Вчера бев на концерт на Ареа и одлични си беа како и секогаш. Од тој бран на поп рок групи кои пикот го имале во 00тите, Ареа ми се убедливо на прво место, пред Нокаут би ги ставил во било кое време. Е сега имаа дечкиве гостин (иако немаат никаква потреба од него), наречен Јанг Деди (не знам дали е инспирирано ова од Паф Деди силувачот), но гостинов воопшто не се вклопи во атмосферата. Ептен беше исфорсирано, ниту се слушаше што мрмља, а и енергијата не беше на иста фрекфенција, ниту таа таргет публика што е претежно 25-45 години на Ареа е истата таргет публика што го слуша Јанг Деди (10-21). Дури и проба Ружица да рапува исто неговиот дел да ја спаси малце атмосферата, ама генерално мене ми беше незгодно да го слушам, а не знам како ли му било него таму, скроз вишок. А и целата таа соработка ми е несфатлива, не дека не може два жанра различни да направат добра соработка, еве песнава Океани на Некст Тајм и Слаткар ми е добра, ама оваа соработкава меѓу Ареа и Јанг Деди на песната “Очи ангелски“, со додавање само некој трап дел ми е сквернавење на песнава и воопшто не ми се вклопи. Како и да е, браво за Ареа, баш вчера видов дека Ружица е 57 години (Јанг Деди и посака битно уште барем 50 години да се активни), си тераат 30+ години истиот стил музички што си го започнале, активни постојано, нова музика си вадат, концерти си прават, да му е мерак на човек да ги поддржи. Пример се за сите како треба и дека може нешто македонско да опстои и успее, доколку истото вреди.
Патем јас пораснав и се пронајдов највеќе во друг музички правец меѓу македонските групи, а тоа беа рап настапите во Македонија, предводени од Легијата, кои замреа некаде пред 10 години и денес ништо од тоа нема. Артистите се преселени, луѓето со кои си одел се преселени, кога ќе ми текне само дека цело друштво и машки и женски ќе отидевме на некој настап Хавана, МКЦ, парк, ти одиш за шутка, жива вода да се направиш, сите песни ги знаеш од а до ш, срце 200 лупа, со некои рандомци во први редови си што првпат ги гледаш, а се однесувате како да сте побратими, остатокот од друштвото позади си седи си чека некоја песна да знае, некој ќе улета во шутка на некоја минута, ќе си испијат пијачка, на крај сите среќни задоволни. Останаа само убавите спомени за време кое никогаш нема да се повтори, но убаво беше да си дел од целото тоа движење.