А што е всушност целта на тоа здружение? Што добиваат писателите со членство во здружението?
Тоа е уште една тема за полемика: постои една група македонски писатели, некои од нив и навистина реномирани имиња, еве како пример
@Варвара горе ги спомна Иван Шопов и Ѓоко Здравески, други на кои мене ми текнува: Румена Бужаровска, сега веќе покојната Лилјана Дирјан и многу други одбиваат да се зачленат во ДПМ, а една од причините е токму тоа што баш ништо не добиваат. ДПМ е буквално здружение на граѓани, како совет на зграда или совет на родители на деца во градинка, на пример. Непрофитна организација е, финансии црпи исклучиво од проекти за кои аплицира на повиците од Министерството за култура, исто како и издавачките куќи што аплицираат. Дури и за тие награди кои ги спомнав од погоре, аплицира на конкурсот на Министерството, и Министерството одвојува одредени суми за тие награди. Значи не дека некој, било кој, може да се офајди многу од членството или претседавањето со Друштвото.
Зошто тогаш се зачленуваат? Прво: ДПМ има глупаво правило - за годишните награди кои ги спомнав погоре можат да аплицираат само неговите членови. Значи некој кој не е член на ДПМ не може да се бори за наградата Стале Попов за најдобро прозно дело во изминатата година, на пример. Не дека и со тоа би добиле којзнае што материјално, но голем плус е самото тоа што делото ја добило наградата, дури и само плакета да има добиено со тоа. Еве пример: романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски кој ја освои наградата Стале Попов за 2022, мислам дека доживеа дури 5 изданија, што не е мала бројка за наши услови, дури и 500 примероци да се во 1 тираж. Издавачите го користат името на наградата за дополнителен маркетинг, и тоа пали кај читателите. Второ: самото членство во ДПМ треба да импонира, зашто тоа друштво го имаат основано имиња кои се буква А во македонската книжевност. Самото тоа што некој е член во друштво што Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов го создале треба да е доволен за еден писател, само како што реков - тоа друштво веќе го има изгубено и сјајот и е далеку од причините за кои било создадено. И трето: реков - друштвото организира културни манифестации на кои членовите би требало да имаат покани, полесно да се запознаени со културните настани во државата, и слично.
Инаку - Христо им направи и членски карти со кои имаат попуст во МНТ, Литература.мк и неговата Феникс.