Во Османлиската Империја (нај)угледните, т.е. највисоките претставници на власта, меѓу кои се вбројувале и везирите, а посебно големиот везир, често, поради една или друга причина, паѓале во немилост. Но бидејќи не било културно такви величини да се заколат како свињи, или да се расчеречат, односно јавно да се обесат и слично, било изнајдено поелегантно, подискретно решение: ги давеле со гајтан од свила, која, нели, била скап материјал, таман за везирот, кој не залужил ништо помалку (секако, можеле да му ја пресечат главата со златна секира, да го набијат на сребрен кол, ама изгледа не се сетиле). Поради одредени причини, не е познат ставот на везирите и другите великодостојници во однос на ова искуство.
Денес, оваа фраза има побенигно значење (освен, можеби, во некои малку потурски и слични краишта) и се однесува на мерка или мерки преземени да се симне некој од одредена позиција (политика, бизнис, итн.), без ептен очигледни потреси и превирања, на еден попрефинет начин.