Кајгана чита - 2026 edition

  • Креатор на темата Креатор на темата Zlatikevichius
  • Време на започнување Време на започнување

Колку книги мислите дека може да прочитате во 2025?


  • Вкупно гласачи
    29
  • Гласањето ќе се затвори: .
Будење на Позитивната Енергија -Зоран Крстевки
Интересен и позитивен поглед на животот и работите за тоа дека во многу случаеви самите одлучуваме за нашата болка или позитива во врска со тоа кој избираме за партнер дали би бил љубовен партнер другар или колега.Може да се научи доста за некои од нашите проблеми и да се има друг поглед врз нив.
 
Премногу деминутиви има во книгава, срценце, душичко, златце, ангелче, разбирам дека тоа е поентата и се искажува љубов, но сепак, многу лигаво за читање, да бидам искрена.

Ете види сега. А ти реков, нели ти реков да не читаш многу машки книги? Ќе ти купи мече за Валентајн, ќе му раскинеш, нема да знае зошто. Ќе се дефеминизираш тоталка, ќе станеш како Тачер, Медлин Олбрајт или Мирка.
 
1. The Odyssey - Homer ★★★
2. Project Hail Mary - Andy Weir ★★★★★
3. Трипати Взори - Алесандро Барико ★★★½
4. Piranesi - Sussanna Clarke ★★½

5. John Williams - Stoner ★★★★★

IMG_1207.webp

Ме скрши книгава. Ме натера да почувствувам многу чувства со кои не сум сакал да се очигледно соочам. Прекрасно раскажана, со акцент на стоицизмот и за како еден маж се носи со што животот му донел, и иако можеби некогаш животот е тивко, внатрешно страдање, треба да се износи со тоа наместо да се жали кога целта е благородна. А јас секогаш ќе го наоѓам тоа на свој начин романтично и го гледам како нешто што може да даде смисла на ова бесмислено постоење. Не секој живот е извонреден, но секој живот е вреден ако останеш доследен на тоа што си.

Го следиме Вилијам Стонер кој доаѓа од земјоделска фамилија која го пушта на факултет за агрикултура, но тој развива љубов за литературата и покасно останува помошен професор поради истата, поради што мора да ги остави своите родители, но не без да се бори со вина и нивна отуѓеност. Следиме како се жени рано и погрешно, како создава мали непријатели низ животот и како истиот го учи дека е надвор од наши раце, станува отуѓен и од ќерка му, и жена му, сведочиме и средновековна криза, афера и пропуштени шанси поради поголема слика, за да на крај не праша индиректно и самиот; “што очекуваше?” Дејството се одвива во периодот пред прва светска и после втора светска војна во Мисури. Стонер е вистинско изучување на обичниот човек и живот, и гаѓа во сржта без извинување. Болеше книгата, но, во тема, издржав. Препорака бидејќи не е само 5/5 кнкга туку е книга што знае да промени живот. Книга за себеспознавање, за прифаќање, за осаменоста, просто прекрасна книга за животот. Книга поради која мислам дека во моите последни моменти ќе се прашам: “што очекуваше?”.

Стотици извадоци кои ги препрочитував, но кога рандом страна отвара вака, епа ќе боли, како да не: “In his extreme youth Stoner had thought of love as an absolute state of being to which, if one were lucky, one might find access; in his maturity he had decided it was the heaven of a false religion, toward which one ought to gaze with an amused disbelief, a gently familiar contempt, and an embarrassed nostalgia. Now in his middle age he began to know that it was neither a state of grace nor an illusion; he saw it as a human act of becoming, a condition that was invented and modified moment by moment and day by day, by the will and the intelligence and, the heart.”
 
1. ,,Демони" - Ф. М. Достоевски
Ја почнувам втората што си ја купив денес сосема непланирано. Го планирав Ф. М. Д. (агејн), ама ете, мало невнимание и оп сопка од страна на другиов Интергалактички Мега Цар, што би рекол Рамбо Амадеус :roker:
Имено:
1000002126.jpg

1000002124.jpg
 
Последно уредено:
1. The Odyssey - Homer ★★★
2. Project Hail Mary - Andy Weir ★★★★★
3. Трипати Взори - Алесандро Барико ★★★½
4. Piranesi - Sussanna Clarke ★★½
5. Stoner - John Williams ★★★★★
Обично не сакам тврди корици поради непрактичност и умор, но Стонер изданието со свилена хартија финиш ме потсети на разликата со ефтината темно-кафеава рециклирана хартија во аеродром книгите, кои обично поради тоа се наоѓам како повеќе ги малтретирам, виткам страници, кршам злобно кичма, хајлајтирам и шкрапам, и читам во најчудните седечки и лежечки позиции. Па сакав пак некое добро издание да држам во рака кое ќе ме држи исправен. Бидејќи се спомнаа машки и женски книги, а претходно читав “машка”, изборот во обид на разбирање жените повеќе падна на:

6. The Bell Jar - Sylvia Plath ★★★½

IMG_1229.jpeg
IMG_1230.jpeg
IMG_1232.jpeg
IMG_1233.jpeg

Книгата изгледа како песна со брзо темпо која сакаш да ја потпевнуваш и џускаш на, но текстот е мрачен и тажен. Како Last Kiss на Pearl Jam. Розева, со илустрации, вистински цвеќиња внатре стиснати од цимерката како букмаркс ваљда, корици и супер проред, но внатре хаос, менталнo распаѓање, борба со очекувања, идентитет, сексуалност и желби за сабоубивстба па и обиди. Ја следиме Естер која поради нејзините академски успеси и бубање е на некоја модна стипендија во Големото Јаболко, со пракса и шанси кај многу успешни списанија, но социјалниот притисок и воопшто притисокот на coming of age, сексуалност и очекувања ја преоптоварува толку што ја фрла од колосек, особено после еден немил настан последната ноќ пред да се врати дома во родниот град за летниот распуст. Моите очекувања беа малку повисоки, бидејќи иако е ептен кул напишана со излив на сите нејзини мисли на страниците, сепак очекував поголемо откривање и увид во женската психа од тоа што веќе на некој начин знаев, а и очекував повеќе од тоа со кое сите с(м)е се соочиле до некаде. Сите до некаде сме во неизвесност да не нѐ покрие стакленото ѕвоно, без разлика на полот, get a grip. :icon_lol: Со разлика што кај повеќето не преминало во клиничка депресија и електрошок терапија. Како што и докторката после првиот однос и обилно крварење и рече, мора да си една од милион. И тоа некако ми го сумираше цело лик и дело. Морам да признаам делот со болниците беше како сон дур си со температура. Тажно ми падна кога прочитав дека е аутобиографска и писателката се самоубила. Ако тоа е тежината на книгата, so be it.

Друго што прочитав деновиве беше:

7. Мистериозниот Странец - Марк Твен

IMG_1244.jpeg

Оваа е помала книга од претходните, некои 100-тина страници и ја почнав како дружење во воз, мислејќи ќе ја прочитам во неколку саати. Не очекував да ме она вози а не возот, и да толку ме тера на ментална гимнастика.

Приказната се одвива во мало Австриско село некаде во 1500 година, каде технички се појавува сатаната на три млади момчиња а подоцна и на селото, и продолжува да си “игра” со нивните судбини. Приказната е мислам слабата страна на книгата која може да се прошири и елаборира за поголема имерзија, бидејќи има простор поради малкуте страни. Наместо тоа добиваме само многу добро збиени идеи и заклучоци. Се прашува што е моралот, што е чувството на морал, што е зло и дали е зло ако се додаде контекст, се збори за детерминизам, пеперутка ефектот и смислата во постоење, ако има Бог. Подолу текстот ја доловува општо книгата, бидејќи скратено е само критика за човековата природа:

Сатаната рече дека тој е осомничен за ерес и дека џелатите сега ке почнат со негово испрашување. Бараа да ја признае вината за која се терети, но тој одговори дека не може да признае бидејќи тоа не е вистина. Потоа почнаа да му стават клинци под ноктите, а тој од болка врескаше на цел глас. На Сатаната тоа воопшто не му пречеше, но јас не можев да издржам и го молев веднаш да ме извади оттаму. Ми беше мака и ме фаќаше несвестица, но свежиот воздух ме поврати и тргнавме кон мојата куќа.

Реков дека тоа е животинска постапка.

„Напротив, тоа е човечка постапка. Не треба да ги навредуваш животните, тие тоа не го заслужуваат", рече, па продолжи: „Таква е таа твоја кутра раса - постојано лаже, постојано си придава доблести кои ги нема, секогаш им ги оспорува на животните, кои единствено ги имаат. Ниту едно животно никогаш не прави нешто така свирепо. Тоа е монопол на оние со Чувство на Морал. Кога некое животно нанесува болка, тоа го прави невино, тоа не е зло, тоа не знае што е тоа зло. И тоа не нанесува болка само затоа што ужива да ја нанесува, тоа го прави само човекот. Инспириран од тоа свое измелезено чувство на морал. Чувство, чијашто задача е да го препознае доброто од злото, со можност да одбере што од тие двете да прави. И, каква предност може од тоа да извлече? Постојано одбира и во девет од десет случаи се определува за зло. Злото не би требало да постои и кога би го немало Чувството на Морал, тоа не би ни можело да постои.
А човекот е толку неразумно суштество што не е во состојба да сфати дека Чувството на Морал го става на самото дно на скалата на живите суштества, и дека тоа е многу срамна особина. Подобро ли се чувствуваш? Доіди да ти покажам нешто."

★★★½
 
3. Гордост и предрасуда - Џејн Остин (Арс Ламина)
1707647958gordost-i-predrasuda-1.jpg
Не очекував дека ќе ми е интересна и ќе ми го задржи вниманието. Можеби по интересно ми беше да се следи односот меѓу ликовите и односот меѓу благородниците (или подобро кажано меѓу нијансите на благородништвото) и да се научи нешто за него во дадениот историски период, отколку главната тема, мажачките на сестрите Бенет. Дејствието ги следи сестрите Бенет (пред се Елизабет Бенет), кои се во потрага по вереник/момче, по можност богат за да можат да го продолжат истиот животен стил на висока нога, бидејќи имаат мало наследство.
За книгата да се разбере, или треба да имате големо познавање за историскиот период во кој се одвива (кое јас го немам), или после читањето да гледате многу Youtube видеа и да читате "есеи" за да ја разберете (кое јас го правев). Ако некој ја читал или ја чита ќе ви ја препорачам Ellie Dashwood на Youtube доколку сакате да ја разберете суштината и се што пропуштивме ние кои читаме превод и кои немаме никаква допирна точка со Англија во раните 1800ти.
ПС. Би сакал само едно недоразбирање накратко да разјаснам, бидејќи доста често го видов/прочитав, а се должи на тоа дека, такви закони/начини на наследство овде ние немаме, а со тоа ги немаме и зборовите и термините за тоа. Кај нас наследство е наследство и точка. Од тука сакам да кажам само дека, сестрите Бенет не можат да го наследат имото на татко им, бидејќи така одлучило семејството (најверојатно г-дин Бенет и неговиот татко). Имотот не е лично негов, туку е фамилијарен и може тој да го користи доживотно, но не смее да му ја намали неговата вредност. Во договорот за наследство е предвидено да го наследи неговиот син, кој никогаш не се родил и во тој случај ако нема син имотот ќе му припадне на г-дин Колинс. Немало никаква законска пречка неговите ќерки да го наследат имотот, како што често се пишува, затоа што биле женски, туку затоа што така било договорено од претходната генерација, како што напишав најверојатно меѓу г-дин Бенет и неговиот татко. Жените во тој период можеле да поседуваат и наследуваат имот. Пример леди Кетрин и нејзината ќерка. Едната во моментот е сопственичка на имотот и ги добива приходите, а другата ќе го наследи.
 
3. Крадачка на книги - Маркус Зусак - 9.5

Ова не е обична книга, ова е ремек дело. Уште една книга која има моќ народски кажано “да те акне од земја“. Премногу работи ми се допаднаа во книгава, па ќе почнам од наједноставните. Ми се допадна смислата на хумор што се провлекува постојано, целата раскажувачка едноставност низ не така едноставни ситуации и времиња, ми се допаѓа контрастот меѓу животот и смртта, симболиката со смртта да е единствен сведок на се и единствен раскажувач на настаните, но најмногу од се ми се допаѓа тоа што постои книга во која главната идеја е значењето на книгата како физички предмет и тоа како истата може да не спаси ментално, а во случајов и буквално физички. Идеја која ја гаиме и ние тука сите кои пишуваме на темава, читаме книги и ни значи пишаниот збор како водилка во животот. Ова дело не може никого да остави рамнодушен, многу сум среќен што имав можност да ја прочитам книгава. Не замерувајте, јас секогаш обратно, прво импресиите, па кратка содржина. Во книгата се опфаќа воениот период и животот во хитлерова Германија, настаните се гледаат низ призмата на едно девојче кое постојано губи, но и постојано наоѓа среќа и потик да продолжи понатаму во навидум незначителни работи како читањето книги. Опфатен е тинејџерскиот период низ кој проаѓа тоа мало девојче со име Лизел, различните ликови со кои се соочува, созревањето, опасноста која демне насекаде, се доловува идејата за другарството, скромноста, трпението, приврзаноста, љубовта. Романот изобилува со ликови кои се многу интересни за анализа како Руди, Илса Херман, Ханс, секој од нив остава длабока порака и дел пренесен од сите нив може да се најде во оформувањето на карактерот на нашата хероина Лизел. Најтопла препорака!
 
Последно уредено:
1. The Odyssey - Homer ★★★
2. Project Hail Mary - Andy Weir ★★★★★
3. Трипати Взори - Алесандро Барико ★★★½
4. Piranesi - Susanna Clarke ★★½
5. Stoner - John Williams ★★★★★
6. The Bell Jar - Sylvia Plath ★★★½
7. Мистериозниот Странец - Марк Твен ★★★½

8. Ignorance - Milan Kunderа ★★★

Ithaka, за некој мајка за некој маќеа? Одисеј копнее да си го виде родното место дури и по цена на вечен живот како награда, но родното место за него е непрепознатливо, тој е веќе заборавен од неговиот народ, напуштен и предаден од пријателите, дури ни жена му не му верува од прва дека е тој, и дека вистински вратен. А таа за него беше тоа што беше Peny за Desmont од LOST - константа (прекрасна епизода, ја пуштам само неа понекогаш). Одисеј ита кон, пази, Итака да се врати во истиот живот што го напуштил, после поминато многу години изгубен на море. Но, времето ја јаде состојбата која очајно сакаме да ја замрзнеме и чуваме во нашите сеќавања. Како да не е фер што животот и времето тече кога ние повеќе не сме таму да тоа го сведочиме. Така настанува носталгијата. Одисеј своевидно победува во неговата авантура назад. Ирена и Џозеф од книгата на Kundera би рекол не толку.

Во Ignorance следиме двајца емигранти, Ирена и Џозеф. Ирена емигрирала во Парис а Џозеф во Копенхаген поради комунизмот, но се враќаат дома, во Прага, после 20 години кога комунизмот паѓа. Џозев и Ирена имале кратка врска во годините кога се човек се оформува, но поради недозреаност раскинуваат и секој продолжува по својот пат, иако таа во афект пробува тогаш да се самоубие како доказ за нејзината љубов. Ирена оформува фамилија, но сопругот умира, децата пораснале и фаќаат нивен пат. А исто и Џозеф, неговата сопруга исто така умира и тој е вдовец кога се враќа назад во Прага. Книгата си игра со сеќавањата и како за иста случка луѓето имаат различни сеќавања, си игра со идентитетот, со чувството на припадност. Самиот како емигрант беше интересно да читам за тие чувства на непрепознатливост поради промените кои времето ги наметнува врз родното место, врз фамилијата, пријателите како што годините одминуваат. Тешко е да се чувствуваш гостин таму каде што си израснат, а дома да го нарекуваш местото кое за тебе нема некое посебно и интимно значење во некој сосема нов град, како сега Амстердам. Ирена се чувствува несфатено од пријателите, изгубена во својот град, а исто и Џозеф, не ги наоѓа очекувањата од својот брат, од своите пријатели бидејќи и двајцата емигранти забораваат дека иако емигрантите се соочуваат со своевидни страдања, така и тие што остануваат назад исто имаат маки и страдања и борби и не треба да се има очекувања да сите се интересираат за нив, особено сега кога навидум животот се враќа во некоја долго очекувана нормала по пад на комунизмот. И наоѓаат, или бараат, засолниште еден во друг. Интересно ми беше да ја читам книгата бидејќи Одисејата е носечка тема и споменувана често, а јас ја читав и неа оваа година, а исто така и Прага еден период ја нарекував дом. Она што ми се допадна беше интроспекцијата, темите како сеќавања, носталгија, припадност. Знае авторот да објасни нешто толку поетично што самиот никогаш не би можел да го воопшто изустам. Тоа што не ми се допадна е како се развиваше приказната откако ја постави основата. На момент изгубив интерес за драмата, но тоа сакам да го оправдам тоа дека бев малку и зафатен кога ја читав книгата, и можеби беше само умор од читање при крај. Сепак, оценувам по крајно чувство, и иако почна пресилно и ветувачки, а Kundera убаво ме има повредено во претходните книги, овојпат откако ја завршив не бев особено импресиониран.
 
1000030139.jpg


1. Пол Остер - Левијатан

Не беше она што си замислив кога ја купував, но е книгата која ми ја врати желбата за читање.
Книгата започнува со смртта на еден од главните ликови, кој патем е писател и посета на ФБИ кај неговиот најдобар другар кој истотака е писател (причината за посетата на ФБИ ја дознаваме на крајот)
Делува како трилер на почеток, но иако има трилер моменти, сепак ова повеќе ми се виде како драма.
Приказната се врти околу овие двајца писатели кои имаат различни карактери но делат многу нешта па и жени. Фалеше уште да се опнат на последната средба.
Има обид и да се претстави нешто како отпор на системот но пак, ова повеќе делуваше на семејни драми отколку фак д систем.
Не е лоша за читање но не е книга која долго ќе се врти во мојата глава. Не оценувам книги но ако би оценувал тука би било 7/10. Добра е за релаксација.
 
После решени неколкумина случаи со Поаро, се вратив на „coming of age" жанрот, поточно со насловот The outsiders на S. E. Hinton кој подоцна добива и своја екранизирана форма.

20260309_162525[1].jpg
 
[...]


Следна е: Benjamin Langer - Fremde, ferne Welt. Mazedonienimaginationen in der deutschsprachigen Literatur seit dem 19. Jahrhundert

Авторот е Германец кои има преведено дела на Македонски автори на Германски, на пример од Влада Урошевич - Мојата роднина Емилија.

На 30% сум ќе пишам кога ќе завршам.

Едвај ја дочитав, не поради квалитетот туку ради стилот кој е научен како доликува на една дисиртација. Сепак далеку од потрошено време напротив за мене лично доста информативна и корисна. Мала рецензија од мене:

Книгата „Fremde, ferne Welt: Mazedonienimaginationen in der deutschsprachigen Literatur seit dem 19. Jahrhundert“ од Benjamin Langer е научна студија која се занимава со тоа како Македонија била опишувана и замислувана во германскојазичната (Германија и Австрија) литература од 19 век па до денес. Авторот анализира патеписи, литературни текстови и други пишани извори во кои се споменува регионот Македонија. Од тие текстови се гледа дека многу автори ја гледале Македонија како далечно и малку познато место (дури и на погрешно место ја лоцирале) на периферијата на Европа, па често ја опишувале преку стереотипи – како егзотична, дивa или политички нестабилна област. Книгата покажува како со текот на времето се создавале такви претстави и како тие влијаеле врз начинот на кој читателите во германското говорно подрачје ја замислувале Македонија. Преку Карј Мај, па воена литература од двете Светски Војни се до Петер Хандке.

Книгата е докторска дисертација што авторот ја одбранил на Freie Universität Berlin и подоцна е објавена како книга во 2019 година. Таа има околу 300 страници, користи многу извори, и е поделена на десет тематски поглавја во кои се разгледува како се менувале претставите за Македонија низ различни историски периоди. Авторот покажува дека овие претстави често биле противречни: Македонија понекогаш се прикажувала како опасна и заостаната, а понекогаш како романтично место полно со херои и авантури. Периодот до 1945та, делата беа делумно колонизаторски настроени, Македонија опишана како плодна земја која во рацете на Германија би станал рај. Иако е научен труд, книгата е интересна затоа што првпат систематски ги собира и анализира овие различни слики за Македонија во германската литература од 19. и 20. век.

Benjamin Langer, е германски литературен научник и преведувач (роден 1976 година). Поврзан е со Македонската култура затоа што преведувал повеќе дела од Македонски автори на германски и за таа работа во 2017 година бил награден од МАНУ. Се гледа, дека интересот за Македонија не е само научен туку и личен. Книгата може да биде интересна од историски аспек, иако не е историски труд. Фокусот е повеќе на тоа како Македонија и и народот во Македонија е гледан и опишан во Германија низ тоа време, кога личните контакти меѓу двете народи за разлика од денес, не постоеше. Односно постоеше само кога Германската армија стапи во Македонија. Авторот исто добро покажува дека описите треба се резерва да се земат оти се субјективни пишани од аголот на авторите дури од автори, кои не ни стапиле во Македонија. Ама со нивните пишувања сепак создадоа слика кај Германците за Македонија и Македонците во тоа време.

Не знам како да ја проценам. Содржината и кавлитетот секако 5/5. Стилот и течноста на читање 3/5. На крај 4/5 е фер проценка.


Следна е "Wolfgang Herrndorf - tschick", (2010) случајно ми падна врака и е една од најуспешните книги во последните децении во Германија.
 
Ја прочитав Tschick од Wolfgang Herrndorf и морам да кажам дека книгата навистина ме изненади колку е добра. Иако формално се води како младински роман, мислам дека одлично функционира и за возрасни читатели. Стилот е многу лесен и природен, па страниците буквално се вртат сами. Јас ја почнав без некои големи очекувања, а на крај ја завршив за еден ден. Ретко ми се случува книга толку брзо да ме вовлече.

Приказната ја следи Маик, прилично тивок и повлечен тинејџер од Берлин, кој се чувствува како аутсајдер во училиштето и дома има доста проблематична атмосфера. Во класот доаѓа нов ученик – Чик, тинејџер со руско потекло кое сите го сметаат за чуден. Наместо типичен летен распуст, двајцата случајно се задружија и одлучуваат спонтано да тргнат на патување со украден автомобил Лада, без мапа и без вистински план. Од тука почнува нивната авантура низ источна Германија, со разни необични средби и ситуации. На моменти е многу смешно, на моменти малку тажно, но цело време има некоја искреност во начинот на кој се прикажани ликовите и нивното пријателство. Патувањето постепено станува приказна за растење, за прифаќање на себеси и за тоа како понекогаш најнеочекуваните луѓе стануваат вистински пријатели.

Мислам дека не е случајно што романот доживеа толкав успех. Tschick со години е многу читан во Германија, често се чита и во училишта, а има и филмска адаптација. Дел од шармот е токму во едноставниот, жив јазик, автентичните диалози и во тоа што приказната делува многу реално – како нешто што навистина би можело да им се случи на неколку тинејџери што едноставно решиле да побегнат од секојдневието. Мене лично многу ми се допадна токму таа комбинација на хумор, авантура и малку меланхолија. Ако барате книга што се чита брзо, но сепак остава впечаток, мислам дека Tschick е одличен избор и без проблем би ја препорачал. 5/5 без сомневање.

Интересно што има и Македонска верзија која, ако случајно ја најдете, без сомнение треба да ја земете.



1773523492798.png
 
Ја прочитав Tschick од Wolfgang Herrndorf и морам да кажам дека книгата навистина ме изненади колку е добра. Иако формално се води како младински роман, мислам дека одлично функционира и за возрасни читатели. Стилот е многу лесен и природен, па страниците буквално се вртат сами. Јас ја почнав без некои големи очекувања, а на крај ја завршив за еден ден. Ретко ми се случува книга толку брзо да ме вовлече.

Приказната ја следи Маик, прилично тивок и повлечен тинејџер од Берлин, кој се чувствува како аутсајдер во училиштето и дома има доста проблематична атмосфера. Во класот доаѓа нов ученик – Чик, тинејџер со руско потекло кое сите го сметаат за чуден. Наместо типичен летен распуст, двајцата случајно се задружија и одлучуваат спонтано да тргнат на патување со украден автомобил Лада, без мапа и без вистински план. Од тука почнува нивната авантура низ источна Германија, со разни необични средби и ситуации. На моменти е многу смешно, на моменти малку тажно, но цело време има некоја искреност во начинот на кој се прикажани ликовите и нивното пријателство. Патувањето постепено станува приказна за растење, за прифаќање на себеси и за тоа како понекогаш најнеочекуваните луѓе стануваат вистински пријатели.

Мислам дека не е случајно што романот доживеа толкав успех. Tschick со години е многу читан во Германија, често се чита и во училишта, а има и филмска адаптација. Дел од шармот е токму во едноставниот, жив јазик, автентичните диалози и во тоа што приказната делува многу реално – како нешто што навистина би можело да им се случи на неколку тинејџери што едноставно решиле да побегнат од секојдневието. Мене лично многу ми се допадна токму таа комбинација на хумор, авантура и малку меланхолија. Ако барате книга што се чита брзо, но сепак остава впечаток, мислам дека Tschick е одличен избор и без проблем би ја препорачал. 5/5 без сомневање.

Интересно што има и Македонска верзија која, ако случајно ја најдете, без сомнение треба да ја земете.



Прегледај го приврзокот 472201
Оваа е од оние random pick кои упалија доста солидно во читачкава кариера. Мислам има и екранизација истава книга.
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom