Пред две години секој ден патував од Гостивар за Скопје и обратно со „Дурмо Турс“. За враќање секогаш го користев терминот од 16:15, односно баш истава линија во која што се случи несреќата. Со оглед на тоа што веќе со години, секогаш се возам со „Дурмо Турс“, би сакал вака од лична перспектива да дадам коментар.
Не сум експерт од таа област, не знам што се случило со автобусот, не знам колку редовно биле сервисирани. Од User Experience можам да гарантирам за професионалноста на возачите, за хигиената, за точноста на автобусите.
Автобусите ги возат Македонци и Албанци (Компаниајта е на Албанец). Сите се добри луѓе и сите се, барем за наши стандарди, професионалци. Иако не ги познавам лично, сите шофери ги почитувам многу. Цел Гостивар праќа разни писма, торби за студенти преку нив, шоферите и компанијата не бараат ниту денар за таа услуга. Неколку пати дури и точакот го имам пренесувано со нивните автобуси, без никој да ми каже збор.
Многу долго се возам со нив, знам дека никогаш не се пречекорува брзина. Никогаш не се дозволува претовар со патници и секогаш во најфреквентните линии се пушта + уште еден автобус. Автобусите нормално, со текот на времето им застареа, иако далеку од тоа дека автобусите се канти. Сум се возел со многу компании, ама „Дурмо Турс“ увек сум ја сметал за одлична компанија кога станува збор за македонските стандарди на јавен превоз. Тука подвлекувам линија за компанијата.
Засега 14 познаници, братучеди на најдобри другари и соседи ги загубив лично јас, ама трагедијата го погоди и цел Гостивар, сепак за мал град станува збор. Во автобусите се возат сите националности, односно сите гостиварци, па затоа од старт крајно примитивен ми е самиот муабет кога некој ќе рече загинале толку Македонци и толку Албанци. Како и да е, знам дека трагедијава нема да му ги отвори очиве на еден така примитивен народ, заслепен од простотилук и омраза, иако цела Македонија и цел Балкан виде дека сите во автобусот крвареа исто, сите солзи имаат иста тежина.
Јас сум пораснал меѓу Албанци и фино ги знам што народ се. Народ со ненормално голема емпатија. Се дешавале разни глупости меѓу двата народи, сме се тепале, мразеле, навредувале, ама во лош момент, Албанецот ти излага во пресрет со цело срце. Не треба јас да кажам, има илјада видеа на кои се гледа како луѓето се убија за да ги спасат жртвите, викнаа приватни багери и со приватни коли ги носеа жртвите.
Искрено сочувство до сите семејства на загинатите, ова е премногу голема трагедија. Премногу голема за да ги спомнам Миленко и Ванковска, ама и сите други кои се ситеа на хороров. Сите што ги браните монструмиве или што во најмала рака сакате да ги оправдате, дали сте се запрашале како е да ви кажат дека вашиот син доживеал сообраќајка. 5 саати да го барате од болница во болница и на крај да ви кажат дека е во судска медицина? Да се тресеш дали другарот завршил со факултетот и се качил во автобусот во 15:15 или 16:15? Се надевам дека кармата ќе проработи.