Понекогаш имам чувство дека мозокот сака да се откаже од моето тело преку службен весник. Имам некоја чудна потсвест поделена на два дела комплетно независни една од друга но и од мене како личност која ја гледам во огледало секој ден. Како две братчиња, знаат да се скараат од време на време и тогаш не можам да размислувам па емоциите ме обземаат за миг. Радоста се зголемува за илјада пати како вчера вечер, а депресивните песисмистички мисли се исто толку моќни наутро. Стабилноста во овие моменти ме напушта, но сум сеуште доволно свесен да можам да седам на третиот спрат со најдобар поглед на Скопје и да размислувам за својата тлеечка шизофренија. Лабилен сум како лошо моделирано хартиено бротче во када и само се чека кога ќе се превртам. Комплетно сум непредвидлив и среќа што нема кој да ја види таа моја налудничава страна и да ме поведе во амбисот. За среќа, го имам кровот за мир и кафе со арома на Бразил па сета оваа конфузија ќе замине додека трепнеш. Да, ја имам и книгата на Кате, одам да ја довршам конечно, бидејќи секоја идеја повеќе во ова тркало што го носам на рамења ме носи чекор поблиску до провалијата.
Сакам да сум на кров, да ги гледам од високо луѓето, но едноставно знам дека тоа не е никаква сатисфакција и не ми причинува задоволство. Мојата омилена позиција во однос на блиските е идеално споени раце во топла прегратка. Да, ако е на урбан кров, со перфектно изгрејсонце... уште подобро.