(3)
Ретроактивно и со солидна политичко-правна емпирија може да се констатира дека во однос на Бадинтер, се направија два сериозни превида, кои, секако, не беа баш рекламирани ниту на прославата на 15 години Рамковен.(А) Првиот превид дојде до израз во 2004 година а се затвори набрзинка како „дупка" , исто на правно дубиозен начин, во 2005. Имено, станува збор за тоа што при договарањето на Бадинтер воо Рамковниот процес се направил превид во однос на уставните аспекти на релацијата закони по Бадинтер – (референдумска) граѓанска иницијатива – референдум. Па кога со танталови маки се донесе Законот за територијална организација , ДПМНЕ, иако беа политички најдемократски тинтрани во однос на консултирање и преговарање за законските решенија, незадоволни од конечната верзија, заедно со многумина од граѓанство, си собраа 150 000 потписи и , по сила на устав, предизвикаа референдум за законот. Сите ја знаете приказната, законот се спаси, по тешка рововска битка на терен (дефинитивно најтешката и до бесвест истоштувачка политичка кампања во која сум учествувала), потрошени огромни пари, а и политичката сметка дојде две години подоцна, во 2006.
Потоа следуваше изгубената деценија, изгубените животи и изгубените генерации, изгубената Македонија 2006-2016. За сите политички субјекти, освен за ДУИ. Тие уште се во игра, со одговорност за ништо, со мува лазење за ништо, особено во однос на Македонците и сите неалбанци во државата со кои владееа по централните ресори и локално, и малтене над уставот и законот.
Тие се нашата фирер-партија. Во целата ситуација со референдумското изјаснување за Територијалната стана јасно дека не е логично и оддржливо од аспект на Рамковниот и изменетиот устав легалната цел за спречувањето на мајоризацијата со Бадинтер-гласањето во Собранието последователно да се поништува со евентуална етничка мајоризација со референдумскиот инструмент.
Тоа се „санира„ со нов Закон за референдум и граѓански иницијативи во 2005, каде се регулира за која материја не смее да се распише референдум, меѓу другото и за законите донесени по Бадинтер. Иако правната логика суштински е исправна на релација Бадинтер мнозинство-референдум, начинот на кој тоа се направи, е неуставен, бидејќи, и по слово, и по дух на нашиот устав (а и во споредбената европска уставност), ваквата материја на непосредно остварување на граѓанскиот суверенитет е уставна материја, вклучително и особено, ограничувањата во корист на посредното (преставничкото) остварување на граѓанскиот суверентет.