Ја прочита до крај?
Кажи крајот како ти се допадна.
Неочекуван.
Тука ќе ти одговорам на прашањето. Секако, коментарот ќе биде полн со спојлери.
Солидно трилерче, убав почеток, фантастично возење се до оној момент кога ја наоѓаат торбата, и да, очекуван крај. Иако очекував она да му да даде меѓу рогови, да бидам искрен.
Малку да го разглобиме. Не ме интересира што сакала писателката да каже, туку како јас ги перцепирам нештата. Ќе започнам со секое поединечно затворско интервју. Има градација, започнувајќи од најлесното кривично дело, учество во јавни немири и случајна пироманија. Млада и бунтовна девојка, ја понела толпата и лошото друштво и на крај завршува во матни води. И пред камерата се претставува како лоша девојка која има големи планови (кои ќе ги видиме буквално на последната страна од книгата). Таа е единствената која е претставена како негативец. Зошто? Дали сите, еднакво, ја цениме слободата? Што правиме со истата кога ја имаме? Затворската ресоцијализација и психата на криминалецот се посебна тема, која се гребнува во самата книга.
Второто интервју е жена која копнее по својот живот, жена која сака да стане мајка, а подоцна и станува, и жена која завршила зад решетки поради убиство од благородни побуди. Целта на самиот документарец беше "што со слободата?". Дали може животот да си го вратиме назад? И кој живот?
Последното интервју, Еди или Енди, кој завршил во затвор поради перење пари! И зад решетки го има градот на дланка, но сѐ што сака е својата ќерка. За чудо, и тој е претставен како позитивен, дури и од нараторот...само не од неговата ќерка! Сите тие приказни не се ставени без причина.
Авторката не посветила многу внимание на описите, но посветила на чувствата. Страна по страна, перцепцијата е дека Ерин е опиена со љубовен парфем, па дури и на самиот крај кога светот ѝ се руши, покрај сета таа горчина, покажува чувства кон Марк. Љубовно трилерче!
Премногу тупење за дијамантите. Премногу. Тука слободно можела да изостави некое поглавје.
Имаше доста трошки и очекував многу сличен крај. Повторно, солидно трилерче, не баш по мој вкус, но поминува. Сега читам нешто друго.
Сакам да останеш на форумов и да ми препорачуваш повеќе книги. Да, вистина, имам доста пропуштено, и за тоа си имам и причина, но ќе се обидам да надокнадам.