседателски избори се еден институт на кој граѓаните се изјаснуваат, односно избираат претставници на политички институции, а референдум е сосема друг институт, на кој граѓаните се изјаснуваат за едно прашање. Што значи, дијаспората, според Изборниот законик, ќе може да учествува на наредниот циклус парламентарни или претседателски избори, но не и на евентуален референдум за изјаснување за името - вели Каракамишева.Професор Ѓорѓи Тоновски од Универзитетот ФОН вели дека референдумот во суштина значи изразување на народната или волјата на народот, а во народ спаѓа секој што е државјанин на Република Македонија.
- Секој што има македонско државјанство може да учествува на референдумот што би се организирал за изјаснување околу името и да ги изрази својот став и волја. Сосема друга работа е дали ние како држава сме подготвени да организираме и претставниците на дијаспората да учествуваат на избори или на референдум. Сепак, сметам дека се работи за мошне чувствително прашање, особено за дијаспората, зашто нејзините претставници во државата во која претстојуваат се легитимираат со државата од која доаѓаат. Затоа се и особено заинтересирани за ова прашање. Тоа во многу ќе им помогне да имаат чист легитимитет во средината во која живеат и работат - изјави Тоновски.
Советот на Македонската заедница во Мелбурн, Викторија, завчера донесе Резолуција во која се посочува дека Македонија решението за спорот наметнат од Грција за името мора да го бара во Обединетите нации (ОН), а не преку разумен компромис и референдум.Во Резолуцијата целосно се отфрлаат ставот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов за разумно компромисно решение со Грција и на премиерот Никола Груевски решението за промена на името да се решава на референдум.
„Сметаме дека ставовите за разумен компромис и референдум ќе бидат катастрофални за иднината на Македонија и за македонскиот народ. Иако референдумот се смета како највисок степен на демократија, во македонскиот случај тоа ќе биде почеток на крајот на постоењето на името Македонија“, се истакнува во Резолуцијата во која е посочено и дека не можат да излезат на гласање една рака Македонци од Република Македонија во отсуство на Македонците што живеат во соседните држави и во светот.Неодамна во Вашингтон на Светската конференција што ја организира Обединетата македонска дијаспора се усвои резолуција во која се повтори поддршката Република Македонија да не го менува уставното и историско име на државата.
Христо Ивановски, Предраг Димитровски
ииии линк
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=51128974072E824899FB92DBCED5C271