Love in the Afternoon (1957)
Со филм на Били Вајлдер никојпат нема лош помин. Еден од авторите кој се има испробано и докажано во бројни жанрови иако можеби најпознат е токму по вакви романтични комедии. Така е и со овој наслов. Одлично сценарио, фантастични споредни ликови и ситуации како и сите останати кинематографски елементи. Филмот потсетува на комедиите на Лубич, има и некои слепстик елементи, а уште повеќе заради улогата на Шевалие.
Не знам за другите, но мене Одри во сите филмови ми е иста. Како да го игра буквално истиот лик од „Празник во Рим“, „Сабрина“, „Појадок кај Тифани“, „Мојата убава дама“ итн. Истата слатка (навидум) наивна девојка, која е во потрага по (постар) маж од високата класа. Точно, плени со својата појава на екранот, тука нема збор. Можеби затоа и успева да мине цело време со истиот лик. Купер супер се снаоѓа во улогата на богат женскарош.
Ако почнеме да анализираме мотиви и карактери, може да се најдат куп недоследности, но ваквата анализа ќе е несоодветна за овој филм. Не барајте ни морална поука.
Се на се, гледлив филм убаво раскажан со убаво вметнати ненаметливи комични елементи.
7/10