Кајгана чита - 2026 edition

  • Креатор на темата Креатор на темата Zlatikevichius
  • Време на започнување Време на започнување

Колку книги мислите дека може да прочитате во 2025?


  • Вкупно гласачи
    35
  • Гласањето ќе се затвори: .
16. Никогаш не оставај ме - Казуо Ишигуро - 8/10

Лесна книга за читање, која добива на тежина како одминуваат страниците. Станува збор за дечиња кои раснат заедно во интернат со една животна цел, која не им е цело време позната, а тоа е да ги донираат своите органи кога ќе пораснат. Целата атмосфера е секојдневна, а всушност не може да биде понесекојдневна. Од една страна имаме предмети на училиште, дом со дечиња, емоции, закачки и заљубувања, се што му е на човека познато и низ кое секој поминал, од друга страна имаме мистичност, тајни премолчени, изгубеност и милион прашања без одговор околу тоа што се крие во иднината и ги чека тие дечиња. Јас дури откако ја прочитав сфатив дека станува збор за клонови, а не едноставно за деца на проститутки, зависници или социјални ранливи категории кои ги оставиле своите деца уште како мали во дом, па во дистопичното општество се пренамениле тие деца да станат донатори на органи. Чудно како толку едноставна книга за читање, која може да се раскаже во 2 реченици, може да остави толку силен впечаток, кој воопшто не може да се раскаже, може само да се доживее читајќи. Чувството на меланхолија, недавање среќен крај и свесноста за минливоста и безначајноста на животот, која се добива читајќи ја книгата, може да се забележи и во делата на Харуки Мураками, а верувам и кај други јапонски автори, кои допрва ќе треба да ги читам. Ја препорачувам.
17. Светот не е фабрика за исполнување желби - Џон Грин - 8/10

Навистина сум среќен што ги прочитав оваа книга и “Никогаш не оставај ме“ една по друга. Сосема случајно се погоди така, но книгите имаат многу сличности меѓу нив, како да се е дел од некоја група собрани дела посветени на човечка ампутација. И кога мислам на ампутација, не мислам само на физичка, туку на емоционалната и на менталната. Тука главните ликови се Хејзел која е подготвена да умре, но нејзиниот рак е ставен под контрола, како и Августус, кој исто така мисли дека го има оставено ракот зад себе после ампутацијата на ногата. Двајцата се запознаваат во група за поддршка на болни од рак, се заљубуваат и се пример како да се живее животот и како да се ужива во убавите моменти кои не се вечни. Двајцата наши херои служат за инспирација, но и не поттикнуваат повеќе да го цениме животот и да бидеме благодарни на се она на кое не обрнуваме внимание, бидејќи го сметаме за дадено, а истото може многу лесно да ни се одземе. “На овој свет немаш шанса да избереш дали ќе бидеш повреден, но имаш шанса да одбереш кој ќе те повреди“, ова на крајот беше навистина емотивно. За разлика од “Никогаш не оставај ме“, која не "тресна од земја" и не понуди никаков хепи ендинг и надеж, тука се јави чувство на некаква сатисфакција од каков таков среќен крај во целата несреќа. Нешто останува во целата минливост на нештата, убавите спомени ги носиме со себе и не водат низ животот, а што е животот освен само збир на спомени.
 
6. Стакленото ѕвоно – Силвија Плат (Три)
Прегледај го приврзокот 487759

Роман за една млада жена која постепено се оддалечува од светот околу себе и се обидува да најде начин да се справи со сопствените мисли и избори, очекувањата што таа ги има за себе и со очекувањата кои другите ги имаат од неа. Книгата многу искрено ја прикажува осаменоста, притисокот да бидеш успешен и чувството дека животот продолжува, додека ти стоиш во место. Приказната ја следи младата студентка Естер, која добива престижна пракса во Њујорк, но наместо очекуваната среќа, се соочува со чувство на празнина и збунетост. Нејзината приказна постепено станува потемна и нè внесува во нејзината борба со сопствената психичка состојба.
Не е лесна книга, но е напишана многу искрено и без разубавување. Мене ми беше интересно што Плат успева една многу лична приказна да ја направи препознатлива за секој што некогаш се почувствувал изгубено. Топла препорака за оние што сакаат интимни и искрени романи.


7. Волга, Волга – Миљенко Јерговиќ (Антолог)
Прегледај го приврзокот 487760
Романот ја следи приказната на еден човек кој тргнува на патување со стара „Волга“, а патувањето постепено станува многу повеќе од обично возење. Низ спомените и приказните за луѓето што го опкружуваат се откриваат лични и семејни трауми, кои оставиле длабоки последици.
Првпат читам нешто од Јерговиќ и ми се допадна начинот на кој од една навидум едноставна идеја (главниот лик секој петок да патува од Сплит до Ливно и назад за молитва) постепено гради приказна за цела една генерација. Приказната се отвора полека, без брзање, а настаните и ликовите постепено ни откриваат сè повеќе за времето и луѓето за кои пишува. Топла препорака за оние што сакаат реалистични романи од нашите простори.

7. Странецот – Албер Ками (Три)
Прегледај го приврзокот 487762
Книга за апсурдот, отуѓеноста, рамнодушноста... која отвора многу повеќе прашања отколку што дава одговори. Приказната го следи Мерсо, човек кој на смртта на својата мајка реагира поинаку од она што општеството го очекува. Неговата рамнодушност и одбивањето да се преправа дека чувствува нешто што не го чувствува го прават туѓинец во очите на другите. По едено убиство, неговиот живот целосно се менува и тој се соочува со последиците од своите постапки.
9. Шумата на обесените – Ливиу Ребреану (Македоника Литера)

LIVIU-REBREANU-SUMATA-NA-OBESENITE.jpg

Воен роман што ја следи приказната на Апостол Болога, Романец и офицер во австроунгарската војска за време на Првата светска војна. Кога неговата единица е распоредена на рускиот фронт, а Русите се непријателот, тој цврсто верува во воената чест, војничката должност и верноста кон државата на која и служи. Но, по преместувањето на единицата на романскиот фронт, каде што непријателите стануваат негови браќа по крв, работите почнуваат да се менуваат. Многу интересен психолошки роман за внатрешната борба на човекот и за значењето на воената заклетва и должност, дезертерството и предавството, од една страна, и националната припадност, татковиот аманет и семејните корени, од друга. Романот е уште повпечатлив бидејќи авторот се потпира на вистински настани, а ликот на Апостол Болога е инспириран од судбината на неговиот брат.

10. Заеби ја сега илјадарката – Борис Дежуловиќ (Prozart Media)

048038_w_1200_1200px.jpg

Приказната следи две групи од по шест војници, една хрватска и една босанска, кои се наоѓаат на тајна, диверзантска мисија. По некоја случајност, двете групи во исто време доаѓаат до иста идеја: да облечат униформи на противничката војска и да се прикрадат зад непријателските линии. Но, наместо да ја остварат својата намера, тие се среќаваат една со друга. Интересна идеја и тема, но романот некако не ме воодушеви. Целта на авторот е да го прикаже апсурдот и непотребноста на војната и преку приказните за ликовите да ни ја долови нивната блискост. Да ни покаже дека тие имаат исти интереси, ги мачат исти проблеми, доаѓаат од исти места и, во суштина, живеат исти животи, а дека ги „делат“ само верата и националната припадност.

Но, јас мислам, или барем така го доживеав романот, дека авторот со тоа го постигнува токму спротивното. Иако војниците доаѓаат од исти места, се приближно на иста возраст и на некој индиректен начин се поврзани едни со други, тие воопшто не се познаваат. Ги слушнале истите приказни и веруваат во истите митови од минатото, но главните ликови во тие историски приказни ги заменуваат своите улоги (партизаните со усташите, усташите со четниците, ...). Ги познаваат истите луѓе и се среќавале со нив, но самите меѓусебно не се познаваат. Никој од едната шесторка не познава никого од другата.
Разбирам дека ова е дел од начинот на кој авторот ја гради неизвесноста и ја одржува напнатоста во приказната, но, според мене, токму тука се губи целата суштина на неговата порака. Иако пред војната живееле физички блиску едни до други, фактот што не се ни познаваат "од град" или "од видување" ја нагласува нивната меѓусебна оддалеченост и изолација, наместо да ја истакне нивната блискост и сличност.

Романот знае да биде забавен во одредени моменти, но јас лично не би му придал особена книжевна или антивоена тежина. Идејата е интересна, но не ме убеди начинот на кој е разработена.
 
Back
На врв Bottom