Отворените советнички листи со праг од 3 отсто ниту ќе ги демократизираат партиите и општеството, ниту советниците ќе бидат по мерка на граѓаните, само ќе создадат конфузија, а можно е и во новите совети да има малку или воопшто советници од помалите партии. Вака предложените измени на Изборниот законик во делот на отворените советнички листи е по теркот на големите партии, сметаат ЛДП, ДОМ, ДС и ВМРО-Народна партија. Тие потенцираат дека се за отворени листи, но без праг и забележуваат дека клучни измени на Изборниот законик не се носат во пресрет на избори.
– Го поддржуваме предлогот за отворени советнички листи, но да нема цензус. Тој што ќе добие глас повеќе, да влезе во советот. Ако има праг, тој да биде од освоените гласови на партијата, а не цензус од вкупно запишаните гласачи. Така е невозможно да се добие советник. Советник ќе треба да освои и над 2.500 гласа. Ако толку треба за советник, тогаш тој нека стане градоначалник! Поентата на отворените листи е советниците да се натпреваруваат во рамките на листата на партијата, а не како што е предложено сега со сите кандидати за советници од сите партии. Ваквиот предлог не е отворена листа туку манипулација, бидејќи од помалите партии нема претставници во советите – вели претседателот на ЛДП Горан Милевски.
И коалициската партнерка на Милевски, претседателката на ДОМ и пратеничка, Маја Морачанин, смета дека прагот од 3 отсто на запишани гласачи е многу висок.
– Со ваквиот предлог, кој е прифатлив за големите партии тие повторно ги фаворизираат своите советнички листи. Минимални се шансите некој што е подолу на листата на помалите партии да влезе во советот. Ваквиот предлог не е демократизација на партиите и на општеството. Ако има праг, тој да биде за листата. Советниците од иста партија да се натпреваруваат и во советот да влезат тие кои граѓаните сметаат дека најдобро ќе ги претставуваат на локално ниво, односно да има шанса да биде избран кандидатот кој е да речеме 11-ти на листата. Вака како што е предложено, се натпреваруваат советниците од сите партии – вели Морачанин.
Пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, смета дека ако се прифатат измените на Изборниот законик за отворени листи со цензус од 3 отсто од запишаните гласачи и примена на Донтовиот модел за утврдување на редоследот на советничката листа, тоа ќе направи целосна конфузија, ќе има многу неважечки ливчиња и изборите ќе бидат нерелевантни, а советите нема да ја одразуваат волјата на граѓаните.
– Се гласа за партија или за коалиција, но и за еден од кандидатите за советници што е во ред, но гласачкото ливче е важечко и ако се гласа за повеќе кандидати. На кој советник ќе му припадне гласот? – прашува Трајанов.
Тој посочува дека е нејасен делот и за рекламирањето на партиите. Дали коалицијата ќе добива време во медиумите или сите партии подеднакво, односно кандидатите за советници.
Што ќе се случи ако некој од советниците се повлече, кој ќе влезе на негово место и од која партија? Според мене, ова е лош проект, со прикриена намера да ги исфрлат помалите партии. Сметам дека претстојните избори треба да се организираат по постојниот закон, а промените да се одложат за 2025 година – вели Трајанов.
Партијата на Љубчо Георгиевски, ВМРО-Народна смета дека отворените советнички листи со праг од 3 отсто ќе ги збришат помалите партии.
– Законот кој беше инициран со мотивација како да им се помогне на малите партии на крајот ќе заврши со цел како да се избришат малите политички партии. ВМРО-Народна партија смета дека отворените изборни листи ќе направат невиден хаос во изборниот модел во кој македонската демократија уште повеќе ќе биде девалвирана. Затоа ВМРО-Народна партија смета дека можеби е најдобро да остане Законот таков каков што беше и досега – велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се за отворени советнички листи, но додаваат дека се флексибилни за дополнително усогласување на прагот.
Од Министерството за правда во одговор за Плусинфо не се прецизира дали ќе се туркаат вака предложените измени на Изборниот законик или се подготвени да прифатат некои од сугестиите на помалите партии. Нема прецизен одговор ни дали за измените на Изборниот законик ќе се бара консензус од сите партии.
– Работната група формирана од Министерството за правда изминатиот период одржа повеќе состаноци со претставниците на политичките партии за да се разговара за евентуалната промена на Изборниот законик. Задоволни сме што сите партии, поголемите и помалку бројните, активно учествуваат во процесот на разговори кој сè уште трае. Сметаме дека овој процес треба да биде инклузивен и поради тоа на состаноците беа поканети и претставниците на партиите на помалку бројните етнички заедници. Сите партии се согласија дека треба да се имплементираат препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Разговорите продолжуваат во конструктивна атмосфера како и досега, со цел наоѓање решение кое ќе добие најголема можна поддршка од партиите – велат од Министерството за правда.
Законските измени за кои партиите преговараат, предвидуваат дека „гласачкото ливче за членови на Совет е важечко доколку во првата колона од ливчето е заокружена само една листа на кандидати и во втората колона само еден реден број“.
„Доколку редниот број на некој од кандидатите добил гласови од над 3 отсто од вкупниот број запишани гласачи во избирачкиот список на соодветната општина, односно кандидатот што има добиено најмногу гласови од оние што имаат добиено над 3 отсто, тој ќе се помести погоре на листата сразмерно со бројот на добиени гласови, после што ќе се применува Донтовиот модел“, се наведува во предлог-законските измени.