Годинава за 1:25:42 ја истрчав полумаратонската трка, што е за минутка и 22 секунди послабо од лани, но задоволен сум од времето, бидејќи немав соодветна подготовка за тркава. Трчав, бев активен, доста и планински трки имав, но со должини слабо стоев, една 15ка имав на тренинг и другото до кај 12км. Ме вади тоа што константно трчам 3-5 пати неделно во годината, сите месеци, а не само кога има трки, секако со исклучок кога сум на одмор или некое патување.
Исто така сакам да споделам дека има огромен пораст на бројот на учесници и во бројот на квалитетни учесници. Во 2019 гледам сум имал време за неколку секунди послабо од тоа што го имам годинава, сум завршил 21во место, годинава сум 67мо место. Многу е поубаво да се трча кога има подобра конкуренција, цело време си во група и се наоѓа некој за полесно да поминат километрите. Ова е доказ и дека Скопски маратон расте како бренд, до лани ако не се лажам на полумаратон немаше Кенијци, сега први 3 се од Кенија. На маратон доаѓаа 3ца, сега доаѓаат 10 души. Нема веќе калкулации, имаме бренд, имаме и гигант како Дарио што може да им се спротистави.
Годинава беше најдобра организација на Скопски маратон. Станици со вода и пијалоци за освежување имаше буквално на секој километар, потоа имаше доста повеќе музичари долж патеката споредбено со други години. Имаше некој бим со пораки што е новитет и што очекувам следна година и видеа да има или некои поинтересни пораки (да се насмее човек во маката). Имаше и многу повеќе поддржувачи на патеката. На крајот колку толку имаше останато работи за тие што финишираа маратони со побавно време или за сите штафета што трчаа (Не е идеално, ама имало години каде што апсолутно ништо немало). Да не испадне дека се е пофалби, фалеа трубачите што беа во Аеродром на уличката меѓу булеварот Јане и улицата кај Хемиско школото, лани тие ми беа хајлајтот на трката. Исто така моја сугестија е целата зона околу плоштад каде што се штандовите на Бимилк, Виз, Хајникен, да биде заградена, дека не е баш коректно да доаѓаат рандомци луѓе да грабаат цели пакети и да снемува за луѓе што трчале 42км и што душа оставиле на улиците. Пример нека се земе Љубљана, заградениот простор е километар долг, два различни дела, тука е 40 квадрата, од кои те бркаат да не се прави гужва, после тоа се штандови до кои сите имаат пристап. Од тоа што имам трчано, Скопски е подобро организиран од Загребачки, Подгорички, Белградски, а е полошо од Љубљански. Исто така да го пофалам медаљот, годинава е најдобар според мене и доста уникатен дизајн со тоа што ротира.
За крај, извинете, но јас морам само да посветам една реченица на моите “омилени“ луѓе, кои на објава со известување дека ќе е блокиран сообраќајот поради трката даваат коментари “Пак поради некои циркузанти, ќе трпи цел град“, “До кога ќе страдаме сите поради нечии хирови“, “Зошто не трчаат на кеј“. Јас сум човек што секогаш има разбирање за 2те страни, се е направено да не се блокираат најкритичните точки, точките со пристап до болници, пропуштани беа возила на раскрсници каде што немаше во тоа време голем број трачи, нека се запрашат зошто се трча Теодосиј, а не Партизанска која е пораздижена и би имала повеќе публика, нека се запрашат зошто Јане не се трча накај булевар Србија и неколку пати има мртви вртења само да не се блокира сообраќај, ова се правиме муабет во недела во 8 сабајле. Се имало разбирање, за се што е итно, е сега каде е разбирањето за луѓето што трчаат? Некој трча и тоа му е професија, деца храни дома од тоа, некој трча бидејќи тоа му било спасот кој го тргнало од дрога, алкохол, некој трча бидејќи сака да прави нешто продуктивно освен кафиња пиење и безделничење. Уште многу треба да растеме на тој поглед, на поглед “имање слух за работи кои не не засегаат“, пример ако јас возам кола нема да се бунам за набавка на автобуси и да пишам “Зошто се трошат пари на ова, и така сите коли возиме“, се надевам дека ќе еволуираме во менталниот склоп.